Демодираниот универзум

12.09.2014 11:04
Демодираниот универзум

Процесот на стареење во вербалниот универзум следи еден многу позабрзан ритам отколку во материјалниот универзум. Премногу повторуваните зборови се изморуваат и умираат, додека пак монотонијата е закон на материјата. Умот би имал потреба од еден бескраен речник, но неговите средства се ограничуваат на неколку зборови што станале тривијалнии преку употребата. Ете така новото, барајќи бизарни комбинации, ги принудува зборовите на неочекувани функции: оригиналноста се сведува на тортурата на придавката и на сугестивната несвојственост на метафората. Ставете ги зборовите на соодветното место и ќе ги имате секојдневните гробишта на Говорот. Сè што е вообичаено во еден јазик ја сочинува неговата смрт: еден предвиден збор е мртов збор; само неговата вештачка употреба му вдахнува нова сила, очекувајќи сите да ја прифатат, истрошат и извалкаат. Духот е драгоцен или не е, додека природата се прави важна во едноставноста на нејзините средства што се секогаш исти.

Она што го нарекуваме наш живот едноставно во споредба со животот, тоа е непрекината модна креација со помош на вештачки ракуваниот збор; тоа е пролиферација на безначајности, без кои би требало даја испуштиме душата при едно проѕевање што би ја голтнало како историјата, така и материјата. Човекот измислува нови физики не толку за да дојде до некое објаснување на природата, колку за да се спаси од здодевноста на сфатениот, вообичаениот, вулгарно несводливиот универзум, кому арибрарно му се припишуваат исто толку димензии колку што проектираме придавки врз нешто инертно, изморени да го гледаме и да го поднесуваме онака како што тоа било видено и поднесувано од глупоста на нашите предци или на нашите блиски претходници. Тешко на оној што сфаќајќи ја оваа маскарада, се оддалечува од неа! Вака би ја згазил тајната на својата виталност и би отишол да се сретне со скаменетата и недотерана вистина на оние во кои изворите на Прецизноста пресушиле и чиј дух овенал од недостиг на извештаченост.

(Премногу легитимно е да си го претставиме мигот кога животот не ќе биде во мода, кога ќе биде неупотреблив како што е месечината или туберкулозата по романтичната злоупотреба: тој ќе го овенча анахронизмот на оголените симболи и на демаскираните болести; повторливост без сјај. И премногу е предвидлив моментот кога од срцата не ќе блика никаква надеж, кога земјата ќе биде смрзната како и суштествата, кога ниеден сон не ќе ѝ ја разубави нејзината јалова непрегледност. Кога ќе ги види работите такви какви што се, човештвото ќе се срами да донесува деца на виделината. Животот без животната сила на конфузијата и заблудата, животот што престанува да биде мода не ќе најде милост пред духовниот суд. Најпосле и самиот дух ќе исчезне: тој е само изговор во небитието, онака како што животот е само предрасуда.

Историјата се крепи толку време колку што над нејзините преодни моди, чијашто сенка е настанот, лебди една поопшта мода како инваријанта; но кога инваријантата ќе им се открие на сите како обичен каприц, кога сфаќањето на грешката да се живее ќе стане општо добро и еднодушна вистина, каде ќе бараме сили да зачнеме деца, па дури и да скицираме еден почеток на чин, привид на едно дело? Со каква умешност ќе ги надживееме нашите далекувидни инстинкти и нашите луцидни срца? Со посредство на какво чудо ќе оживееме едно идно искушение во еден демодиран универзум?)

Извор: Précis de décomposition
Слики: Метју Квик

ОкоБоли главаВицФото