Масовно донирање црвени килими за Столе Попов

16.09.2014 10:25
Масовно донирање црвени килими за Столе Попов

Битола, 16 септември 2014

По скандалот на фестивалот Браќа Манаки со непоставувањето во центарот на вниманието на македонскиот режисер Столе Попов, голем број хумани Македонци започнаа акција за собирање квалитетни црвени килими за славниот режисер, а се јавија и волонтери за достоен пречек.

Акцијата ја започнале неколку битолчани кои присуствувале на свеченото отворање на фестивалот „Браќа Манаки“ и биле силно погодени од нанесената неправда врз Попов.

„Страшно е тоа што не беа регулирани насоките на движење на црвениот тепих, па Столе Попов не знаеше дали тој е само за влегување или и за излегување. Требаше да има обележано посебни ленти, евентуално да се постави знак за задолжителна насока, како на улиците. Затоа, јас и мојата сопруга на Столе Попов му дониравме два црвени тепиха, едниот за влегување, едниот за излегување, кои тој може да ги постави во својот дом или каде што сака“, вели 46-годишниот М.Т. од Битола.

Неофицијално, дознаваме дека и неисплатените актери од филмот „До балчак“ ветиле дека ќе ги отстапат своите хонорари за набавка на црвен килим за Столе Попов, како и обезбедување одбор за пречек. Се разбира, штом ќе ги добијат.

„Презадоволен сум од пристигнатите црвени килими, веќе почнав да ги поставувам насекаде по дома. Македонците покажаа дека имаат големо срце и многу сум им благодарен за хуманиот гест“, изјави Столе Попов за Пара вести.

Тој додаде дека мала црна дамка на оваа благородна акција фрлила донацијата на две црвени јамболии од анонимни донатори, но рече дека тоа нема да му го расипе расположението.

„Фалењето со јамболии, фустани, чорапи е за сељачана. Ќе си се држам до црвените килими и пречекувањето“, рече Попов и замина кон својот дом да ги постели другите црвени килими кои стигнаа во меѓувреме.

На заминување, тој апелираше и до новинарите да се вклучат во волонтерските екипи за негов пречек и со тоа да покажат добра волја.