Новата зора на европскиот фашизам

09.09.2014 14:09
Новата зора на европскиот фашизам

Ако некоја континентална општествено-политичка појава стана видлива во првите години од 21-иот век, тоа е застрашувачкиот подем на фашизмот во Европа. Ваквата за многумина неверојатна и скандалозна појава не ја потресла колевката на демократијата уште од 30-ите години на минатиот век. Да биде уште пострашно, овој подем на фашизмот покажува неподнослива каузална повторливост бидејќи надоаѓа исто како историскиот фашизам врз бранот на најголемата криза на капитализмот по крахот на берзите во 1929 година. Запрепастувачки е дека владеачкиот капиталистички либерално демократски светоглед и овој пат не е во состојба да ја воочи опасноста од растењето на моќта на фашизмот. За жал, работите повторно се случуваат во насока спротивна од здравиот разум, како фашизмот за капиталистичкиот поглед на светот воопшто да не е зло по себе. За него единственото вистинско зло отсекогаш била само комунистичката политичка програма за прераспределба на светското богатство од малкумината пребогати кон огромното мнозинство сиромашни.

Не е случајно што во својата програма историскиот фашизам, иако деклариран како антикомунистичко и антикапиталистичко движење, само антикомунистичкиот сегмент од програмата го остварувал темелно, сурово и крваво – физички уништувајќи ги комунистите секаде каде што бил на власт, додека капиталистите (од нееврејско потекло) и капиталистичкиот поредок никогаш не ги гибал. Уште повеќе, во тоа време фашизмот ширум светот се презентираше како спасоносна варијанта на капитализмот, кој после Првата светска војна ја преживуваше најголемата криза на либералната демократија и laissez-faire економијата. Државниот капитализам или корпоратизмот (што е политичко-економската суштина на фашизмот), до доцните триесетти години во многу земји важеше како поефикасен вид капитализам од оној со слободен пазар и либерална демократија и, секако, најефикасно деснокрилно оружје на капиталистичките земји против комунизмот. Фашизмот секаде во Европа тогаш беше најпопуларната „контрареволуција против (комунистичката) револуција која... (најчесто воопшто) не се ни случи“ (Силоне).

Колку и да е денес непристојно тоа да се изговори, факт е дека фашизмот е enfant terrible на капитализмот и либералната демократија; тој е нивниот одметнат пород зачнат за да ги одработи валканите работи. Веројатно токму поради ова грешно сродство денес, кога европските избори ја верификуваа новата зора на фашизмот во повеќе европски демократии, тој упорно се третира како легална и легитимна политичка опција. Сосем нормална демократска појава, која упорно се нарекува со концептуално матни еуфемизми од типот „десен популизам“ и слично. Категоричен (и мајчински „објективен“) е ставот на глобално владеачкиот капиталистички светоглед дека денешниот подем на „крајната десница“ или „десниот популизам“ нема ништо слично со стариот фашизам. Тоа било така зашто десничарските партии денес во потполност го прифатиле неолибералниот капитализам и парламентарната демократија.

Од друга страна, невозможно е да не се забележи дека и историскиот фашизам ја ползувал формата на либералната демократија, особено нејзините институции и легислативата, во функција на својот тоталитарен проект. Оваа форма била декларативна и мимикрична бидејќи била одржувана само како декорација или закрила која на фашистичкиот тоталитаризам му давала надворешна илузија на цивилизираност, демократичност и легитимност. Општо место е дека Хитлер во својот поход на власт со мефистофелска леснотија ги злоупотреби механизмите на парламентарната демократија, задржувајќи го формално во сила германскиот устав од 1919 година. Таканаречениот Вајмарски устав, во тоа време еден од најдемократските устави во западниот свет, беше на сила за целото време на владеењето на Хитлер, што не го спречи фирерот со таа уставно-правна рамка да организира и изврши масовно убиство на 20 милиони Словени, 6 милиони Евреи, милион Роми и уште многу други. Поради тоа демократичноста или авторитарноста на една власт не се оценува според уставот и законите кои формално се на сила, туку според фактичките состојби на општествената правда и човечките слободи и права. Истата ограда мора да постои и во проценувањето на денешните политички движења на „крајната десница“, во нивниот парламентарен поход за освојување на власта. Суштината на демократијата е во реалната слобода во која можат без страв да се уживаат правата гарантирани од уставот и законите, значи во фактичката моралност, праведност и вистинитост на сите аспекти од општествениот живот, а не само во формалните аспекти на правната држава или во декларираните статути и програми на партиите.

Колку и да се декларираат како политички партии со демократски легитимитет, факт е дека целата оваа црна континентална плима на крајно десничарски политички движења ја обединуваат својствата на историскиот фашизам. Тоа е пред сè омразата со која се заразени сите слоеви од општеството – од невработените лумпенпролетери и осиромашената средна класа до невидливите носители на крупниот капитал; сите обединети околу агресивниот ултранационализам и шовинизам, скриениот расизам и отворениот антикомунизам, како и омразата кон политичките и етничките малцинства. Оние, пак, што ја освоија власта – како унгарскиот Јобик, украинските Слобода и Десен сектор и македонската ВМРО ДПМНЕ – неизбежно стануваат авторитарни режими кои отворено ја суспендираат суштинската демократија и ги газат човеквите права и слободи. Впрочем, историските основачи на поголемиот дел од овој современ „реформиран“ фашистички бран формираа диктатури кои беа во сојуз со Хитлеровиот Трет Рајх, а другите, кои не станаа сојузнички режими на Рајхот, како што е случај со овдешната ВМРО, беа фашистички по својата суштина и активно колаборираа со силите на Оската во Втората светска војна.

За очекување беше дека по глобалниот самрак на социјализмот и на левичарската мисла со историска неумоливост ќе настапи зората на новиот фашизам. Иако требаше да ја очекуваме, како сите да сме непријатно изненадени. Како да не му пречеше што Македонија е антифашистичка држава по род, македонскиот фашизам е веќе во својот зенит. Тој веќе бие со пладневна жега, но македонските антифашисти како уште да спијат. Дали златната зора на европскиот фашизам ќе ги разбуди антифашистите?

Слики: Julius Hofmann

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото