Деца

01.09.2014 08:59
Деца

Иако поголемиот дел од годината навистина мислиме на нив или за нив, нешто слично како што мажите на 8 март се потсетуваат дека постојат жени, така и мажите и жените на 1 септември се потсетуваат дека постојат – деца! Првиот училишен ден е митски датум во животот на секое семејство. Тој предизвикува комплекси, слоевити и измешани чувства: чувството на радост за детето што започнува нов годишен циклус; чувството на нервоза поради скапото „бесплатно“ образование, чувството на тегобност поради јасните знаци на стареење; на вознемиреност предизвиканo од потребата сè да се заврши навреме... Оние чии деца го завршиле формалното образование, како во случајот на авторот на овие редови, не без извесна доза надмоќ отстрана ги набљудуваат активностите на „активните“ родители.

Биолошки гледано, децата се луѓе од раѓање па до пубертет. Од правен аспект, Организацијата на Обединетите Нации во Повелбата за правата на детето сугерира дека за деца се сметаат луѓе до навршени 18 години, значи сите малолетни, пред возраста на целосна одговорност, вклучувајќи ги и пубертетлиите и адолесцентите. Во семејна смисла, деца за родителите се нивните синови и/или ќерки, без оглед на старосната возраст.

Децата, исто така биолошки, се единствената колку-толку извесна трансцеденција на смртноста на припадниците на човековиот род, како и единствениот колку-толку извесен начин за продолжување на човековиот вид. Бидејќи, општо гледано, нагонот за одржување на видот може да биде посилен од нагонот за самоодржување, не се ретки случаите на жртвување во полза или поради децата. Тоа е логиката на самиот живот, кој се брани, се одржува и се продолжува, наметнувајќи ги овие два нагона практично кај сите организми. Луѓето не се исклучок од ова правило.

„Деца“ во македонскиот јазик е збирна именка која служи множинска форма на именката „дете“, а двете се со старословенско, односно прасловенско потекло (дет, дет’ца). Основата е индоевропска – „dheH(i)“ што значи „дои“, „цица“. Оттука во санскритот сретнуваме „dhayati“ (цица), како и „dhenu-“ (крава молзара), во латвискиот „dels“ (син), во латинскиот „femina“ (жена, женка), од каде што доаѓа „felo“ (цицам), а оттука „filius“ (син) и „filia“ (ќерка). (Оттука е и „филијала“, односно фирма-ќерка). Во албанскиот сретнуваме „dele“ и „delme“ (овца), од каде пак доаѓа името на илирското племе „Делмата“, по кои хрватската приморска област Далмација го добила своето име. Според некои лингвисти, словенскиот корен „det-“ упатува на исчезнатиот глагол „deti“, кој со глаголот „дои“ го има истиот однос како глаголот „peti“ (пие, пијам) наспроти глаголот „пои“.

Терминот „детски работи“ најчесто се употребува во преносно значење за инфантилно, незрело однесување, иако 1 септември секогаш нè потсетува дека детските работи во суштина се многу сериозни.

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото