МВР формира посебна единица за борба против панкери и металци

18.09.2014 12:03
МВР формира посебна единица за борба против панкери и металци

Скопје, 18 септември 2014

Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе формира посебна единица за справување со насилните субкултури, како што се панкерите, металците, играорците и страсните шахисти, а будно ќе ги следи и играчите на табланет.

На прес конференцијата одржана во кик-бокс клубот „Ганди“ во Долно Дупени, Иво Котевски ги повика сите нормални и ненасилни граѓани да се пријават како доброволци во единицата, а нагласи дека предност при приемот ќе имаат мирните демонстранти што пред една година го кршеа седиштето на Општина Центар.

„Тие мирољубиви луѓе покажаа спремност по потреба да се справат со одредени зли сили, а такви несомнено се панкерите, металците, филателистите и некои други групи“, рече Котевски.

Тој додаде дека во посебната единица може да се вклучат и демонстрантите од контапротестот на кој беа тепани студенти што протестираа против Скопје 2014, кои веројатно би можеле да се справат со панкери и металци, како што се справија со збирштината геј и атеисти на плоштадот.

Формирањето на единицата СЕЉАК (Специјална единица за љубов, антитероризам и култура) било поттикнато и од сугестиите на Спиро Ристовски и Антонио Милошоски, кои во својата младост биле дел од вакви движења и се свесни за нивното негативно влијание.

„Да не беше партијата, ќе заглавев во матни води. ВМРО-ДПМНЕ ме извлече и ми го покажа вистинскиот пат - патот на патриотизмот и високите функции“, рече Милошоски, нагласувајќи дека ќе се залага да го рашири ненасилниот вмровски дух меѓу младите.

При тестирањето на кандидатите за единицата СЕЉАК нема да биде потребно лекарско уверение ниту диплома за некакво завршено образование.