Како да не се користи мобилен телефон

27.08.2014 14:22
Како да не се користи мобилен телефон

Лесно е да се потсмеваш на сопствениците на мобилен телефон. Најпрвo, треба да се утврди на кои од петте можни категории припаѓаат. Во првата се хендикепирани, принудени да бидат во непосреден контакт со лекарот или итната помош. Нека биде благословена технологијата која ги стави на располагање овие корисни направи.

Во другата група спаѓаат сите оние кои заради важни работни обврски се во состојба на постојана готовност (водачи на противпожарни бригади, селски лекари, трансплантатори на органи во очекување на свеж леш...) За нив мобилниот телефон е нужна потреба и не претставува речиси никакво задоволство.

Третите се прељубниците. Тие првпат во историјата можат да примаат пораки од таен партнер кои членовите на нивната фамилија, секретарките или злобните колеги не можат да го уловат. Доволно е телефонскиот број да го знаат тој и таа (или тој и тој, таа и таа; не можам да се сетам на останатите можни комбинации). Сите три наведени категории го заслужуваат нашето почитување: спремни сме заради првите две да бидеме вознемирувани во ресторан или за време на погреб, а прељубниците се многу често дискретни.

Следуваат останатите две, ризични категории (за нив, и за самите нас). Во едната се оние кои не тргнуваат никаде ако немаат можност за фриволните работи да разговараат со пријателите и роднините од кои штотуку се разделиле. Тешко е да им се објасни зошто не би требало да го прават тоа: ако не им оди од рака да побегнат од таа принудна интеракција и да уживаат во моментите на самотија, ако не можат да се заинтересираат за она што го прават во тој момент, да ја искусат далечината бидејќи ја спознале блискоста, ако не можат а да не се расфрлаат со својата празнотија туку од неа прават амблем и знаме, па добро, тогаш тоа е проблем за психолозите. Ни пречат, но мораме да ја разбереме нивната страшна внатрешна сиромаштија, благодарни сме што не сме такви и простете им (не дозволувајте да ве обземе луциферска радост што не сте како нив, бидејќи тоа е горделивост и недостаток на милосрдие). Прифатете ги како свои блиски кои страдаат и пружете им го и другото уво.

Последната категорија е од личности кои секогаш сакаат во јавноста да остават впечаток дека се многу барани, особено заради работни консултации и разговори кои сме приморани да ги слушаме, на аеродромите во рестораните или возовите се однесуваат секогаш на парични трансакции, изостаната испорака на метални профили, обидите да се наплати испорачената партија на вратоврски и слично, поради што таквиот говорник звучи по малку како Бил Гејтс.

Поделбата на класи е груб механизам, па новиот богаташ, и кога заработува енормни суми, заради наследениот пролетерски жиг не знае како да го употреби приборот за риба, го става плишаниот мајмун на задниот прозорец на своето ферари, Свети Кристофер на инструмент-таблата на приватниот авион, или изговара манагмент; и затоа нема да биде повикан кај војвотката Гуерментез (а се прашува зошто кога има јахта доволно долга за да ги спои двата брега). Тие не знаат дека Бил Гејтс нема потреба од мобилен бидејќи има цел секретеријат, толку моќен и ефикасен што во најлош случај, ако умре дедо му, ќе му пријде возачот и ќе му го шепне тоа на уво. Моќен човек е оној кој не мора да одговори на секој повик, напротив, обично велат дека не е тука. И на ниско управувачко ниво, две работи го симболизираат успехот: клуч од приватен тоалет и секретарка која вели „господинот моментално не е во канцеларија“.

Затоа, оној кој се расфрла со мобилни телефони како симбол на моќ, објавува, напротив, дека е во безнадежно потчинета положба, приморан да скока на повиците дури и кога води љубов, секогаш кога претпоставените ќе го побараат, осуден да ги прогонува доверителите дење ноќе за да преживее, и самиот прогонет заради издадениот чек без покритие. Но, расфрлањето со мобилните телефони е доказ дека не ги знае овие нешта и потврда за неговата неспорна општествена маргиналност.

Извор: 6yka.com
Слики: Pawel Bajew

ОкоБоли главаВицФото