Налепници што ја подобруваат размената меѓу соседите

27.08.2014 11:47
Налепници што ја подобруваат размената меѓу соседите

Некогаш соседите слободно си тропаа на своите врати и прашуваа за позајмување разни работи, од шолја шеќер или кафе, до дополнителни столови или алат. Поврзаноста преку интернет во голема мера ги намали секојдневните физички контакти на луѓето кои го споделуваат животот во иста улица или населба. Pumpipumpe е проект на швајцарската дизајнерска група Meteor Collectif настанат во 2014 година, кој им помага на жителите во населбите и градовите поедноставно да разменувааат домашни апарати и на тој начин да го зголемат домашниот буџет, но и социјалната интеракција и поврзаност во заедницата. Споменатите дизајнери осмислиле налепници со илустрации на разни домашни помагала и алати кои се лепат на поштенските сандачиња за соседите да знаат кои работи можат да се понудат.

Идејата зад проектот е преземена од заедницата велосипедисти кои на ист начин лепеле сликички со пумпи за велосипеди, за да им дадат до знаење на оние на кои им е потребно дека можат слободно да чукнат на вратата и да позајмат пумпа. Така и проектот го добил своето име Pumpipumpe.

Оние кои сакаат да се вклучат можат преку интернет страницата на проектот да нарачаат пакет налепници, според својот избор. Секоја налепница е мал син квадрат со илустрација, како пумпа за велосипед, косилка за трева, кујнска вага, детски играчки, а може да се позајми и велосипед, па дури и пристап до интернет или свечен фустан. Налепницата залепена на поштенското сандаче му дава до знаење на секој познаник дека слободно може да чукне на вратата и да побара предмет со налепница. Налепниците се бесплатни за сите во Швајцарија и Германија, а поштарината од 4 евра се наплаќа за пратките кои се испраќаат во останатите земји.

Целта на проектот е да ги заживее односите во заедницата и повторно да воспостави општествена мрежа и тоа на начин кој е директен и по малку „старински“, но сосема недигитален. Самиот проект се финансира со доброволни донации, crowdfunding, а добредојдени се и нови идеи за ширење на понудата и подрачјата на размена. Подружници се отворени во Берн, Цирих и во Хамбург, а на фејсбук страницата на проектот се забележува дека заедницата за размена е доста жива и во Берлин и дека соседската размена стигнала до Монтреал.

За овој проект Meteor Collectif освои повеќе признанија; во 2013 година победи на германскиот Екодизајн во категоријата нови генерации, и освои второ место за наградата Green Product во истата категорија, а во 2014 година проектот Pumpipumpe освои прво место на SoSA Award Social Space Agency. Дизајнерскиот колектив од Берн во моментов работи на интерактивно мапирање на сите населби кои учествуваат во проектот Pumpipumpe.

Можеби Швајцарците се исклучително пријателски расположени кон соседите или само штедливи, со оглед дека во Женева е покренат и проект со кој во посебно дизајнирани кутии се оставаат непотребни работи, од книги до играчки, и едноставно им се препуштаат на другите да ги земат и користат. Прашање е како ваквите проекти би функционирале во нашата средина?

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

Општество / Активизам / Квир / Живот
Општество / Активизам / Живот / Филм
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Активизам / Графички Дизајн / Став / Живот
Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот

ОкоБоли главаВицФото