Палата

08.09.2014 09:26
Палата

Да се именува административна зграда, па макар во неа било сместено и Министерството за финансии, како Палата „23 Октомври“, како што тоа неодамна беше направено со реконструираната карабина на некогашна „Југобанка“, не е само претенциозно, ниту е само етимолошка грешка, туку појмовно, смисловно недоразбирање, кое, на крајот на краиштата, доволно говори, не за писменоста, туку за идеолошката потка на оној што ова име го ставил. Палата е, како што тоа го знаат повеќето што некогаш во животот се сретнале со овој поим, голема, раскошна зграда, наменета за монарси, суверени (Бакингемска палата), властелини, феудалци, велможи, моќници (Ристиќева палата, Палата Шкаперда) или некои со неприкосновена или недискутабилна власт (Судска палата).

Проблемот во „палатирање“ на извршната власт е токму во тоа што таа не е ниту суверена (суверен е народот, односно гласачкото тело што ја избира), ниту недискутабилна, ниту неприкосновена. Конечно, „министер“, зборот од каде што е изведена именката „министерство“ значи – слуга. Во случајот, се разбира, слуга на суверенот, значи не на првиот министер, односно премиерот, туку на народот. Во некаква логична поставеност на работите, народот би требало да работи и функционира во палата (палати), а не министерството (министерствата). Бидејќи тоа, за жал, не е можно, не постои во светот демократија која административните згради на своите влади ги нарекува „палати“, барем не официјално.

Мешањето на предмети и имиња со кои тие се именуваат (на пример, ако масата ја наречете „коњ“) имаат барем десетици психолошки, па и психијатриски објаснувања. Во конкретниов случај нема да споменеме ниту една од (оправдан) страв да не добие власта, која и онака страда од тешки душевни болки, уште една, а (како што знаеме) тие душевни болки дебело се наплаќаат. Она што сепак може да се заклучи е дека овдешната извршна власт, значи Владата сосе министерствата, себеси се доживува како неприкосновен суверен, како некој со мандат на апсолутна моќ, која не може да биде предмет на никаква дискусија. А тоа, ќе признаете, е доволно тешка душевна болка за нејзиниот господар, односно за народот. Само што во овој случај не постои суд што ќе ја верифицира оваа болка (бидејќи, како што покажува искуството, кај нас судовите, а не здравствените институции, главно ги констатираат овие дијагнози).

На страна фактот што ниту една палата нема свое лично име, па макар тоа бил и некој историски датум или име на некоја историска личност. Палатите ги добиваат имињата по оној што ја користи, односно по нејзиниот сопственик (да ги повториме: кралска, судска, Ристиќева...).


„Палата“ е интернационализам што во различни варијанти се наоѓа во повеќето светски јазици. Како и повеќето интернационализми доаѓа од латинскиот (palatinium), што е всушност име што некогашните Римјани ѝ го дале на резиденцијата на императорот Август (Caesar Augustus), од каде што тој владеел. Името е добиено од името на едно од седумте брда на кои никнал „вечниот град“, од Палатин, што е, ако не се лажам, и денес резиденцијален кварт во Рим. Од тоа време, ете, денес првпат во историјата официјално се појавува палата – што не би смеела да биде тоа.

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото