Поетот и трубадурите

28.08.2014 14:01
Поетот и трубадурите

Еден од составите во кои свирел Климе Садило

 

1.

„Балада“, една од најубавите песни на Бранко Миљковиќ, ја носи под својот наслов посветата: на охридските трубадури. Стихот на песната, нејзиниот рефрен - „Исто е да се умира и да се пее“ - ставан е честопати на истакнато место кога се пишувало за судбината на овој поет. И, додека рефренот ги искажува патиштата по кои поетот ќе дојде до својот иден судбински животен потег, посветата над песната нè враќа кон конкретниот поттик за создавањето на овие стихови, настанати во мигот на согледувањето на блискоста меѓу сопствената и туѓата судбина, во мигот на нивното проникнување.

2.

Некој одамна, не без склоност спрема романтика и спрема лесни воопштувања, ѝ дал на групата охридски свирачи име: охридски трубадури. Називот, во кој има нешто и од евтиниот сјај на туристичката реклама но и нешто од патината на Средоземјето што толку е блиска до патината на Охрид, останал и до денес. Според традицијата која го води своето потекло од XIX век, а можеби и од XVIII век, овие свирачи претставувале еден посебен минијатурен еснаф чии членови се грижеле за веселите мигови на Охрид. Свиреле и пееле на сите свадби и црковни слави, на семејни свечености и на државни празници, сè додека не станале задолжителен реквизит на стариот град над езерото, составен дел од неговата атмосфера и традиција. Ги свиреле и пееле своите песни - граѓанските песни на охридскиот XIX век полни со пожолтени спомени за деновите кога уважените граѓани се обрнувале еден на друг со „кир“ - и старееле. Се појавувале така, веќе остарени, на празниот и бел, речиси медитерански охридски плоштад покрај езерото, свечени и тажни, со своите инструменти, нестварни како восочни фигури, и минувале по него додека зад нив останувал мирисот на минатите времиња. Во некои мигови, додека се движеа низ градот, трошни од староста како и самиот град, со нешто во својот настап што ги правеше речиси свесни за својата анахроничност, се чинеше како да излегуваат од некое минато време. Всушност: заминуваа кон него.


Бранко Миљковиќ

 3.

Беше летото 1959 година кога Миљковиќ ги видел. Во Охрид се одржуваше Третиот југословенски фестивал на поезијата и за учесниците на фестивалот беше организирана прошетка со брод по езерото. На бродот, по капетанскиот мост, седеа охридските трубадури, тие четири старци во црни, по малку излитени костуми, и ги пееја своите песни за љубовните патила на Деспина и на кир Костаки. Свртувајќи му го грбот на шаренилото на фестивалските разговори, Миљковиќ сето време остана покрај свирачите. Рефренот на идната песна на Миљковиќ сигурно веќе се раѓаше, зашто беше толку очигледен: четрите старци, чија песна одекнуваше над езерото, имаа заедно околу двесте и седумдесет години. Бродот пловеше низ езерото, низ летниот пладневен блесок, а Миљковиќ, не забележувајќи ги пејзажите што минуваа во чудесна врволица, фасцинирано ги слушаше старците во црно. Се раѓаше веќе, сигурно, неговиот емфатичен извик:

Пејте, прекрасни старци, додека над глава
се распрснуваат ѕвездите како метафори!

Старците-свирачи благонаклоно се насмевнуваа и продолжуваа да свират, додека Миљковиќ, сиот исполнет со весел вознес, ја земаше, со хуморна палавост, од главата на едниот од нив црната, старомодна паларија и ја ставаше на својата.

4.

Потоа настана песната. Миљковиќ со зборови полни тежина ги изрече своите поразни вистини за опасната близина на убавината и смртта, за заканувачката енергија што за поетот се крие во поетската реч. Во „Балада“ Миљковиќ ги амалгамира во едно, во мигот на откровението, своето дотогашно поетско искуство и својата идна судбина. Во „Епитафот“ подоцна ќе напише: „Ме уби премногу силен збор“. Во „Балада“ тој веќе ги насетува подмолните врски што постојат меѓу создавањето и уништувањето, ја открива темната заднина на ритуалот кој се состои во служењето на убавината. Во стиховите што завршуваат со рефренот „Исто е да се умира и да се пее“ тој ја изречува судбината на поетот воопшто, ја антиципира својата идна животна патека, но не ја заборава ни судбината на оние што во мигот на средбата го донеле до сознанието, и над песната ја става посветата: на охридските трубадури.

Виолината на Климе Садило, која по долгогодишно чување, семејството ја предаде на Охридскиот музеј, заедно со утот. Инструментот е купен 1913 година во Битола од семејството Лозанчеви.

5.

Неполн месец по трагичната смрт на Миљковиќ (за оние што ја сакаат точноста: на 2 март 1961 година) беше одржан во близина на Скопје, во Сарај, концерт на охридските трубадури. Четирите старци, пред преполна сала, со напрснати гласови и со треперливи инструменти ги пееја и ги свиреа своите песни. По концертот беше одржан разговор со публиката. Некој од салата дофрли ливче со прашање: „Дали сте чуле за трагичната смрт на поетот Бранко Миљковиќ, кој ви има посветено една своја песна?“ Дали пејачите се сеќаваа на младиот човек од едно августовско пладне на езерото? Најверојатно. Зашто еден од „прекрасните старци“ стана и кажа: „Не сме знаеле. Но сега, во негова чест и во знак на сеќавање на него, ќе ја отпееме песната 'Девет години болен лежам'...“

Тоа беше еден од последните заеднички настапи на охридските трубадури. Веднаш потоа почнаа тивко да заминуваат.

 

6.

Во август минатата година умре и последниот од трубадурите - Климе Садило. Прекрасните старци ги нема веќе. Сите умреа речиси пеејќи до последниот ден, исполнувајќи го така заветот на својата песна и на песната на Миљковиќ.

(1966)

Слични содржини

Книжевност / Историја
Книжевност / Теорија / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност / Уметност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото