За спомениците има што да се каже

18.09.2014 04:43
За спомениците има што да се каже

Еден од проблемите на медиумското известување е актуелноста на темата која што се обработува. Медиумот информира за одреден настан, изјава, случување, за следниот ден да помине на нов настан, нова изјава, ново случување. Читателите вообичаено не сакаат веќе слушнати теми, „изџвакани“ информации. Во ситуација кога има изобилство од нови настани, изјави и случувања, анализата не е толку атрактивна.

Меѓутоа, ситуациите се повторуваат, а нивното кумулативно значење во голема мера го надминува значењето на поединечните ситуации.

Само како пример можат да се посочат информациите поврзани со поставувањето на споменици и спомен обележја во централното подрачје на Скопје.

Информациите за поставување на споменици се појавуваат во медиумите континуирано во последните неколку години (Спомен обележја за Карпош и Мисирков, Споменик на Александар Трети Македонски, Скопје се разбуди со десетици нови споменици и скулптури, Споменици на војводите Узунов и Чакаларов, Нови пет споменици во Скопје, Нови споменици во Скопје, Споменици на албански дејци ќе никнат во Центар). Во медиумските анализи поставувањето на спомениците се става во контекст на: идентитетот, историјата, потрошените пари (24 Вести, А1, Алсат, ОКНО, 24 Вести):

Од градот Скопје поставувањето на новите спомен обележја го образложуваат со законска, морална и цивилизациска обврска како на државата така и на локалната власт за зачувувањето на споменот на важните настани и личности од историјата и културата на секој народ кои впечатливо придонеле за развојот на пошироката заедница.

Она што недостасува, или, е многу малку присутно во медиумското покривање на проблемот е:

1. Сумирање на сознанијата – едно по едно, две по две…

Отсуствува континуирано сумирање на квантитативните податоци поврзани со поставувањето на спомениците, што оневозможува граѓаните да добијат вистинска претстава за обемот на проблемот кој се посочува. Всушност, секоја сторија поврзана со изградбата нови споменици би требало да се надоврзе на сите претходни. На пример, периодично сумирање за тоа колкав број споменици вкупно е изграден во одреден временски период. Постојано обновување за тоа колку споменици има на квадратен метар површина во централното подрачје на градот:

Телевизија Телма објави дека на простор од еден километар квадратен во централното подрачје на Скопје, засега се подигнати 130 споменици и бисти. Новата зграда на Министерството за надворешни работи има близу 70 споменици и скулптури, а малиот „Мост на уметноста“, 28.

Преиспитување и дополнување на информациите за тоа колку вкупно пари се потрошени за сите споменици.

Детален преглед на луѓе/фирми кои учествувале во нивната изработка. Некои од овие податоци се презентирани пред јавноста, меѓутоа, разбиено (временски и по објекти). Само кумулативно претставената ситуација може да ја даде вистинската слика. Обиди за вакви сумирања се направени во дел од медиумите, меѓутоа не е отидено и чекор понатаму во континуирано и доследно градење на сликата (Фокус, +Инфо, Бриф, А1 он) и покрај тоа што постојат податоци (дури и официјално презентирани).

2. Глорификација на оружјето и насилството

Со изборот на личности (како на пример Антон Лазов Јанев) за кои се изградени спомен обележја и прифатениот изглед на спомениците (многу пушки, пиштоли, реденици, ножеви) се создава атмосфера на воинственост, се будат чувства на агресија и се поттикнува насилство како посакуван модел на однесување.

Во медиумите можат да се сретнат одредени елементи од една ваква анализа, меѓутоа отсуствува поврзување на тие елементи во комплексноста на крајниот резултат и моделот на однесување кој се промовира како посакуван за македонските граѓани (посебно за младите генерации). Школски пример за ова се спомените на Чакаларов и на Јашари кои повикуваат на убивање (како во минатото, така и во сегашноста).

Во оваа смисла, интересна е анализата направена од страна на DW.

3. Лажно претставување

Во медиумите не се отвори темата за тоа колку спомениците соодветствуваат на реалниот изглед на луѓето кои треба да ги претстават, на нивните активности и начин на делување.

На пример, за ниту еден од медиумите не е проблематична огромната дискрепанца меѓу изгледот кој го нудат спомениците и ликот кој наводно треба да го претставуваат. Само како пример, за медиумите е сосема нормално Никола Русински и Пере Тошев да бидат прикажани искачени на разиграни коњи и покрај тоа што ниту еден од овие ликови не бил војсководач кој предводел војска или поголема воена формација, како предводник качен на коњ.

Интересно е дека дури ни медиумите кои се обидуваат да дадат некои елементарни информации за ликовите претставени преку спомениците не се ни обидуваат да го постават прашањето на соодветноста на претставувањето и погрешната претстава која се создава кај граѓаните. Посебно паѓа во очи примерот со Михајло Апостолски, кој, исто така, е претставен како херој на коњ, наместо како претседател на МАНУ (на пример).

4. Родова несензитивност

Доминацијата на машки ликови и маргиналното присуство на жените, пред сѐ, во нивните препознатливи родови улоги (А1он), не поттикнуваат интерес кај медиумите и не провоцираат анализи поврзани со маскулинизацијата на јавниот простор.

Во ниту еден медиум не е направена анализа за квантитативниот сооднос меѓу спомениците кои прикажуваат машки во однос на оние кои прикажуваат женски ликови. Во медиумите не е направена ниту анализа за пораките кои ги испраќаат спомениците што прикажуваат женски ликови, нивната големина, начинот на разместување, контекстот во кој се ставени.

Повеќеслојната анализа која опфаќа подолг временски период може да понуди специфично видување на еден настан во неговата целокупност, а која, пак, многу лесно може да се изгуби во парцијалното прикажување на одделни елементи. Прашањата поврзани со поставувањето на спомениците во централното подрачје на главниот град е само еден пример, кој може да биде искористен во медиумското информирање.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото