Стилистот на Груевски ќе одговара за злосторства против човештвото

12.09.2014 09:24
Стилистот на Груевски ќе одговара за злосторства против човештвото

Хаг/Скопје, 12 септември 2014

На стилистот на македонскиот премиер Никола Груевски најверојатно ќе му се суди во Хаг поради извршени злосторства против човештвото, дознаваат Пара вести.

Начинот на кој стилистот и моден советник го облекува Груевски може да се смета за злосторство врз самиот премиер, но и врз пошироката јавност која е принудена да го гледа 24/7 на сите телевизиски канали, портали и дневни весници.

„Иако сè уште не познат идентитетот на човекот заслужен за изгледот на македонскиот премиер, ќе биде покрената истрага која сигурно ќе вроди со плод, а во која ќе учествуваат познати лица од светот на модата“, објаснува висок функционер од Хаг.

Ако се утврди дека самиот Никола Груевски е заслужен за својот изглед, тогаш вината ќе падне врз него и тој ќе биде кривично гонет, објаснува нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен.

Хашкиот трибунал сè уште нема надлежност да санкционира модни злосторства, но забрзано се работи на формирање на посебен отсек на судот кој ќе го казнува токму злосторничкото облекување на високите политички функционери.

Експертите очекуваат силен отпор кај дел од македонскиот народ против испорачување на Груевски во Хаг, особено кај текстилните работнички кои живеат одлично откако Груевски е на власт. Други пак, сметаат дека станува збор за заговор на Гучи и модното лоби на опозицијата.

„Познато е дека СДСМ има силни контакти со модното лоби ширум светот и дека ќе направат сè за да се вратат на власт. Апелирам да размислат добро и се надевам дека ќе надвладее разумот. Патем, премиерот се облекува извонредно и со многу вкус“, изјави Тања Каракамишева.

Слика: Свирачиња