Нова редакција за новото време

30.08.2014 12:43
Нова редакција за новото време

Редакција на иднината. Цртеж: Pablo Maria Ramirez Banares, 2013

Што ги поврзува следните заклучоци од досега објавените лекции на Сервисот за проверка на фактите од медиумите? Еве ги поентите од нив, како и насловите како референци за тезите на оваа, нова лекција, која произлегува како логичен, следен чекор во дефинирање на сликата за едно ново новинарство и за една нова организациона концепција и методологија на работа.

Во лекцијата Интегрирана редакција: Не престанувај да мислиш на утре, констатиравме дека:

„Денес корисниците на медиумските содржини имаат потреба од брза, споредбена, мултимедијална и употреблива информација. Технолошкиот прогрес го овозможи тоа. Голем дел од аудиториумот има мултимедијални уреди и она што остана како предизвик денес е како информациите да стигнат до корисниците од едно место, а да ги задоволат сите нивни потреби (брза, споредбена, мултимедијална и употреблива.)
Тоа го овозможуваат новите – интегрирани редакции.“

Во потрагата по одговорите на прашањата: Дали новинарството и активизмот се компатибилни? Дали новинарството е граѓански активизам? – во лекцијата Новинарство во егзил, рековме дека:

„Ако улогата на новинарите е да трагаат по вистината, ако треба да бидат глас на безгласните, ако треба да ги претставуваат интересите на јавноста, на сите граѓани без разлика на нивната расна, верска и политичка припадност, ако треба да ги застапуваат интересите на сите без разлика на нивниот социјален статус, тогаш, суштински, новинарот е активист во име на слободата на изразувањето.“

Во лекцијата, пак, посветена на уредниците Лекција за уредниците: Негувајте го огнот, една од препораките беше дејка тие треба да ја поддржуваат тимската работа:

„Работата во медиумите (треба да) е продуктивно и креативно компетитивна. Така и треба да биде. Не во име на меѓусебни пресметки и подметнувања. Уредникот треба да го обесхрабри тоа. Наместо непродуктивна конкуренција – поврзување на способностите и капацитетите на секој од нив во тимска работа. Пронајдете го клучот на успешна тимска работа и добивате другарство како уште еден стимул во успешната новинарска работа. Немојте да ги делите колегите. Множете ги!!!“

Современите студии за иднината на новинарските редакции и конвергенцијата на медиумските платформи ја поврзуваат со интеграцијата на уредништвата, со преструктурирање и со реорганизација на новинарската работна средина, како и со трансформација на новинарскиот работен процес за различните медиумски платоформи и формати. Тоа ја наложува потребата од „Нова редакција за новото време“:

Брзина: Ќе известуваме за настаните и ќе ги испорачуваме вестите така како што се случуваат. Нема да се плашиме да ги објавуваме сториите така како што се развиваат со постојано инсистирање да се верификуваат информациите. Да ги охрабруваме граѓаните да сигнализираат теми за да се прават вевсти што се важни за нив, а не вести за кои ние мислиме дека им се важни.Победничка филозофија на новата редакција е постојаната битка за гледачите и за влијанието. За да се дибие таа битка, потребно е таа нова редакција да се исправи на 4 стратегиски приоритети:

Активизам: Ќе пронаоѓаме стории со значење и контекст; стории што ги држат на штрек јавните личности и јавноста (публиката); приказни што забавуваат и просветлуваат. Ќе се користат сите добри техники на соопштување за да се предизвика ангажман и дебати.

Одговорност кон заедниците: Да се анализираат, потикнуваат и креираат информации што ќе ги потикнат граѓаните да ги соопштуваат нивните стории. Да се негуваат методи што ќе го подигнат учеството во заедниците и одговорноста во нив.

Дијалог: Да се создава амбиент за дијалог меѓу различните структури во заедницата, особено меѓу граѓаните и државните и владините структури.

Која е целта?

Секој медиум, секоја редакција, соодветно на сопствените карактеристики, техничко-технолошки и човечки ресурси и соодветно на својата, автентична, цел која сака да ја постигне, треба да ја креира сопствената стратегија за промени. Но, она што се константи на кои треба да се внимава се следните фактори:

-Публиката е сѐ повеќе и сѐ почесто на интернет. Тоа е нешто што не се враќа назад. Напротив – само ќе прогресира. Затоа треба да се направи сѐ што е можно да го зголемуваме процентот на публиката на онлајн платформите со соодветни медиумски содржини. Тоа значи дека треба да се менува начинот на работа со новите вештини неопходни за креирање онлајн содржини. Накусо, тоа значи да се станува сѐ повеќе и повеќе мултимедијален со оперативно време 24/7.

-Традиционалните платформи (ТВ и принт), како дел од интегрираниот медиум, треба да се одржуваат да бидат силни. Во полна кондиција во секој момент. Тоа значи поголемо фокусирање на истражувачко новинарство, „watchdog“ (куче-чувар) новинарство, конзумеристички журнализам, уникатно новинарство со акцент на локалните теми, теми на заедниците, вести кои се индивидуално корисни и стил со иновативен сторителинг и провокативни коментари јасно издвоени од објективизирачките медиумски содржини. Новото новинарство треба да се концентрира на содржините што ги бара публиката, но, сепак, да ги задржи професионалните новинарски стандарди.

-Секој дел од новата структура на новата редакција треба да го преземе сопствеништвото и одговорноста за медиумските содржини. За да се оствари тоа, секој поединец на новата редакција треба да биде „штравче“ од успехот на новиот медиумски концепт. За тоа е потребно индивидуална креативност, посветеност и акција. Соодветно на тоа, потребна е поголема самодисциплина, иницијатива и менаџирање на сопствените потенцијали на секој поединец во редакцијата.

Тимот добива нова димензија

За да се сфати новиот концепт, еден од неопходните предуслови е да се сфати новиот концепт за тоа што е тимот во новата редакција, односно да се вратат изворните вредности на тимот. А тие се: Тимот е група луѓе кои се меѓусебнно зависни, кои се опремени со најдобрите неопходни вештини за одредени активности и кои ја делат одговорноста за постигнување на резултатите.

Иновација. Mashup: Dubey Classes of Innovation, 2013

Ако се имплементираат соодветно, овие карактеристики на тимот можат да ја енергизираат атмосферата во редакцијата, да ја подобрат работната ефективност, да го подобрат квалитетот на медиумските содржни и да отворат простор за учење и иновативност. Ако не се имплементираат внимателно, односно ако се инсистира на тимска работа за сметка на креативноста и иницијативата на репортерите, резултатите можат да бидат сосема спротивни и непродуктивни.

Она на што менаџерите треба да обрнат посебно внимание доколку пристапат кон имплементација на новиот концепт на редакциите е – стравот од промени. Оттука почнува и новата улога на менаџерите во однос на тимската работа и индивидуалните капацитети во работата на новата редакција.

Улогата на менаџерите и уредниците

Откако ќе се постигне согласност за промени во редакцијата, пред менаџерите остануваат неколку предизвици и одговорности:

Менаџерите и уредниците се одговорни за контекстот и стратегијата на новата редакција и тимот. Како лидери во редакцијата, менаџерите и уредниците се одговорни да ја изградат визијата, мисијата и стратегијата на новата редакција. Ова подразбира сосема јасна претстава за тоа каква е улогата на тимот во остварувањето на овие цели, односно каква задача има секој поединец во тимот.

Треба да биде јасно дека тимот не е стратегија. Тимот е само алатка за остварување на стратегијата. Постојат неколку прашања и доколку одговорите на тие прашања се јасни и недвосмислени за секој член на тимот, стратегијата може да биде лесно остварлива. Тие прашања се:

1. Што треба да постигне тимот?
2. На кој начин е споделена одговорноста на поединците за постигнување на целите?
3. На кој начин е остварена меѓузависноста на членовите на тимот?
4. Кои задачи бараат меѓузависност, а кои не?
5. Дали за поефикасно извршување на задачите во редакцијата е неопходно споделување на одговорноста за постигнување на целта?

Овие прашања треба да се комуницираат. Постојано. Комуникацијата е главната алатка за совладување на отпорот заради промените. Луѓето во редакциите не се склони кон промени ако не разберат зошто се спроведуваат тие промени. Во такви ситуации менаџерите и уредниците имаат клучна улога. Тие треба јасно да ги дефинираат проблемите што се исправаат пред редакцијата, споделуваат информации зошто е тоа така и кои се излезните стратегии, внесуваат чувство на одговорност кај секој поединец за неопходноста од промени, објаснуваат зошто се преземаат најавените постапки и стратегии и кој треба да ги спроведе и на тој начин создаваат амбиент и редакција која е подготвена да се соочи и да ги совлада промените.

***

Трансфоримирањето на постоечката редакциска структура во нова, соодветна на времето, флексибилна и динамична, тимски организирана редакција, навестува сериозни можности. Во исто време создава големи предизвици кои во најголем дел произлегуваат од тоа да се прескокнат досегашните практики, традиции и културни вредности на новинарството како професија. Клучната точка на пресврт е да се сфати дека се создадени многу предуслови за да се напушти една повеќедецениска новинарска организација и пракса и да се прифатат новите можности.

Користени извори:

How the ‘New Newsroom’ Looks to Six Editors

 

www.poynter.org

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).