Диме Спасов ќе биде резервен ученик во средното хемиско училиште

13.09.2014 11:16
Диме Спасов ќе биде резервен ученик во средното хемиско училиште

Скопје, 13 септември 2014

По воведувањето „резервни наставници“ во случај на штрајк, владата повторно го спасува образовниот систем. Овој пат, се работи за бојкотот на учениците Албанци на наставата во скопското средно хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ кои од почетоков на годинава не посетуваат настава.

Министерството за образование најави дека пронашло решение за бојкотот со тоа што, слично како со „резервните наставници“, сега ќе воведе и „резервни ученици“ кои ќе ја посетуваат наставата сè додека вистинските ученици ја бојкотираат.

„Кога веќе учениците не сакаат да бојкотираат за време на викендите или за време на распустот, мораме на ваков начин да го решиме проблемот. Јас стварно не можам да ги сфатам, сега ли им текна, кај беа цело лето да бојкотираат“, запраша министерот за образование Абдулаќим Адеми.

„Коза ностра“ успеа да добие и изјава од еден од резервните ученици кои од утре ќе започнат да одат на настава во училиштето. Се работи за младо момче кое ни кажа дека се вика Диме Спасов.

„Па да, еве, мене ме избраа за резервен ученик и сум многу среќен што ќе можам на ваков начин да се покажам. Од сабајле ќе одам на училиште, а во попладневните часови ќе ги извршувам министерските задачи. Вечерите ќе ми бидат резервирани за пишување домашни задачи. Во класот со мене ќе бидат уште неколку дечки од УМС, фини деца се и мислам дека ќе ни биде навистина интересно, едвај чекам“, ни рече возбудениот Диме.

Извор: kozanostra.net