Стаорци како диви свињи

02.09.2014 13:58
Стаорци како диви свињи

Кога ја преземав обврската своите размислувања и ставови да ги споделувам со Вас, почитувани читатели, си поставив строги тематски ограничувања според кои колумниве треба да се бават само со најважните аспекти на општественото пропаѓање под режимот на ДПМНЕ. Овие самозададени програмски начела ме ослободија од обврската да реагирам на поединечни изјави и на дневните актуелности од веќе предолгата македонска голгота. Се водев доследно според старата кинеска изрека (прилагодена за нашето време): „Ловец на диви свињи не треба да троши куршуми на стаорци“.

Но, гнасново време на изопачени вредности не е добро ни за старите мудрости; како што ја спомнав кинескава, живо се сетив на веста од пред дваесеттина и кусур години кога светските медиуми пренесоа дека во миланската канализација специјална единица карабињери, после жестока борба со неколкумина повредени, со повеќе од стотина куршуми успеала да убие џиновски стаорец кој тежел повеќе од 80 килограми. Македонската цивилизација во ерата на раниот Копролит (доба на ДПМНЕ, 5000 години после доцниот Неолит) според количината фекалии ја достигна миланската канализација, поради што овдешните водечки стаорци во такво изобилство на храна пораснаа како вепрови.

Ваквите примероци на канализациски глодари големи како диви свињи ја изопачија и доследната примена на кинеската мудрост, па дојде денот да потрошам еден фишек скапоцена хартија од „Слободен печат“ на некои реакции по мојата минатонеделна колумна „Скопје 2014: споменици на злото“.

Елем, на мојот став дека спомениците на злото од „Скопје 2014“ – по соборувањето на режимот на Груевски – треба да се рушат бидејќи „не само што ја оштетуваат нашата физичка стварност, туку ги суспендираат уставноста и правната држава, ги уриваат вредносните системи во културата, ја кривоколчат националната историја и ги поместуваат темелните камења на нашиот национален идентитет“, се појавија реакции од страна на „загрижени и цивилизирани демократи“ и тоа најмногу од ѓоамити опозицискиот табор. Нивните реакции можат да се сведат на неколку става: дека сум „ја претерал“ и дека не е домаќински да се руши нешто што чинело пола милијарди евра; дека после ќе сме требале да градиме нешто друго на тие места; дека рушењето не е демократски начин зашто не го почитува вкусот на граѓаните кои гласале за ДПМНЕ; дека дпмневците можеле да градат и прават ШТО САКААТ, откога добиле на избори; и дека се’ што ДПМНЕ украл, изградил и уништил за време на власта еден ден ќе биде казнето САМО со политичка одговорност, кога народот нема да ги изгласа на изборите.

Се разбира, нема да го трошам „фишеков“ на неписменоста и необразованоста на овие забелешки, туку пред се’ на нивната неверојатна штетност, на политичката подлост која одзрачува (или подобро, отсмрдува) од овие ставови. „Реакцииве“ се практично концентрирана суштина на сценариото кое за себе би си го напишал самиот Груевски, вистинска есенција на дпмневскиот ненапишан Манифест за власта на вечниот фашизам во Македонија!

Но, да одиме по ред. Ставот дека сум „ја претерал“ со бајковитата утописка визија за рушење на „Скопје 2014“ е одвратно изопачување на местата злосторник и жртва бидејќи, според тој став, не претерал режимот со крадење пола милијарда евра, со уставниот пуч и нелегалното владеење, со уништувањето на демократијата и со криминалното градење на споменици; не, туку претеран бил мојов осамен глас кој повикува на казнување на злосторот и враќање на украдениот простор, достоинството и иднината на граѓаните на Македонија. Понатаму, ставот дека „Скопје 2014“ не треба да се руши бидејќи чини половина милијарда евра е не само јавна аболиција за досега украдените пари, туку и порака за клептократскиот режим да украде (барем) уште толку; оти, според овие „домаќински“ реакции, колку што вредноста на украденото е поголема, толку ќе биде поголем и легитимитетот на крадецот да ужива во украденото! А глупоста дека ако сме ги рушеле овие дивоградби, на нивно место ќе сме морале да градиме нешто друго, можеби и не треба да ја коментирам, но сепак! Какви зелки! Какви игноранти!? Секој што има макар основна градска култура, би требало да знае дека овие згради и споменици се изградени на места на кои не смее да се гради, на кои никој никогаш и не градел, а тоа се јавните површини за комуникација и сообраќај – плоштадите, кејовите и улиците. Скопје 2014 треба да се руши и само заради незаконската кражба на јавниот градски простор, а откако ќе се спроведе законот, тие простори повторно ќе станат јавни и ќе им се вратат на употреба на граѓаните од кои биле украдени.

Но, најужасен е ставот на моите критичари дека власта на ДПМНЕ е демократска иако се одржува со организирање лажирани избори, спроведување монтирани процеси и со партиска окупација на институциите на државата, и дека затоа може да гради (и да прави) ШТО САКА, а ние, малцинството, тоа треба да го ТОЛЕРЕРАМЕ. Нормално, целиот тој Magnum crimen, целиот огромен злочин против демократијата и народот, против македонската култура и нација, сето тоа, еден ден (ако не и порано) народот ќе го казнел со тоа што немал да гласа на изборите за ДПМНЕ! Овој став е кус и јадровит Манифест за вечното владеење на ДПМНЕ и за безусловната севременска аболиција на виновниците за сите лажирани избори, за сите украдени милијарди евра, за сите окупирани институции и за сите уништени судбини; за сите прекршувања на Уставот, за сите прекршувања на законите, за уназадената библиска Маседонија и за половината милион иселени млади Македонци. Толерирањето на „Скопје 2014“ не е само легитимизација на сите злостори на ДПМНЕ, бланко аболиција за сите злосторници и крадци, туку и потпис на ѓаволскиот договор за културно и идентитетско разнебитување на Македонија и за самопоробување на Македонците, зашто го легитимира принципот на диктатура на лажното демократско мнозинство коешто ДПМНЕ може со лажирање на изборите и на демократијата во Македонија да го „вози“ толку долго колку што ќе посака. Или толку долго колку што ќе има маст којашто фамилијата „со челични нокти“ ја вади од под кожата на новото македонско робје, жителите на библиската Маседонија, вечните патници кон Европа.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат