Какво откритие!

02.09.2014 08:06
Какво откритие!

1.

Порано важеше поговорката „Прост народ, силна држава“. Мислам дека денес веќе ја надминавме. Народот не е баш толку прост, иако некој сака така да го гледа, туку се појавија попрости од него. Денес важи поговорката: „Прости медиуми, уште посилна држава“. Зашто, како што тргнале нештата, македонскиве медиуми – и пишувани и електронски – се претвораат не само во проста простотија, туку во легло на полуписмени идиоти и незнајковци чија што основна дејност е да го заглупуваат народот.

Денес веќе не важи ни онаа: „Што нема во медиумите, не се случило“. Не, денес повеќе важи: „Што има во медиумите, лага е“. Зашто македонскава новинарска селекција, со чесни но сепак малубројни исклучоци, толку навикна не само да ја спинува вистината, туку да тресе такви зелени што веќе ни самите не знаат што е точно и во што да веруваат. Пишуваат едно – мислат друго – говорат трето!

Не знам која и каква е денешната функција на медиумите, особено на македонските. Односно претпоставувам, зашто ги читам и ги гледам. Ама, во едно време, медиумите, во принцип, како некаква основна функција, прибираа(т) и препраќаа(т) информации и податоци. Денес амбициите се пораснати – сакаат да го обликуваат јавното мислење, да ја обликуват вистината. Но, овие денешниве македонски медиуми, такви какви што се, собираат и шират глупост, незнаење, неписменост, простотија, мрзеливост… „обликуваат“ народ со зелени полјани во главите. За вистина веќе никој и не говори!

И тука, во нашиве услови, очигледно нема шанси за подобро. Зашто една информација – нека е и колумна, критика, приказ, што ли … – поминува низ неколку очи / глави, сите прости и тупави до зла бога. Што ќе рече дека, ако еден полуписмен створ, кого некој го излажал дека е новинар, напише ординарна глупост, а таа глупост понатаму, низ процесот на издавање на весникот, или емитување на програмата (ако станува збор за електронски медиум), помине покрај еден уредник на рубрика, па главен и одговорен уредник, па не знам кој друг по ред… и глупоста се појави пред јавноста, тогаш не можеме да го обвиниме само „новинарот“, нели? Кога сето тоа поминало, и поминува, покрај неколку чифта (глупави) очи, плус пред очите на сопственикот на весникот / телевизијата, за што тогаш говориме, за какво новинарство?

Стасавме до таму, како што допрва ги учат децата да мијат раце, да ги учат новинарите што е надворешна а што внатрешна политика, што е образование, што се меѓународни организации, што е буџет, а оние од културата, како проверено најнеписмени, мора да ги учиме што е култура а што уметност, да им држиме кратки курсеви по македонска и светска уметност, да ги пратиме на часови по македонски и барем еден светски јазик итн.

2.

Зашто ако, на пример, една „новинарка“ при промоцијата на Паркот на скулптури во Даут пашин амам бараше да ги види скулптурите на Личеноски, денес друга новинарка нè известува дека лауреатот ќе му биде врачен на поетот тогаш и тогаш, трета „уредничка“ на културна рубрика ни го „разубавува“ денот со идиотски детски вежби „како го поминав годишниот одмор“ додека во културата се случуваат земјотреси, тогаш – за што говориме? Сè бисер до бисер, цела низа! Немаат ни што говорат, ни за што говорат.

И ако „новинарот“, денес, во втората деценија на дваесет и првиот век напише како наслов дека „Ликовната уметност излегува на улица, плоштад, во парк“, што ќе помислите? Дека станува збор за некаква (нова) револуција во македонската ликовна уметност, дека се случува нешто невообичаено во оваа инаку зачмаена ликовна средина, дека конечно македонскиот уметник нашол соодветен одговор за задоволувачка комуникација со публиката, дека…? Но кога ќе продолжите со читање и ќе видите дека „исто како што импресионистите гласно се спротивставиле на академизмот кон крајот на 19 век, македонската ликовна сцена во последниве години полека, но сигурно излегува од галериите и музеите“, е тогаш сè ви е јасно. Јасно ви е и со што и со кого си имате работа. И понатаму: „ Ако под поимот изложба порано се подразбираше слики закачени на ѕидови, скулптури наредени на постаменти, па дури и инсталации и перформанси во четири ѕида, денес изложбите се отвораат на плоштади, во паркови, во монтажни галерии, кафулиња, дури во приватни станови. Ликовната уметност излегува на улица“, воскликнува весникот. Ма није ваљда? Какво откритие! Нас, односно нив, воопшто не ги засега фактот што ликовната уметност во светот е излезена надвор од фамозните „четири ѕида“ барем 70-80 години. Најмалку, дури и ако ги заборавиме првичните концептуални и минималистички обиди на историските авангарди, па на дадаистите, на De Stijl, на т.н. ленд арт итн. Дури и да останеме само на ленд арт-от како директна и отворена побуна против музејските и галериските простори, против конформизмот во уметноста и слично, па дури и да го заборавиме проектот на Ногучи во Њујорк од 1941 година, пак ни остануваат добри шеесетина-седумдесет години од времето на Смитсон, Лонг, Морис и др. Па и тоа што, на пример, една Марина Абрамовиќ 9 часа „вртеше“ кругови со едно комбе, па подоцна шеташе по Кинескиот ѕид, или сето она што се случуваше со уметноста во Европа по 1968-та година, тоа за нашиве локални ајнштајни не значи ништо. Им се свирка ним што светската уметност во последниве стотина години пет-шест пати излегуваше и се враќаше во галериските простори. Тие тоа го гледаат денес, и тоа во Македонија!

Па и во таа Македонија, уште во седумдесеттите години на минатиот век Шемов и Фидановски ја „пре-откриваа“ природата и интервенираа во неа. И не само тие, туку и неколку генерации помлади после нив, негуваа творечки искази што беа мотивирани токму од „протестот“ кон институционалните простори. Или, што беа „просторните дела“ на Драган Петковиќ и Глигор Стефанов, на Глигор Стефанов и Петре Николовски итн.? Па ене им го и Атанас Атанасоски во Прилеп, нека го прашаат како почна пред дваесетина години!

И кому сега овие продаваат ум што го немаат?

3.

А за да биде целата будалаштина поуверлива, ете „новинарката“ ни нуди „стручни“ видувања на македонски уметници кои, нели, повторно ја преоткриваат топлата вода констатирајќи дека „уметноста ја има мисијата да биде огледало на општеството“, при што било лесно „да се создава затворена, елитистичка уметност, која секако ќе допре само до еден тесен, ограничен круг на публика“. Каква мудрост! Но проблемот е што денешната македонска уметност, токму онаа која што ја создаваат тие последниве години, не допира до никого! Кога би имале барем тесен, елитистички круг, би биле среќни. За жал, имаат само широк круг антиквизирани малоумници за кои „фиќо“ кренато на пет метри е врвна уметност!

Нашето новинарство денес, особено она со префиксот „културно“, а каде што изгледа се собрал кремот на тупаците во новинарството, придружено со „елитата“ на нашата современа циркузијада завиткана во обландата на уметноста, како да се здружиле во темелното онеписменување на нацијата. И добро им оди. Зашто, ем има доволно такви „медиуми“ за оваа средина, ем богами се намножиле и уметници-циркузанти кои под овој шатор гледаат своја шанса. И ја користат, греота би било да ја пропуштат. И нека ја користат, ама за нешто паметно. Ако не повеќе, нека си ги стават парите в џеб и нека молчат. Нека не прават ништо. Нивната уметност нека биде уметност на богатењето. По тоа и ќе ги паметиме. Кој колку може, односно кому колку му треба (според омилениот им социо-комунистички принцип во којшто до вчера беа вљубени, а на чело со маалскиот им идеолог со калливи опинци што си наденал прекар Рембрант!).

Зашто, ваквите нивни сматоци можеби сè уште поминуваат во градинките и забавиштата (и во македонските медиуми, се разбира!), но не и кај сериозната публика или критиката. Тоа што тие (заедно со новинарчињата им) денес ја откриваат улицата / плоштадот како алтернативна творечка локација, тоа што тие (заедно со новинарчињата им) вчера разбрале што е видео и мултимедија, а веќе денес се „големи“ видео и мултимедијални мајстори, тоа е сепак нивен проблем. Тоа што тие како „свој поглед на општествено ангажираната уметност во јавниот простор“ го гледаа(т) седењето по автобуски станици, и тоа е нивни проблем. Но во нивните лични проблеми од непознато потекло ја вовлекоа и целата современа уметност!

А сепак, не е ни македонската уметност од вчера, ниту пак сите сме толку заборавни да не ја паметиме релативното кратката историја на алтернативните творечки обиди на овие простори. Ако не повеќе, има останато по некој текст, по некој видео запис и слично. А тоа што денес пет-шестмина излегле од немајкаде и досада на Плоштад заради којзнае какви причини, а „новинарчињава“ тоа го гледаат како творечка авантура, е само уште еден израз на нашата простотија и заглупавеност. Но и тоа веќе никого не го чуди. Свикнавме.

Но, „Медиумите не се играчки; тие не би требало да бидат во рацете на раководители како Мајката Гуска и Петар Пан*“, вели Маршал МекЛуан уште во далечната 1954 година. И продолжува: „Тие можат да им бидат доверени само на нови уметници, бидејќи тие се уметнички форми“! Едновремено, и уметноста не е поле за перчење за полуписмени новинарчиња и квазиуметници. Таа, сепак, би требало да се препушти на професионалци.

 


 

* Личноста на Мајката Гуска можеби не би била доволно разбирлива за наши услови. Тоа е измислен, американски архетипски лик на селска жена. Немам соодветен македонски еквивалент. Можеби „Баба Велика“? Петар Пан е сепак попознат лик, иако и тој би можел да се замени со, на пример, Силјан Штркот?

 

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Бен Фрост

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Јавни простори / Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото