Што ви е, Шкоти?

13.09.2014 13:54
Што ви е, Шкоти?

Шкотска следната недела ќе одржи референдум за прашањето дали да ја напушти Британија. Анкетите покажуваат пораст на поддршката за независност во последните неколку месеци, главно затоа што активистите на кампањата успеаја да го снижат „факторот на страв“ - то ест, загриженоста поради економските ризици на самостојноста. Моментално изгледа дека за исходот на референдумот ќе одлучи чистиот случај.

Имам една порака за Шкотите: треба да се плашите, треба многу да се плашите. Ризиците на самостојноста се огромни. Можеби мислите дека Шкотска би можела да биде како Канада, но поверојатно е дека ќе испадне како Шпанија, само без сонце.

Споредбата на Шкотска со Канада навидум е разумна. Конечно, и Канада како Шкотска е релативно мала економија која поголемиот дел од својата трговија ја врши со многу поголемиот сосед. Исто така, како Шкотска, Канада стои политички лево во однос на тој гигантски сосед. Канадскиот пример покажува дека тоа е можно. Канада е просперитетна, економски стабилна (иако се грижам поради високите стапки на долг по домаќинство и она што личи на огромниот станбен балон) и успешно спроведува леви политики во однос на САД: самостојно здравствено осигурување, широкограда помош за сиромашните, повисока општа даночна стапка.

Ја плаќа ли Канада цената за независноста? Веројатно. Продуктивноста на трудот е само три четвртини во однос на САД, а дел од тој јаз веројатно има врска со фактот дека канадскиот пазар е мал (да, имаме договор за слободна трговија, но податоците укажуваат дека границата и понатаму ја обесхрабрува трговијата). Па сепак, би можело да се каже дека на Канада ѝ оди добро.

Но Канада има сопствена валута, што значи дека нејзината влада не може да остане без пари, дека може да ги спасува своите банки и слично. Независна Шкотска не би го можела тоа. А тоа прави огромна разлика.

Може ли Шкотска да има своја валута? Можеби, иако шкотската економија е уште потесно интегрирана со економијата на остатокот од Британија отколку што е тоа случај со Канада и САД, па одржувањето на друга валута би било тешко. А и шкотското движење за независност се изјасни дека ќе ја задржи фунтата како национална валута. Комбинацијата на политичка независност со заедничка валута претставува рецепт за пропаст. И тука доаѓаме до поучната приказна за Шпанија.

Ако Шпанија и другите земји кои ги напуштија своите валути и преминаа на еврото беа дел од вистински федерален систем, со заеднички институции и управа - поновата економска историја на Шпанија ќе личеше на онаа на Флорида. Двете економии доживеаја огромен станбен бум помеѓу 2000 и 2007. Во двете видовме како бумот се претвора во спектакуларна пропаст. Двете поради таа пропаст претрпеа остар пад на растот. Во двете земји економската пропаст значеше пад на приходите од даноци и пораст на трошоците за субвенции за невработените и други облици на помош.

Меѓутоа, овде нивните патишта се разидоа. Во случајот на Флорида, поголемиот дел од фискалниот товар на економскиот пад не го сносеше локалната влада туку Вашингтон, кој продолжи да издвојува за социјално осигурување и здравствена заштита, а ја покри и помошта за невработените. Имаше големи загуби на станбените заеми и многу банки на Флорида пропаднаа, но многу загуби паднаа на федералните кредитни агенции, додека федералното осигурување ги заштити штедачите. Јасно ви е што сакам да кажам: Флорида во време на криза доби огромна помош.

Наспроти Флорида, Шпанија сама ја поднесе полната цена на кредитната пропаст. Резултатот беше фискална криза, која значително го влоши стравот од банкарска криза со која шпанската влада нема да може да излезе на крај, бидејќи буквално би можела да остане без кеш. Порасна цената на задолжување на Шпанија и владата беше принудена на мерки за брутално строго штедење. Тоа предизвика морничава економска депресија - вклучувајќи ја стапката на невработеност на младите од повеќе од 50% - од кои Шпанија едвај почна да закрепнува.

Така не помина само Шпанија, туку и поголемиот дел од јужна Европа и пошироко. Дури и земјите од еврозоната со стабилни финансии, како Финска и Холандија, доживуваат длабоки и долготрајни економски падови.

Накратко, сè што се случуваше во Европа од 2009 година покажа дека е многу опасно да се има заедничка валута без заедничка управа. Во економски жаргон, фискалната и банкарската интеграција се суштински елементи на оптималната валутна зона. Независна Шкотска која ја користи британската фунта би била во уште полоша состојба од евро-земјите, кои барем имаат некаков удел во одлучувањето за политиката на Европската централна банка.

Ми се чини сосема неверојатно тоа што Шкотска воопшто размислува да тргне по тој пат, после сè што се случи изминатите години. Ако шкотските гласачи навистина веруваат дека е безбедно да се биде земја без валута, тогаш се во тешка заблуда.

Извор: New York Times, 07.09.2014.

ОкоБоли главаВицФото