Психолошки проблеми на стареењето

18.09.2014 11:35
Психолошки проблеми на стареењето

Едно од првите прашања во врска со психолошките проблеми на стареењето на кое треба да одговориме е: дали староста е нешто непријатно? Дали е тоа еден болен период на заоѓање на животот што би требало да се ублажи со сите можни слатки зборови, или пак, тоа е само еден период од животот како што се и младоста, детството или средновечноста; зарем не се проблемите на староста истите оние што се присутни во сите периоди во животот, имено, како да се живее добро и како најдобро да се исполни животот во тој период?

Ако има смисла да се зборува за уметност на живеењето, тогаш може да се рече дека уметноста на стареењето е исто толку важно поглавје - во уметноста на живеењето - колку што се и уметноста да се биде дете и уметноста да се биде млад.

Сосема е очигледно дека целиот проблем на староста е проблем на модерното индустриско општество. Пред стотина години староста била многу ретка. Тогаш било редок исклучок да се исчекаат внуци или правнуци, додека пак денес тоа сè почесто се случува. Сосема е јасно дека проблемот на староста е создаден од модерното индустриско општество. Тоа пред сè се должи на прогресот на медицината која е само дел од општиот прогрес на науката и технологијата.

Притоа староста би можеле да ја дефинираме не само од биолошки или од психолошки аспект, туку и од општествен аспект: староста е доба кога веќе не мора да се работи. А кога ќе настапи таа доба денес во голема мера зависи од индустриската организација. Се чини очигледно дека со зголемувањето на автоматизацијата, не само што ќе се скрати работното време, туку сè повеќе ќе се намалува и работниот век, така што, по педесетина години староста можеби ќе започнува некаде по четириесеттата, бидејќи никој не ќе мора, или - со исклучок на малкумина - не ќе има можност да работи по четириесеттата.

Ние денес, во западното општество, не само што го продолживме животот, туку сме и доволно богати за да обезбедиме материјални средства што ќе го направат овој продолжен живот достоинствен, удобен и пријатен. Сите ние знаеме дека проблемот на пренаселеноста во светот во голема мера се должи на фактот што медицината напредна, но индустријата не создаде или не можеше да создаде материјални средства за да го искористи она што медицината го постигна. Во таква ситуација населението расте, а притоа нема соодветно задоволување на материјалните потреби на луѓето кои живеат подолго. Ние, меѓутоа, во Соединетите Држави, и воопшто во сите индустриски општества, имаме толку многу средства, што оваа противречност кај нас не треба ни да постои.

Нашето модерно индустриско општество создаде една нова животна доба кај човекот: староста. Денес човек може да ја проживее староста безбедно, а би можел да ја проживее и среќно, доколку модерното општество не создадеше и некои други феномени кои не се многу погодни и кои вршат специфично влијание врз стареењето. Јас ќе говорам за некои од овие прашања и ќе се обидам да ги поврзам со проблемите на стареењето.

Модерното општество создаде тип на човек кого јас порано го нареков homo consumes - потрошувач чиј главен интерес е, освен работата од девет до пет, да троши.

Тоа е однесување на вечно цицалче. Тоа е однесување на подзинат маж или жена кои се трошат со ненаситност - алкохол, цигари, филмови, телевизија, предавања, книги, уметнички изложби, секс; сè е претворено во предмет на потрошувачка.

Се разбира, за оние кои ги продаваат овие средства, нема ништо лошо во тоа. Тие се обидуваат колку што можат повеќе да го поттикнуваат потрошувачкиот дух; но ако смеам да го искористам моето професионално знаење, има нешто длабоко погрешно во сето тоа, бидејќи знаеме дека зад поривот за трошење постои душевен вакуум - чувство на празнотија. Всушност, тоа е чувство на потиштеност и чувство на осаменост. Клиничкото искуство го потврдува тоа, со фактот дека многу често, прекумерното јадење и купување се последица на состојби на депресија и интензивна анксиозност. Личноста однатре се чувствува празна или беспомошна и со внесувањето на продуктите таа добива чувство дека се исполнува со нешто што неа ја прави силна.

Се разбира, ова не е свесен мисловен процес; тој е премногу матен за да биде тоа, но тој е едно од оние несвеcни искуства во кои внатрешната празнотија се компензира со потрошувачка - бескрајна и неограничена потрошувачка.

Всушност, нашиот поим за слобода, доколку не се однесува на слободата во политичка смисла, нашиот вистински поим за слобода главно се однесува на слободата да се купува и да се троши. Во деветнаесеттиот век слободата главно значеше слобода за приватна сопственост и слобода таа соодветно да се искористи. Денес приватната сопственост релативно губи на важност кога ќе се спореди со приходите од платите. Она што го чувствуваме како слобода всушност претставува слободата за купување или трошење, т.е. да се избере помеѓу многу различни нешта и да се рече: „Јас ги сакам овие цигари. Јас го сакам овој автомобил. Ова го сакам повеќе од она другото“. Токму затоа што конкурентските производи во стварност многу не се разликуваат, единката чувствува голема моќ заради тоа што е слободна да избира. Мислам дека многумина, доколку би биле искрени пред себеси, би го замислиле рајот како една огромна стоковна куќа во која секој ден ќе можат да купуваат нешто ново и барем малку повеќе од своите соседи.

Има нешто нездраво во овој нагон за постојано зголемување на потрошувачката, а опасноста лежи во тоа што со задоволувањето на потребата за потрошувачка личноста всушност не го решава проблемот на својата внатрешна пасивност, внатрешна празнотија, вознемиреност и потиштеност - бидејќи на извесен начин животот нема смисла.

Стариот Завет предупредува дека најголемиот грев на Евреите бил тоа што тие среде изобилие живееле без радост. Ми се чини дека и нашето општество може да се критикува на ист начин затоа што ние живееме живот полн со забава и возбудување, но со малку радост среде изобилие.

Сево ова го доведувам во врска со проблемите на стареењето од проста причина што се плашам дека постои голема опасност старите луѓе да станат супер-потрошувачи. Тие имаат можност да трошат не само од девет до пет, туку исто така и од девет до дванаесет, и на тој начин потрошувачката да стане нивна главна работа. Тие би можеле да се најдат во ситуација да бидат омаловажувани од младите, да станат целосно инертни и да го трошат своето време убивајќи го времето.

Наша специфична особина е да вложуваме голем напор за да заштедиме време, а откако ќе успееме во тоа остануваме збунети зашто не знаеме што да правиме со него. Тогаш започнуваме да го убиваме времето. Индустријата за забава ни покажува како да го убиеме времето без да сме свесни за тоа, правејќи од нас потрошувачи на забава кои свесно се убедени дека она што го прават има некаква смисла. Мислам дека е опасно старите луѓе, со сите нивни можности и сето слободно време што го имаат, да ги претвориме во супер-потрошувачи кои се целосно пасивни и кои го убиваат времето на, како што би рекле стручњаците, пристоен начин. Мислам дека тоа би било голема штета.

Факт е дека староста е голем предизвик и голема шанса. Таа би можела да биде најубавиот период во целиот човеков живот затоа што тогаш тој е ослободен од должноста да заработува за живот, ослободен е од стравот дека ќе ја загуби работата, и ослободен е од потребата да му се умилкува на претпоставениот за да биде унапреден; тој е вистински слободен човек - речиси исто колку што е слободен кога спие, зашто, како што покажуваат нашите соништа, тогаш сме многу покреативни отколку што ни се чини.

Постарите луѓе, да речеме по шеесетипеттата, навистина имаат можност да живеат, да бидат полни со живот и живеењето да им стане главна работа. Тие, исто така, можат вистински да се соочат со духовните и религиозните проблеми на животот. Мислам дека во изминатата историја на човештвото луѓето обично немале ниту сила, ниту време сериозно да се зафатат со ваквите проблеми.

Ако си физички работник, премногу си уморен, ако не си физички работник, тогаш твоите амбиции и грижата за успех толку многу те изморуваат што не можеш вистински да размислуваш за проблемите на животот. Само одвреме-навреме, обично во неделите, разговараме за овие проблеми: Која e смислата на животот? Кој сум јас? Кое е моето место во светот? Каква смисла или цел има сето ова живеење и залагање? Овие прашања можат да се слушнат во проповедите во неделите, но во другите денови од седмицата обично се нема ниту време ниту сила да се мисли на такви работи.

Во ерата на автоматизацијата што надоаѓа, кога конечно ќе може да се работи само десет или дваесет часа неделно, човекот првпат ќе биде присилен да се соочи со вистинските духовни проблеми на живеењето.

Старите, меѓутоа, веќе сега ја имаат можноста да ги постават тие прашања, не само како теоретски проблеми, туку и како нешто што нив ги засегнува. Кој сум јас? Која е мојата цел во животот? Зошто воопшто се живее? Тие имаат можност да се соочат и со прашањето кое е дел од филозофијата на животот, со прашањето за смртта - како неизбежна стварност што никого не одминува - имајќи на ум дека животот завршува со смртта.

Кога велам дека животот завршува со смртта, тогаш тврдам нешто што нема да го прифатат христијаните или Евреите кои веруваат во друг свет по животот. Но сепак, мислам дека тие би се согласиле со мене во една работа: дури некој и да верува во живот по смртта, јасно му е дека тоа не е однапред платен пакет аранжман во странство. Тоа не е патување од забава. Само доколку се случува нешто во нашите животи овде, можно е да се учествува во животот што го опишуваат различните религиозни системи. Не е важно дали веруваме или не веруваме во некои религиозни искази или догми за животот по смртта, зашто и без оглед на тоа, ние мораме сериозно да го разгледаме проблемот на смртта, а не да го прикриваме или да бегаме од него.

(1966)

Извор: www.marxists.org
Слики: Lina Manousogiannaki

ОкоБоли главаВицФото