Душевните болки на македонскиот Којот!

10.09.2014 12:23
Душевните болки на македонскиот Којот!

Има моменти кога не знам што да правам со милионите што ги здиплив во рамките на својата предавничка мисија и тогаш ми доаѓа да се натрескам од мака и од пиво или да формирам, внимавајте, Фондација за финансирање на граѓанските и на партиско-политичките активности што можат да предизвикаат помали или поголеми оштетувања врз душата на бездушниот премиер, врз соулот, значи, на тоа мало, злобно, искомплексирано човече што го инсталиравме според сопствената мерка тогаш кога таа мерка грабнаа да ни ја одредуваат простата маса, неуката елита и елитната ништожност! Перформансот би можеле да го реализираме како извртена староримска или модерна шпанска забава во која плебсот наоѓа начин да ужива во болката на тие што од ложите на високата класа секојдневно го гледаат неговото страдање во арената на реалниот живот и уживаат во глетката што ја формираат со моќта на политичките бои или во која бикот измислува опции како да го зарие мечот на матадорот во мазниот врат на човекот!

Демек, како мала садомазохистичка оргија на историски хендикепираните! Со уметнички претензии, се разбира! Кои ќе ни помогнат малку да ги стишаме моралните узбуни! Или како одмазда на луѓето на кои оваа чудовиште, кое не може да ги поднесе дури и деловите на своето тело што стојат на леви позиции, им приредува неимоверни душевни болки сврзани со личните егзистенции, но и со пошироките културни и политички интереси за судбината на заедницата како општество, држава, нација, идентитет...!

Можеме да викнеме и меѓународни медицински посматрачи кои во научни цели би ги мереле реакциите на премиерот и нашите реакции во моментот кога апаратите на најблискиот Соулографски институт ќе регистрираат макар и најмала болка во просторот кајшто би требало да престојува душата на Груевски. Или, зошто да не, би можеле да посакаме да покажеме дека болката како константа на македонското постоење, не само што не мора да биде прометејски хендикеп на луѓето од овие простори туку дека може да биде и извор на цело богатство! Ако оној што го боли, или макар мисли дека го боли, или му требаат пари, или нема друга работа, е премиер! Кој си има суд во кој болката ја менува за пари во менувачниците на разни весни, марковци и каракагускини тањи! Но, да не одиме предалеку!

Фондацијата би ги финансирала квазисудските порази на луѓето што ќе се осмелат „да го наклеветат“ со некоја ординарна вистина, нашиот до болка обожаван надвојвода! Не со измислици и вулгарности туку со оценки, ставови и тврдења, кои според општопознатите критериуми се на границата или влегуваат во заштитената зона на премиерот и предизвикуваат помали или поголеми дразби и болки, нешто за невидената пљачка, за културоцидниот стрв, за естетската бламажа, за националниот срам, може да се отиде на уште еден или два процеса за „Македонска банка“ со апсолутно истите заевски квалификации (татко на криминалот или како веќе беше), дури и со Нини, човекот што оди наоколу и „фрла светлина“ врз глупоста на системот од срања што така страстно го обожава нашата драга Тања, за Скопје 2014, за Платежната картичка, за Окта, за становите и гаражите на мајка му, за разликата меѓу собраните 25-26 милијарди евра буџетски пари за осум-девет години минусирани за реалните, не за фактурираните трошоци и освежени со огромните заеми и така натаму!

Една тужба неделно од негова страна, уф, тоа би бил голем успех за нашата идеја! Доволно ќе биде ако го натераме да минува низ гомната под Стоковната куќа „Мост“! Тоа е првиот столб во мојата програма за изместување на политичката борба против режимот на тужителот од вообичаеното ниво на кое тој е фаворит по дефиниција и од кое опозицијата, од засега непознати причини, одбива да се одлепи! Вториот столб е барањето да се забрани работата на неговата (на тужителот, н.з.) Внатрешна македонска револуционерна организација - Демократска партија за македонско национално единство. Каква фирма, јебо те драги Бог! Како организација што го урива уставниот поредок, културното и духовното, политичкото и антифашистичкото и военото наследство како основа врз која постои Република Македонија, како организација што ги урива перспективите на земјата и на луѓето систематски саботирајќи ги евроатлантските опции на државата, како, значи, организација со опасни намери, антимакедонска и антицивилизациска структура од прв ред, Злосторничко здружение впрегнато во Злосторнички потфат против Македонија и македонската идеја и против здравиот разум, како „Православна држава Никола, Вемерето и Обединението!“, како своевиден православен калифат!

Третиот столб е барањето да се спроведе меѓународна конзилијарна контрола на здравствената состојба на премиерот! Не само во врска со зачестените душевни болки што му ги задаваат опозиционите лидери, туку и во врска со комплетната политичка мисија која според резултатите односно последиците во сите сфери остава силен впечаток дека тука станува збор за сериозна колизија со здравиот разум! Познавам голем број врвни правни експерти и вешти лица од медицинската сфера, значи меѓународни авторитети од највисок ранг, кои се спремни про боно да се нафатат на оваа работа, која нема да им одземе многу време оти од стручен аспект, всушност, може релативно бргу и, се надеваме безболно, да се заврши!

Четвртиот столб е отворање на таканаречената „Портокалова книга“ за конкретните правнополитички и други мерки што народот на Македонија и по негово овластување избраните субјекти ќе ги преземат за санација на теренот по цунамито на чипираните идиоти. Со имиња на одговорните и со детален опис на нивните недела, вклучително и на објектите што задолжително ќе мораат да се демонтираат (Грчев) за да го ослободат просторот од своето физичко присуство и од своето симболичко значење и зрачење ако ние сакаме да отвориме какви било процеси на сопствената рехабилитација!

Бркајќи ја, сакам да кажам, брзата опозициска птица што му ја заебава антимакедонската мисија, Груевски ја дотера својата кариера во онаа фаза во која во цртаниот филм Којотот го поминува работ на бездната и продолжува да се движи и да си свирка без да забележи дека под нозете му го нема тлото по кое до пред еден момент така цврсто чекореше! Во фазата во која се остварени сите предуслови за брз и радикален пад, но самиот пад сѐ уште не е почнат! Наша должност е да му помогнеме да престане да лебди како некој лудак!

Процесот против Заев е чекор што го оддалечува нашиот Којот од цврстото тло на кое мислеше дека ќе ги изгради урнатините на Македонија! Системот што го изгради почнува да работи против него и тогаш кога му носи победи бидејќи сите го третираат не како извор на неговата супериорност и на сопствениот страв туку како извор на страшна ослободувачка заебанција со еден, додуша необичен, но сепак, циркузант!



П.С. Какво гомноизлевање, бе, Скопјенце, те чека кога државната и парадржавната бирократија ќе почнат со нов елан да серат во новите згради што како сардини во конзервите на „Мирна“ Ровињ ги редат чипираните идиоти на власта, кога манијакот од министерството за финансии ќе почне да се олеснува на „Даме Груев“ оставајќи му го стариот сералник на некој клинички дебил од понизок ранг!? Слушам дека кај Стоковната куќа „Мост“ Коце ќе гради специјално панорамско тркало на кое Павле Трајанов, Љубисав Иванов Ѕинго, Али Ахмети и идиотчињата од подмладокот на вемерето ќе се возат и со кофи ќе ги црпат говната што се излеваат од блискиот Музеј на револуционерната борба на македонскиот народ за смрт!

Извор: Слободен печат