Берлинскиот бал на банкротираните балкански бантустани!

01.09.2014 12:03
Берлинскиот бал на банкротираните балкански бантустани!

Берлинскиот бал на банкротираните балкански бантустани ги собра најрепрезентативните извори на балканската несреќа: убаво количество популистички позери и некадарници, месијанизирани лудаци, апашанатски ѕверови, промотори на фолклорната, кралемарковска политика, ректори на провинциските универзитети за кретенизација на општествата, мирновременски и воени злосторници, луѓе кои чувството за одговорност за судбината на милиони луѓе го разбираат само низ неговата пиар димензија, антиевропејци во срж, шампиони на најодвратната демагогија, на системите на евтината и најскапата корупција, на медиумската узурпација, на смртоносните византизми и на методите со кои ги купуваат гласачите како што на зелените пазари луѓето купуваат модри патлиџани за полнење!

Во формална смисла тие се легитимни претставници на балканските пропалитети, но прашање е дали пропалитетите воопшто можат да продуцираат легитимитети! Интеракцијата на западните демократски инсталации врз почвата на недемократската политичка култура, низ бескрајната транзиција кон ништо, ги роди балканските чудовишта од системи и балканските политички елити и лидери од кои е бесмислено да се бараат европски поведенија и системи! Од Груевски, да речеме или, еве, од Вучиќ, да се бара да изградат правни држави, да дозволат да владее правото, да го чуваат интегритетот на институциите и принципот на поделба на власта, медиумските слободи, да ги почитуваат различностите, политички, сексуални, верски, национални, секакви, да не ги крадат изборите или да не ги користат како кредит за приватизација на државата, да не ја проектираат смената на себе си од власта како национална апокалипса, да ја респектираат а не да ја стигматизираат опозицијата, да се борат, не парадно и селективно, туку принципиелно против корупцијата, да се самоослободат од болната амбиција да ја изразуваат националната бит и перспектива без остаток... ама ајде ви се молам!

Но, в ред, со некого мора да се прави политика. Некои велат дека на Европа ѝ е полесно да прави политичка интеракција со компромитирани типови, отколку со интелектуално и морално супериорни особи, со луѓе што носат во себе знаење, аналитички моќи, визии и лични интегритети! Сите точки од берлинската декларација се убаво срочени постулати, цели и методи за хармонизација на Балканот со неговата претпоставена нормалност и со најелементарните европски очекувања! Респект за канцеларката Меркел! Но, ниту еден од тие идеали не е хармонизиран со вредносниот систем на балканските лидери и политички елити, па и со наталожените деформитети на разорените општества! Можеби нешто малку може да се постигне преку идејата да се импресионираат овие провинцијалци, па и да се корумпираат на некој начин, европеизација за власт или обратно, сеедно, можеби нешто може да се постигне ако целите се проектираат во некоја перспектива и ако се пуштат овие злосторници да ги влечат своите куќички-државички натаму „со брзина на полжав“ (Меркел), но мислам дека тој пристап нема да даде резултати сѐ додека Европа или некоја внатрешна балканска конвулзија не го ослободат Балканот од самиот себе, не го дистанцираат Балканот од себе, не ги тргнат од сцената сегашните лидери, политичките елити и чудовишниот систем што ги продуцира, не им ги поткастрат крилата на суверенизмот, не ја зајакнат улогата на општествата и не ја ослабнат, значајно, моќта на корумпираните и некомпетентни влади!

Независно од резултатите на Берлинскиот конгрес, Македонија ќе биде убава федерална држава составена од безброј слободни зони: индустриски, финансиски, здравствени, сексуални, листерични, заразножолти, зелени, бруцелозни... зони на бруталните убиства (Охрид, Струга), на лесните убиства со ашов (Источна Македонија), на слободното парламентарно насилство (Скопје), на строго контролираната опозиција (Бихаќка), на слободното лизгање на земјата, куќите и дрогираните тајкуни (Водно), на Богородица заспана и ослободена од заштитничките функции (Скопје), зони во кои војниците на АРМ можат без страв да кажат дали сакаат да загинат на стража или лизгајќи се на кора од банана, можеби возејќи се во кампањола, во автобус или во хеликоптер, медицински зони во кои родилките можат да одберат дали породувањето ќе го преживеат тие или нивните рожби и питај бога какви сѐ слободни зони не ќе формираме ако се знае дека веќе имаме и зона во која јавниот обвинител за заштита на ликот и делото на премиерот сосема слободно ја остварува својата противуставна улога! Територијата, пак, што нема да влезе во слободните зони, ќе се конституира како зона слободна од разумот, елемент што ќе ја принуди владејачката партија на наредниот конгрес во Солун да ја смени својата парола „смрт или слобода“ во „слобода и смрт“!

Не сум сигурен дека нашиот човек може да поднесе олкаво количество зонска слобода, но јас, лично, не би го потценувал сапиенсот што десет години неверојатно левтерно, јас би рекол, радосно, го трпи ослободувањето од себеси и од стегите на демократската држава која во контрареволуционерниот перформанс на „Православната држава Груевски и Вемерето“ (ПДГВ), во чии редови се борат многу заблудени чеда на целокупна Македонија, се трансформира во едно мошне убаво калифатче! Ќе бидеме ко леопардовата кожа пред каминот на Хорхе, шарена одеротина на која претседателот секоја вечер ѝ сипува на својата дражесна сопруга „мартини“, ја бакнува нежно и ѝ посакува лека ноќ, а таа го остава да реши уште некое тешко прашање од сложената национална агенда пред да си легне, жртвувајќи го и овојпат високото пелазгиско либидо врз олтарот на Македонија!

Или, ако ви е полесно, односно ако ви е тешко да го замислите Хорхета во улога на сопруг на претседателовата жена која обожава „мартини“ - како Босна и Херцеговина во времето на српските автономни области што во навечерјето на последната војна растеа како рејтинзите на Никола по гостувањата кај Јанко и Миленко или како Југославија во екот на Народноослобидителната борба кога партизаните ослободуваа од окупаторот и од домашните квислинзи што оперираа како усташи, четници, љотиќевци или вмровци, како каде, територии и зони од кои потоа ќе се роди и Македонија и неповторливата Југославија!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат