Странски инвеститор бара вработени што ќе платат да работат

28.08.2014 12:38
Странски инвеститор бара вработени што ќе платат да работат

Скопје, 28 август 2014

Странски инвеститор кој одлучил својот бизнис да го пресели во новиот бизнис-рај во Европа – Македонија, неделава ќе распише оглас со кој ќе отвори нови 500 работни места во нашата земја. На огласот нема да се бараат никакви посебни квалификации за идните вработени, освен да си го платат работното место.

„Чув дека во вашата земја владее голема невработеност и дека многу луѓе се подготвени да си го платат своето работно место. Некои плаќале и по 5.000 евра за вработување. Јас не работам така. Кој денес има 5.000 евра, а е невработен. Мене идните вработени ќе треба да ми плаќаат една минимална плата месечно. Фер понуда“, вели Џон Актор, новиот гринфилд инвеститор во Македонија.

Неговата фирма нема да се занимава со ништо посебно, а вработените ќе може да работат и од дома. Единствено што се бара од нив е да ја плаќаат минималната плата на својот газда редовно, од 1 до 15 секој месец.

„Чув дека Владата носи инвеститори кои македонскиот работник го третираат како роб. Црнчи по цели денови за неколку илјaди денари. Зошто работникот да не се чувствува како газда и на први да плати наместо да биде платен“, поентира Актор.

Извор: kozanostra.net