Фуснота кон една интригантна изјава на Божин Павловски

03.09.2014 09:10
Фуснота кон една интригантна изјава на Божин Павловски

Божин Павловски пред отприлика една година напиша дека во поновата историја на Македонија само двајца политички водачи имале концентрирано голема моќ: Лазар Колишевски и Никола Груевски. Веднаш потоа Павловски се корегираше самиот себеси, сфаќајќи дека дури и семоќниот Колишевски имал прилично ограничен терен за политичко маневрирање (над Колишевски бдееја и Белград и внатрешните опоненти, како Крсте Црвенковски, на пример; башка, дури и во новосоздадената република, по нејзината консолидација во педесеттите, институциите - од партијата преку медиумите до полицијата - беа на повисоко демократско ниво од сегашната приватна држава на Фамилијата). Така што, испаѓа дека дури и озлогласениот Лазо, во смисла на акумулирана моќ, е мало дете во однос на „пастирот“ („Злодеј Всемог“, „семоќникот на злоделата“, така пастирот, слутам, би го нарекол Славко Јаневски, другарот на Лазо).

Текстулево налик на фуснота, значи, го пишувам во одбрана на наклеветаниот Колишевски, барем кога го споредуваме со сегашниот господар на градинката, т.е. газдата на учкур тајфата. Па Лазо барем бил интимус со генијалниот Славко Јаневски, добога! Додека Злодејот ги пика во затвор дури и своите интелектуални кло(в)нови! Деспотот-дерле е опкружен со вазали и имбецили, а околу Лазо имало и паметни луѓе и големи уметници. Освен тоа, Лазо барем го пошумил Водно и ја зазеленил Македонија, додека Злодејот - и дословно и метафорички - ја испржи и ја исуши земјава, а центарот на главниот град го ослободи и од паркови и од зеленило!

(А сепак, мора да се каже, макар и како фуснота на фуснотата: постојат многу структурни сличности меѓу повоениот револуционерен терор и сегашната тоталитарна држава. Можеби директно не можеме да ги споредуваме Колишевски и Груевски, како модели на авторитарно владеење, но несомнено е дека улогата на пастирот и на неговата Фамилија може да се спореди со улогата на некои од најзатуцаните и најбруталните македонски полициско-политички функционери, кои извршија не баш безначајни зулуми по војната...

Иако општиот брутален контекст е некакво оправдување за тогашните злодела на државата, тоталитарниот систем во кој сосема беа сраснати политиката и полицијата го одреди тој, за среќа краток, период од овдешната историја. Сегашните наци болшевистички зулумќари, немајќи никакви оправдувања во поширокиот контекст, го вратија истиот модел, како ништо да не се случувало 60 години...)

Слика: Свирачиња