Во одбрана на генералот Тодор Атанасовски

30.08.2014 12:38
Во одбрана на генералот Тодор Атанасовски

Интервјуто што за Утрински весник пред еден месец го даде еден од најзначајните живи Македонци, генералот Тодор Атанасовски, предизвика жестоки напади кон генералот. Тие напади беа организирани и оркестрирани од добро познатите пропагандни центри на режимот. Делот на интервјуто што предизвика националистичка хистерија кај апологетите на груевизмот е овој:

„Македонија нема да пропадне како држава. Ќе остане затоа што е нужност од малку поголем маштап, не само наш, туку на сега доминантните политички фактори во светот. Иако е мала, во Македонија може да се создаде толку сложена ситуација, што нема да може да се совлада на класичен начин. Македонија поминувала и поминува низ различни амплитуди: големосрпска, големобругарска... Сега повторно сме во една амплитуда. Не знам дали правилно ќе ја наречам, но сега сме во една егеизација на Македонија. (...)

(Таа егеизација) Ни се случува секојдневно во различни форми. Преку партизација, во начинот на управување со државата. Ниту еден од шовинизмите не се ароматични, сите смрдат. Лично мислам дека сега сме под удар на таа егеизација. Власта е многу отворена токму околу тој дел на сфаќање на македонското прашање. Еве, на пример, мојата улица повеќе не е „29 ноември“, туку „Костурски херои“. Веројатно имало такви херои, како што имало и вардарски, пирински.

Малку ми е тешко да го врзам персонално (идеологот на таа егеизација). Но, понекогаш се чувствувам како да сме малцинство на сопствената дијаспора, на економската емиграција на луѓе од Беломорието, кои сега се распрскани низ светот. Она што загрижува е што во дијаспората емитираме многу селективна емисија, каде што доминира етномакедонскиот елемент, а не нашата реалност, која е мултиетничка.“

„Егеизацијата“ за која зборува Атанасовски последниве години главно ја нарекуваме „антиквизација“. Антиквизацијата во прв ред значи уништување на македонското модерно наследство и уништување на идентитетот на нацијата втемелен во идејата за асномска Македонија. Уништувајќи го нашето модерно наследство груевизмот го прави истото она што соседните пропаганди го прават со децении, тврдејќи дека македонизмот е вештачка творба, коминтерновска измислица, комунистички заговор. На пример, зградата на владата (некогашното „ЦК“) на архитектот Петар Муличковски е симбол на модерна Македонија и на модерно Скопје. Во која било барем делумно цивилизирана средина незамисливо е да се рушат и сквернават клучните симболи на градот, државата, културата, историјата. Невиден варваризам и историско фалсификување е девастацијата на таа зграда.

Целокупниот концепт на антиквизација, значи, не е само анти-модерен (реакционерен, ултраназаден), туку е и антимакедонски. Антиквизацијата всушност ги потврдува децениските предрасуди и пропаганди од соседните земји и ја прифаќа здраво за готово тезата дека модерните Македонци се „вештачки“, а дека „вистинските“ Македонци се „антички“.

Со оваа теза како своја идеолошка основа (јасно изречена и од Паско Кузман, пред неколку години, кога се калеше новата, „поубава и постара“ идеологија на античкиот Македонец) груевизмот осум години жари и пали низ Македонија. Кузман тогаш рече дека борбата за македонското име е изгубена ако современите Македонци се откажат од античкото наследство. Врз таа сосема идиотска теза изграден е целокупниот лудачки проект на антиквизацијата, проект што режимот безмилосно го спроведува и материјализира низ еден насилнички и во совремието ретко виден културен инженеринг.

Груевистичката антиквизација значи своевидна хеленизација на Република Македонија. Она што им го правеле грчките асимилатори на Македонците во Егејска Македонија пред сто и кусур години, убедувајќи ги дека се наследници на Александар, денес со „мирољубиви средства“ (архитортура) ни го прави власта на ДПМНЕ. Некои луѓе и пред шест години зборуваа дека од антиквизацијата најголема полза ќе имаат грчките разузнавачки служби во служба на грчките радикални политички кругови, а најголеми штети ќе имаат македонските граѓани и македонската држава. Тогаш нè прогласуваа за „предавници“ и „грчки платеници“. Денес токму идеолозите на груевизмот (амбасадорот Јован Донев, на пример) зборуваат дека самиот термин „антиквизација“ е дело на грчките тајни служби! Не е врхушката на овдешниот режим идеолошко кукавичјо јајце на туѓи интереси, идеолозите и апологетите на истиот режим исто така не се дело на опскурни служби и криминални кругови, самиот груевизам не е една од најголемите измами во современата историја на Македонците, туку – види богати! – шпиунска подвала е зборот „антиквизација“! Та затоа, сугерираат идеолозите на груевизмот, да престанеме да го користиме тој збор и да продолжиме да се правиме на Тошо пред триесетметарскиот антички фалус на нацијата, забоден во срцето на Скопје.

Со антиквизацијата груевизмот ни го прави истото она за што ние ги обвинуваме Грците: насилнички ни го менува идентитетот. Груевизмот ги уништува имињата на улиците и емоциите на луѓето на истиот начин на кој Грција сака да го промени нашето име: насилнички и без да ги праша засегнатите. Ги праша ли Груевски во кој било момент граѓаните дали го сакаат „СК014“, дали сакаат менување на имињата на улиците, дали сакаат стотици скулптури и новоооткриен национален идентитет?! Лага е дека груевизмот ги почитува граѓаните и го зема предвид нивното мислење. Единствениот интерес на груевизмот е личната политичка власт, а не интересите на граѓаните. Популизмот на власта е само пропагандно средство, без реално упориште во потребите на народот.

Во едно се согласувам со најголемите поддржувачи на политиката на цврста рака спрема Грција: правото на себеименување е елементарно право на самоопределување. Тоа право можеби е суштината на човечката слобода. Но, зошто тоа право груевизмот ни го одзема внатре во земјата?! Зошто, повикувајќи се на фундаменталните права, кукаме по белосветските канцеларии, дека Грците ни се душмани, а истовремено дозволуваме нашите локални душмани стократно да ни го одземаат истото право на име, идентитет, симболи, гордост итн.?

Кога-тогаш ќе мора да си признаеме: нам ни се случи Милошевиќ, во ликот на Груевски и неговите следбеници. Ни се случи „Милошевиќ“ кој, се разбира, не е до тој степен дијаболичен и деструктивен како оригиналот, но структурно-политички ни се случи токму историскиот феномен кога до самоуништување повампируваат национализмот и „одбраната на сопствената раса“. Да се потсетиме, оној што најмногу божем ја бранеше СФРЈ – всушност ја уништи. Оној што најмногу го мразеше „злосторничкото хрватство“ и го поистоветуваше со усташтво – ги мобилизира хрватските граѓани на отпор и практично го уништи големото српско малцинство во Хрватска (многумина Хрвати се свесни дека за настанувањето на самостојна Хрватска поголемо значење има Милошевиќ отколку Туѓман; на сличен начин на Милошевиќ му се благодарни и косовските Албанци кои немаше олку брзо да добијат држава без насилничката политика на српскиот вожд). Речиси по истата матрица, Груевски е најуспешниот производ на грчката радикална политика кон Република Македонија изминативе дваесет години.

Антиквизацијата што ја спроведува актуелната македонска власт е дело на најрадикалните националистички структури. Дел од нив се од дијаспората и се сосема отсечени од реалноста на нашата држава; тие луѓе живеат во митови и фантазии и се хранат со за нас самоуништувачката борба со Грците околу античкото наследство. Најрадикалниот дел од таа дијаспора (кој може да се спореди со српските четници и хрватските усташи) денес има своја продолжена рака во владата во Скопје. Со Македонија владее еден радикален дијаспорски национализам чија суштина е симболичката борба со Грција и сонот за голема Македонија. И двете цели се апсолутно губитнички и ја водат Македонија во амбис.

Генералот Тодор Атанасовски ја гледа таа опасност и предупредува, веќе подолго време. Неговите политички рефлекси и неговата свест за националните интереси не се затапени и мртви, како кај повеќето негови многу помлади современици. Затоа и ден денес е чесно да се чекори под неговото знаме.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото