Даночен рај

15.09.2014 01:08
Даночен рај

Фразата „даночен рај“ е една од „среќните“ грешки во македонскиот јазик. Значи, како што знаеме, не станува збор за земја или регија во која сите редовно ги плаќаат своите обврски кон буџетот (напротив, токму обратното) и никако не станува збор за рај, односно за библиски пожелната дестинација од каде што се протерани Адам и Ева, а која нè очекува сите нас, божјите безгрешни јагниња. Не сме сигурни колку среќна или несреќна ќе биде одлуката (која, патем речено, влезе и во уставните промени) во Македонија да се воведат таканаречените „финансиски зони“ кои директно ќе ја внесат Македонија на мапата на некои островски земји со чудни имиња (Девствените Острови, на пример) или на некои егзотични дестинации (Белизе), односно на мапата земји со „даночни раеви“, ама затоа сме сигурни дека новиот уставен поредок влегува во дефиницијата на Обединетите Нации за таканаречените „офшор земји“.

Тоа, имено, се земји или региони кои со своето законодавство овозможуваат вложување на странска валута од странски резиденти (фирми или поединци), кои плаќаат драстично намалена или никаква даночна стапка, за разлика од земјите од каде што тие (поединците или фирмите) потекнуваат. При што, се разбира, ниту дел од тој капитал не мора реално да влезе во државата што е „офшор“ домаќин на нивните фирми. На крајот на краиштата, постојат плејада фирми, кои тераат некакви бизниси во Македонија и за кои може со голема доза на сигурност да се тврди дека се основани токму од македонски резиденти, а кои се регистрирани токму во овие егзотични „рај-земји“. Новите (уставни?) прописи со ништо не гарантираат дека евентуалните фирми што ќе ги побараат услугите на Македонија за плаќање намален данок или драстично помал од она што го дозволува домицилното законодавство, нема да бидат, всушност, фирми на македонски државјани!

Онаа „среќна“ грешка од горниот дел на текстот е токму тоа: конструкцијата „даночен рај“ е директен (и погрешен) превод на англискиот „tax haven“, што, во суштина, значи „даночно прибежиште“ или „скривалиште“, ама, секако не „даночен рај“. Иако излегува дека за нас тука (за власта, за луѓето кои имаат такви фирми, а според убедувањето на „уставопроменителите“ и за сите нас) „даночниот рај“ е сепак рај, а не некаква скривница, па макар и даночна, „даночен рај“ е фраза која многу повеќе ќе му објасни на овдешниот полупатријархален човек за што станува збор, отколку ако се употребат термини од типот на „прибежиште“.

Инаку, данок е она од што не може да се избега (Само смртта и данокот се задолжителни). Зборот потекнува од индоевропското „do-“, односно „de-“, што би требало да значи „дава“. Старите Римјани оттука ги извлекле „донација“ и „донатор“ (оттука и „донор“, „дар“, а кај Словените и „благодат“ итн.), а ние и данок! Донација е подарок што се дава без никакви условувања. Многу често станува збор за подароци кои претходно веќе требало да бидат набавени и платени од вашите даноци. Но, на државата ѝ е подобро тоа да го направи некој друг, отколку таа самата (на пример, некој медицински апарат во некоја детска клиника).

Донаторите ги супституираат парите од вашите даноци, а во овие времиња и партиските буџети – најчесто за да бидат самите ослободени од даноци. Спротивно од нив, даночните обврзници „даваат“ само поради обврската. Или додека не најдат некој „даночен рај“.

Слики: Tommervik

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Графички Дизајн / Значења

ОкоБоли главаВицФото