Проблемот е едноставен, Брацо

27.08.2014 12:54
Проблемот е едноставен, Брацо

Драг Брацо,

Проблемот е многу едноставен: ти се обиде да наместиш книжевна награда, ама идејата не ти помина. Просто, налета на материја што не ја познаваш.

Да ги оставиме страстите настрана, да ги упростиме работите, да ги соголиме до коска. Да ги сведеме само на сушта содржина. Да ја заштитиме вистината од манипулациите што се кријат зад метафорите. Така лишени од убавината на формата ќе бидеме здодевни и непримамливи за читање, но барем ќе бидеме кристално јасни. Оти таква е вистината: грда и здодевна. Ни јаде од џигерот сѐ додека не ѝ се поклониме.

Затоа, Брацо, јавно те замолувам да одговориш на неколку конкретни прашања:

Дали ти и Данило Коцевски, како членови на комисијата за доделување на наградата „Енхалон“, тајно, без знаење на Ненад Јолдески, третиот член на комисијата, ја донесовте одлуката за добитникот на наградата?

Дали вашата комисија, воопшто, седна заеднички, во полн состав, да ги разгледува пристигнатите песни на конкурсот и да разговара околу изборот на победникот или ти побара од Ненад Јолдески само да ја потпише веќе донесената одлука?

Дали е одлуката на една комисија валидна доколку еден од членовите одбива да се потпише поради очигледни неправилности во процедурата?

Дали ти јавно, неколку часа пред објавувањето на победникот, пред неколку личности, меѓу кои бев и јас, му се обрати на Виктор Јакимовски со зборовите: „Ти честитам, Виктор, ти си првиот поет во историјата на македонската книжевност кому му е одземена книжевна награда!“? Иако, денес е веќе очигледно дека не постоела валидна одлука на комисијата, бидејќи недостасувал потписот на еден од членовите. Просто е: награда што никогаш не била доделена не може да биде одземена.

Што се криеше зад овој твој јавен испад? Дали сакаше со тоа да го оневозможиш формирањето на нова комисија, свесен дека по избиениот скандал ретко кој би се нафатил да ја исправа работата?

Овде завршувам со преписката. Сѐ важно што имав да кажам кажав.

Срдечно,
Ѓоко Здравески

Сродни статии:

Ѓоко Здравески - НА АЧИК (Отворено писмо до Братислав Ташковски)
Братислав Ташковски - Уривајте за да бидете големи поети

Слика: Tenia

ОкоБоли главаВицФото