Што значи да се биде Шкот

11.09.2014 11:26
Што значи да се биде Шкот

Англичаните конечно нè сакаат. Таа љубов мора да е поврзана со приближувањето на денот на референдумот и сè поголемата поддршка за кампањата за независност на Шкотска. „Се грижиме“, ми пишува пријател од Англија, „не сакаме да си одите“.

Оваа грижа поради „заминувањето“ на Шкотска е многу трогателна, но и збунува. Ги уверувам сите Англичани обземени од љубов кон нас, дека ако изгласаме независност, нема да „одиме“ никаде. И понатаму ќе бидеме тука. Ќе нема царини, ни бодликави жици долж Твид. Фестивалот во Единбург и понатаму ќе се одржува, и понатаму ќе ви испраќаме чаден лосос, Тревис и понатаму ќе прави концерти за вас и сите од југот ќе бидат добредојдени како и секогаш.

Ние гласаме за правото да бираме сопствена влада, да ги собираме сите свои даноци и да ги трошиме онака како што сакаме - како и секоја нормална земја. Да се каже „не си одете“ е како да кажете „Не сакаме сами да управувате со своите работи. Ќе ви биде подобро ако со вас управува влада која ние ќе ја поставиме.“

Уште една заблуда е дека ако Шкотите изгласаат незавиност, ќе избијат етнички судири. Ова мислење го застапува историчарот Сајмон Шама, кој го осудува „племенскиот идентитет“ на шкотскиот национализам. Силите кои заговараат шкотска независност, вели тој, се подеднакво „ужасни како оние кои предизвикуваа етнички и племенски војни и безброј масакри ширум светот“.

Го прочитав неговиот текст, а потоа низ прозорецот ги погледнав мирните, поплочени улици на Единбург, каде што живеам сега, и се запрашав како е можно еден угледен историчар толку да греши. Во текот на 25-те години кои ги поминав како дописник од светот видов многу етнички конфликти, од Косово и Чеченија до Источен Тимор, и ги уверувам сите кои ги загрижува бладањето на Шама дека она што се случува во Шкотска личи на тие „ужасни места“ колку што и дроб сармата личи на јоркширски пудинг. Можеби не е по сечиј вкус, но сосема сигурно не е разјарена ѕверка.

Невозможно е од страна да се процени расположението во Шкотска. Тое е една од причините зошто одлучив да се вратам во мојата татковина пред неколку месеци, откако половина живот го поминав надвор од неа - не само за да уживам во референдумското лето, туку и да се обидам повторно да ја сфатам својата земја.

Следи кратко отфрлање на одговорноста. Мојот првобитен грев е тоа што сум роден во Јоркшир. Толку бев стопен со таа култура што како 4-годишник, кога родителите, 100% Шкоти, првпат ме однесоа преку северната граница во Марејфилд, за машкиот тоалет реков: „Каков чуден тоалет... има плочки насекаде по подот“. Брзо се асимилирав. Кога една година подоцна нè посетија пријателите од Јоркшир, не го разбирав нивниот изговор.

Следните 20 години ги поминав во Шкотска (ниту еднаш не отидов во Лондон пред да се запишам таму на факултет), а последните 30 и нешто години за време на кои живеев во странство, ги поминав неуморно инсистирајќи, на повеќе јазици, дека државата Шкотска всушност постои и дека никако не е дел од Англија.

Што значи да се биде Шкот? Тоа сигурно нема да го дознаете од говорите кои се одржани за време на референдумската кампања. СНП (Шкотската национална партија) и пошироката коалиција внимателно избегнуваат да го споменат она за што многумина мислат дека би требало да биде централна тема на кое било движење за независност: идентитетот. Тоа е она што ги одржа во живот Шкотите и мене во текот на децениите кои ги поминав надвор од земјата - но не се осмелувам да го споменам тоа дома од страв дека ќе ме прогласат за националист или противник на Англија.

Но, национализмот не мора да биде исклучив, агресивен, шовинистички или заводлив. Може да биде национализам кој прифаќа различности, баш како што Кетлин Џејми вели во својата прекрасна песна врежана на споменикот на битката кај Банокбурн. Песната се занимава со победата на Шкотска над Англија од 1314 година, но ги повикува сите дојденци кои „ја примиле“ новата земја „во своите срца“ да ја сметаат за своја.

Независноста не значи повлекување граници. Шкотите и Англичаните и понатаму ќе бидат најблиски сојузници. Но независноса би ни дала можност да изградиме земја која подобро го одразува идентитетот и приоритетите - политичката култура, да се изразам така - на повеќето луѓе кои живеат овде (и „етничките“ Шкоти и оние кои дошле овде сметајќи ја оваа земја за своја).

Во текот на вековното заедништво со Англија успеавме да ја сочуваме својата култура, музика, книжевност, дијалекти, обичаи, закони и црква - и сето тоа создаде шкотски вредности. Повеќето од нас се она што го нарекувам „барнсијанци“, кои ги презираат привилегиите и се во вечна потрага по правда, и кои попрво би ги трошеле парите од даноците на училишта и болници отколку на милениците на банките или демонстрирање сила по целиот свет со нуклеарни проектили. Постојат тие повисоки вредности, за кои нашите влади поставени од Вестминстер не се залагаа.

Не гледам ништо лошо во гордото истакнување на таквиот идентитет и ме депримира фактот дека кампањата е насочена кон тоа дали ќе бидеме побогати за 500 фунти по глава на жител, или што ќе правиме со сета онаа нафта во Северното Море. Јас ќе гласам за независност не затоа што сум националист, туку затоа што сум социјал-демократ, не затоа што ги мразам Англичаните (како би можел, кога со години живеев во Англија и цел живот работев со Англичани?), туку затоа што сум Шкот и затоа што верувам дека ние, поради нашиот национален идентитет и вредности, подобро ќе управуваме со својата земја, ако успееме да го правиме тоа во свое име.

Извор: New Statesman, 04.09.2014.

ОкоБоли главаВицФото