Уште една реакција на струшките карамкаши

29.08.2014 11:12
Уште една реакција на струшките карамкаши

Во старт да расчистиме нешто, однапред ставам на знаење дека заземам страна: без ич глумење и метафоризирање, стојам на страна на поезијата.

Мили мои некогаш млади писатели,

Премногу убави години (нашите најубави) врзавме заедно и малку ми е тажно што наместо во меана со вино, тропкам по тастатурава за да ви се обратам. Но, имам многу здрава причина. Тоа е проклетото, здодевното и понекогаш многу грдото помнење на нештата до најмал детаљ. Токму помнењето на нашите најубави години, најлевтерни и најплодни мигови кога оние кои велеа „че дојди вашетóвреме“ ни создаваа горчлив вкус во она посебно живеење во и за уметноста, ме повика да ве потсетам и вас, посебно Брацо, како и многуте други „прескокнати од наградите“, да не ја заборави „Млада Струга“, да не ја заборави „Браќа Миладиновци“ и да не ги набројувам сите награди кои не стасаа во негови раце кога дури и поетски ориентираните врапчиња знаеја дека треба да ги добие, да не ги заборава фацките на оние „чичковци“, што Венко и ги опиша во „Фрески и гротески“, што јас ги насликав во „...“, кои ги крштеваа наградите според само ним валидните шеми.

Доживувајќи ја новата поетска (а ништо помалку и новата прозна) генерација, чувствувам искрена гордост (веројатно умствена деформација од годините минати во борба за Книжевна младина на Македонија) и надеж дека токму тие ќе ги направат потребните поместувања кои ќе ја вратат книгата кон читателот, кои ќе нè потсетат дека бидувањето писател во себе го содржеше и бидувањето достоинствен. Токму поради наведеното, длабоко верувам дека учесниците на најубавиот дел од програмата на СВП (така беше и во наше време!) не го заслужија сето ова бламирање, а особено не еден од најмладите поети, кој како колатерална штета долго време ќе го влече тоа бреме на непромислени игри.

Почитувани мои колеги, СВП е наш престиж, наша визит карта, многу младости проникнаа и згаснаа со неа, а ние (осудувајќи ги оние пред нас) ја претворивме во голема шарена лага. Отсекогаш бевме крајно нечесни кон нашите најдобри (да ве потсетам само на оние кои веќе не се со нас, а ниту еден од врвните поети не го доби „Венецот“ со најтривијалното образложение „да не се лутат другите“), наградите се даваа по секакви заслуги и припадности, само не според онаа вистинската, помладите се туркаа во Пијаниот бар или Безинтерпункциското сокаче, а сè со цел на „Мостовите“ и на „Меридијаните“ некој некому да му се оддолжува, или некого да задолжува. Тажно е што веќе одамна ја надраснавме младоста, ама никако не ја надраснавме паланката во нашата свест, во нашиот светоглед.

Тажно е што лажејќи ги другите, останавме ослепени во сопствената царштина која е најголемата лага.

Мислам дека го загубивме последниот воз за промена. Сè некако се плашам дека СВП ќе стане приватна продукција во која ќе се шминкаат и фотографираат самопрокламираните големини, а ние ќе останеме ускратени од најдоброто, од вистинската уметност, од вистинскиот оган, од магискиот збор кој знаеше толку силно да нè заведе што и ден денешен копнееме по неговата магија. Време е да заборавите дека сте стари, оти поезијата ги нема временските димензии и не е ниту олимписка дисциплина, ниту пак политичка кампања. Можеби токму поетите кои овојпат беа избркани по сокачињата и скаличките ја имаат силата за промена, а можеби нашето притискање ќе ги поттикне за десетина години да помислат „Е сега му е мајката, ај да им вратам!“

И, со оглед на тоа што сè помалку се огласувам по кој било и каков било повод , ќе си дозволам да ве потсетам, СВП е само мал дел од севкупното сивило кое ја следи нашата книжевна „класика“. Веќе ја загубивме трката помеѓу наградите и вистинските дела, помеѓу квалитетот и квантитетот, време е да се потсетиме на идеалите. Ги имавме сите, помалку или повеќе, време е да направиме пресврт погледнувајќи го тоа енормно нараснато, прастаро ЈАС и да сфатиме колку е огромна празнината во која сме се загубиле, а од која нечиј проблесок може, макар за миг да нè тргне.

И сосема на крај, поздрав до Славе и Мите, кои ги исклучувам од ова обраќање, бидејќи со овој гест покажаа дека е возможно некој да пресече. Нека ни биде прво од многуте сечења.

Слики: Nora Sturges

ОкоБоли главаВицФото