Ловци на души (1)

07.09.2014 11:05
Ловци на души (1)

Македонски селанки, почеток на XX век

 

Џ. Ф. Абот „Приказна за патувањето низ Македонија“

 


Белешките на странските патописци од минатите векови се извонредно скапоцен извор на податоци за историјата на секојдневниот живот во Македонија. Тие ни ја отсликуваат интимната историја на луѓето во Македонија - социјалните релации, обичаите, верувањата, навиките, вредностите итн. Секогаш субјективни, честопати површни и оптоварени со стереотипи и предрасуди, патописците напати имаат длабок интуитивен увид во животот и состојбите на духот кај овдешното население.

Патописите имале посебно место во англиската книжевност и, како што пишува Марија Тодорова во својата книга Имагинарен Балкан, неколку векови биле на второ место по читаност во Англија. Тие ги изразувале националните склоности и националниот карактер на самите Англичани, како и главните трендови на британската надворешна политика. Во XVII и XVIII век, анализира Тодорова, англиските патописци биле наклонети кон владејачката османлиска класа. Покрај традиционалната нетрпеливост кон муслиманите, сепак, нацијата која владеела со светот го признавала владејачкиот народ во Османлиската Империја која веќе била во залез. Во XIX век, извештаите на британските патници стануваат сѐ покомпетентни, а некои покажуваат и длабоко разбирање на состојбите како и вистинско човечко сочувство. Мекензи и Ирби, во 60-тите години на XIX век, преку својот патопис и јавните предавања за словенските области во балканска Турција, на англиската јавност ѝ ги откриле Јужните Словени и влијаеле на промената на јавното мислење и будење на интересот за нив.

Пред крајот на XIX век, според Тодорова, постоеле два обрасци на перцепција кај патописците - аристократскиот и буржоаскиот. Аристократите главно биле туркофили, со заштитнички став и сочувство кон селаните, додека либералната средна класа била наклонета кон христијанските народи на Балканот. Вториот образец на перцепција ги надградил своите стереотипи на затечените предрасуди. Според Ребека Вест, англискиот патник од XIX век имал главно неповолно мислење за христијанските поданици на Османлиското Царство, оти ги сметале за валкани, неписмени, алчни, негостопримливи и невоспитани.

Кон крајот на XIX и почетокот на XX век, дошло до кулминација на еволуционистичките теории, а посебно на прогресионизмот како една од неговите верзии. Традициите на романтизмот довеле до методично проучување на балканскиот фолклор, а еволуционизмот го фиксирал Балканот во раните степени на човештвото. Буржоаската рационална култура сметала дека селаните се класа која се повлекува од центарот на сцената и останува само како куриозитет и ризница на архаични обичаи и верувања, па така руралната традиција на Балканот за Европа претставувала само етнографски музеј на отворено. Овој музеј бил податен за проучување на фолклорот и јазикот, кои според Хердер, ја претставуваат суштината на идентитетот на народите.

Воден, 1916 година

Во тој контекст, на преминот на вековите, 1903 година, се појавил патописот „Приказна за патувањето низ Македонија“ од Џорџ Фредерик Абот (1877-1947). Абот бил воен дописник и писател од Англија, школуван на колеџот Емануел во Кембриџ, каде што дипломирал во 1899 година. Бил специјален известувач од југозападна Европа за неколку лондонски весници. Покрај статиите во разни списанија напишал и повеќе книги. Во 1900 година универзитетот Кембриџ го испратил во Македонија да го истражува фолклорот во оваа област. Во 1903 година, во Лондон, ги објавува книгите Приказна за патувањето во Македонија и Македонски фолклор.

Пред да се појави како книга, делови од овој патопис биле објавувани во лондонскиот Гардијан. Во нејзиниот предговор пишува: „Книгата содржи некои од авантурите на истражувачот - можеби преамбициозен опис на неговите скромни искуства - и набљудувањата на мажите, на жените и на државните службеници. Неговата цел е само да ги опише работите, онака како што тие му се претставувале самите пред неговите очи, без благонаклоност и без страв. Трудејќи се да биде фер кон сите, најверојатно успеал сите да ги навреди„.

Книгата има 337 страници и содржи 39 поглавја, индекс и 9 илустрации, меѓу кои и карта на Македонија. Абот, своето патување го опишува хронолошки, почнувајќи од 27 август 1900 година, од железничката станица во Зубовце, Кумановско, завршувајќи го во декември, истата година, на Света Гора. За време на своето патешествие престојува во Солун, Серес, Дојран, Скопје, Велес, Порој, Долна Џумаја, Демир Хисар, Мелник, Петрич, Нигрита, Провиста, Ангиста, Драма, Кавала, селата на север од железничката линија меѓу Серес, Демир Хисар и Драма - Радова, Пулиова, Сармусакли, Зихна, Зелиахова, Алистрати и Лиалиова кај Неврокоп.

Абот, кој во времето на своето патување имал само 23 години, себеси се квалификува како „скептичен набљудувач“. Колкави биле неговите предзнаења за Балканот - неговата историја, народи, актуелна политичка ситуација, не ни е познато. Може само да се претпостави дека како дипломец на Кембриџ, испратен да го проучува фолклорот во Македонија, имал одредени познавања и увид во литературата . Не ни е познато и какви се и дали воопшто имал роднински врски со Џон - Џеки Абот, бизнисмен и лихвар од Солун, од средината на XIX век. Џеки Абот бил „Грк по религија, Британец по националност“. Неговата фамилија живеела во Солун, од почетокот на XIX век, а тој го користел своето богатство стекнато од одгледување и трговија со пијавици, да стане еден од најголемите лихвари во регионот, преку корумпирање на властите. Фамилијата на Џон Абот, како што пишува Мазовер во Солун, град на духовите, останала моќна во Солун уште една генерација, но нивните пари бргу ги снемало. Голема е веројатноста дека Џорџ Абот припаѓал на истото семејство, зашто тој очигледно имал своја база и добри врски во Солун и го говорел грчкиот јазик, иако тоа воопшто не го споменува во својата книга.

Обред за празникот Задушница во Македонија

И самиот вели дека единствен начин да дојдеш во контакт со луѓето и да ја видиш Македонија е да обезбедиш писма со препораки до одредени луѓе во внатрешноста, очекувајќи дека тие ќе те запознаат со други. При своето патување, Абот зема лажен идентитет на новинар на францускиот Журнал де Салоник, кој собира претплатници од внатрешноста. Неговото искуство на патување низ Турција не му препорачувало да го кажува својот вистински идентитет. „Беше потребно да се има оправдување за патувањето кое нема да предизвика сомнеж, нешто подразбирливо за османлиите, како што е истражувањето на книжевноста. Ова ми беше обезбедено од уредникот на локалниот француски весник, кој подготвено ја прифати мојата понуда да патувам како негов дописник. Тој ме назначи за редактор, а јас, за возврат, прифатив да разговарам со претплатниците во внатрешноста и да собирам претплати. ....Пишувањето не е меѓу должностите на дописникот во Турција, бидејќи единствените нешта што заслужуваат да се забележат се забранети теми.... Турските власти се крајно сомничави и имаат аверзија кон странците кои ја гледаaт голотијата на земјата и нејзината мизерија.“ Особено англискиот престиж прилично претрпел последните години, делумно поради политички причини, оти како што вели Абот тие „лаеле премногу а касале премалку за ерменското и други прашања.“ Во тескерето, што му го обезбедил британскиот конзул во Солун, пишува дека е новинар, и опишан е како многу висок, со светла коса и сини очи, иако „природата го благословила со средна височина, дури и низок, црна коса и темни очи.“ Тој дури си купил и фес за да не отскокнува од средината, но без оглед на тоа, Турците веднаш го препознавале дека е Англичанец по неговиот брз од, кој се разликувал од тромавото одење на Турците. Абот наполно се вклопил во локалната шема на нејасни, скриени, лажни идентитети, кои обезбедуваат побезбеден живот. Цената на животот и безбедноста е многу посуштествена од вистината.

Несомнено, Абот е талентиран писател, извонреден набљудувач, прилично објективен и непристрасен и опремен со типично англиски, колонијален, надмен, но добронамерен хумор. Се интересира, пред сè, за самите луѓе, нивниот начин на живеење, облекување, обичаи и верувања. Големата слика, актуелната состојбата во оваа турска провинција е дадена во втор план, без големи задлабочувања и анализи, но индиректно, јасно го гледаме распадот на Османлиското царство, несигурноста и стравот кои владеат, корупцијата, борбите на комитите, зулумите на Турците, сиромаштијата на селаните, издигнувањето на христијанската градска класа, нетрпеливоста меѓу разни верски и национални групи, борбите на пропагандите. Тој дава извонредни описи на разни карактери и односи меѓу луѓето, преку опишување на конкретни случки и ситуации. Пренесува цели конверзации, со локални приказни, анегдоти и поговорки. Ја разоткрива притворноста и хипокризијата во односите меѓу христијаните и муслиманите, префинетите манири и церемонии на Турците и сервилноста и додвориштвото од страна на христијаните. Ги отсликува националните карактеристики на разни народи кои живеат на територијата на Македонија.

Секако, неговиот приод е оптоварен со предрасуди и стереотипи, но и полн со разбирање и сочувство кон жителите на Македонија. Овој пристап наполно се поклопува со перцепцијата на англиските патописци за Балканот, од крајот на XIX век, како што брилијантно ја опиша Тодорова. Тој со интерес ги опсервира различните етноси кои ја населуваат Македонија, особено нивниот фолклор, а ќе најдеме и симпатија кон потчинетите народи и презир кон корумпираните државни службеници. Иако неговиот вообичаен британски филхеленизам е очигледен, тој е прилично објективен и знае да ги препознае позитивните и негативните особености на луѓето, кои во голема мера се одраз на нивната актуелна позиција во општеството.

Македонска селанка на чешма, почеток на XX век

Од особен интерес за нас се неговите видувања за етничкиот идентитет на македонските Словени на самиот премин од XIX во XX век.
Абот ја третира Македонија како географска територија, во рамките на Османлиската империја која, според приложената карта во книгата, на север се протега до Скопска Црна Гора, на запад до Шара и Грамос, на југ до Олимп и Халкидик, на исток до Струма, Доспат и Тасос. Тој го прикажува своето видување за етничкиот состав на населението во секое место низ кое поминува или престојува.

Насекаде, населението живее измешано. Скопје, вели Абот „...претставува минијатурна комплетна слика на целата провинција. Жителите на градот се главно Срби, Албанци и Бугари, со мало, но влијателно грчко малцинство кое ги претставува трговските и индустриски, наспроти земјоделските интереси. Околната земја ја обработуваат Словени, а ја поседуваат т.н. Турци. Мешаниот состав на населението во областа е причина за бескрајни борби. Борбата има двојна природа. Во западните предели Албанците ги злоставуваат Србите, а на исток Србите и Бугарите се постојано на нож. Ова не ги спречува двата вида на родот Словени повремено да се борат против муслиманите, кои често се и самите Словени, принудени во минатото да го извршат ритуалот на обрежувањето за да избегнат полоша судбина. Заедницата на раса и јазик, наместо да ги избрише, ги нагласува разликите во статус и вера и поттикнува вистинска братска омраза“. Во Велес, според него, „Христијаните, од кои поголемиот дел се нарекуваат Бугари, ги има двојно повеќе од муслиманите. Во директен антагонизам со Бугарите стои бројно малата грчка колонија, која ги вклучува најбогатите и најцивилизирани жители“.

Солун, според официјалната статистика, има 70.000 Евреи, како и бројно турско население, многу мал број Срби, Романци и Бугари, како и европска колонија. Според Абот пописот кај османлиите бил необичен израз на ориенталниот хумор. Се прави заради даноците и, според еден државен службеник, не може да се очекува луѓето да бидат многу расположени да ги дадат своите имиња. Во Солун, пишува Абот, „Секоја од набројаните раси сама населува едно маало, и иако сите живеат во ѕидините на еден град, се чини дека знаат едни за други толку, како да живеат на различни планети. Секоја националност се облекува, зборува, лаже и се моли на свој начин, сосема различен од оној на своите соседи, и секој од нив негува традиционална антипатија кон сите други“.

Во Дојран живеат Турци и христијани, но иако минарињата даваат видлив доказ за верата на мнозинството од населението, не ја прецизираат неговата националност. Неговите жители, христијани и муслимани, проценети на околу седум до осум илјади, како и повеќето луѓе долж железничката линија до Демир Хисар, зборуваат бугарски, иако турскиот не е непознат во поголемите градови. Во селото Порој, на патот од Дојран кон Солун, Абот го гледа кондензирано македонското прашање: „Конфузна маса на колиби и неколку бели минариња го отсликуваат муслиманскиот дел на селото Порој, но има уште два Пороја, еден грчки и еден бугарски, или би требало да кажам еден православен и друг шизматичен, така што овде се гледа целото македонско прашање во ореова лушпа - Словените дигнати против Грците, и обата народи соочени со заедничкиот непријател, против кого, сепак, тие ниту можат ниту ќе се здружат“.

Главната градска улица од Охрид, почеток на XX век

Во Долна Џумаја, христијанската заедница, главно, ја сочинуваат Власи и Бугари, припадници на Патријаршијата. „Џумаја претставува феномен, секако не единствен, на население кое зборува влашки или бугарски јазик, а се смета себеси за Грци“. Иако изгледот на Серес е несомнено турски, христијаните се исто толку бројни како и муслиманите. Грците се мнозинството на христијанскиот елемент, а малцинството го сочинуваат Бугарите, Србите и Власите. Христијаните се зафатени со расни недоразбирања, засилени со верска омраза. Во Демир Хисар, помеѓу турското и грчкото маало, тече поток, „симболизирајќи го јазот кој ги дели крстот и полумесечината, две сили кои егзистираат една покрај друга, а сепак никогаш не се среќаваат“. Во грчкото маало има само по некој Бугарин, „доволно колку да биде вредно да се живее“. Во селата Радова и Пулиова, и во целата област на двете страни од реката Струма, како и во поголемиот дел на централна Македонија, словенскиот јазик преовладува во селата, додека во градовите тоа е грчкиот.

„Мелник е главно грчки град, оаза на хеленскиот јазик, култура и традиција, сред областа населена со словенски селани и малку турски службеници“. Петрич е населен со половина христијани и половина муслимани, од кои мнозинството се „сунетисани Словени“ кои се разликуват од своите христијански соседи само по начинот на живот наметнат од верата. Пазарот е „...една шарена збирштина, која претставуваше колоритна панорама на национални носии и дијалекти, особености и вери“.

Селата долж железничката линија, блиску до езерото Тахино: Сармусакли, Зихна, Зелиахова и Алистрати, се со мешано население, но најголемиот дел од нив зборува бугарски. Жителите на Зелиахова се христијани кои го користат турскиот, но само што почнуваат да учат грчки. Има неколку други случаи на христијани кои го усвоиле турскиот, како последица од взаемните контакти или како средство за самозаштита. Во Лилиаова, близу Неврокоп, се муслимани кои доскоро го користеле грчкиот јазик. „Овие четири села ја формираат граничната линија помеѓу дискутабилната територија на север кон чисто хеленската област, која се простира до бреговите на Егејот и која иако има неколку муслимански населби, нема ниту една словенска заедница“.

(продолжува)

Извор: Спектар, меѓународно списание на Институтот за македонска литература, 57, Книга I, Скопје 2011

Слични содржини

Култура / Историја
Балкан / Култура / Теорија / Историја
Балкан / Култура / Историја
Балкан / Култура / Историја
Никола Гелевски
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото