Култура на мизогинија: Машките права и женските обврски (1)

19.09.2014 12:58
Култура на мизогинија: Машките права и женските обврски (1)

„Утре е ден за одмазда, ден за мојата освета...

Ми го претворивте животот во болка и страдање; сега јас ќе ве натерам да страдате. Ме одбивавте, ме гледавте од високо, ме третиравте како ѓубре. Време е да го добиете тоа што го заслужувате.

Не знам зошто, но вам, на девојките, никогаш не ви бев привлечен. Заради тоа ќе ве казнам. Ќе ја заколам секоја разгалена, вообразена русокоса курва што ќе ја сретнам... Неизмерно ќе уживам додека ве колам. Конечно ќе видите дека јас сум оној што е вистински супериорен, вистински алфа мажјак.“

Кога во својот инбокс открила порака со ваква содржина, видео во кое нејзиниот син најавува „војна против жените“, мајката на Елиот Роџер ја алармирала полицијата. За жал, предоцна. Првите жртви на убиствениот поход тој ден, веќе паднале.

Нанесувајќи им смртоносни убоди со нож, Елиот најпрвин ги измасакрирал своите тројца цимери, студенти на Универзитетот Калифорнија во Санта Барбара, каде и тој студирал политички науки и филозофија. Потоа, вооружен со три автоматски пушки, седнал во својот автомобил БМВ и заминал до куќата која му припаѓала на едно од сестринствата – неформални здруженија на студентки – со намера, како што најавил во своето „последно“ видео (Retribution), да ги убие сите што ќе ги најде таму. Затоа што никој не му ја отворил вратата, изрешетал две девојки кои биле во дворот, за оттаму да тргне кон Исла Виста, студентска енклава во Санта Барбара, пукајќи кон минувачите. Полицијата, која во меѓувреме добила повик од неговата мајка, го пресретнала на шеталиштето што го опкружува студентскиот кампус, каде, по кратка размена на оган, Елиот Роџер ќе си испука куршум во главата и самиот ќе стане жртва на масакрот во кој претходно уби шест и рани тринаесет млади луѓе.

Што е масовно убиство?

Иако, одговорот на ова прашање изгледа очигледен, тоа е значително покомплицирано отколку што изгледа. Формално, критериумите се едноставни и јасни: За да го наречеме убиството повеќекратно, потребно е сторителот, во релативно краток и континуиран временски период, да усмрти најмалку четири луѓе.

Континуитетот е карактеристика која го разликува повеќекратното убиство од сериското. Тоа, исто така, подразбира поголем број жртви, со тоа што серискиот убиец убива во етапи, сè додека му оди од рака да остане неоткриен. За разлика од него, масовниот убиец најчесто и не се крие; и покрај тоа, тежнее неговиот смртоносен поход да биде јавен.

Однапред испланираното самоубиство на сторителот е карактеристика која, пак, го одделува масовното убиство од повеќекратното како акт на тероризам. Меѓутоа, додека терористот самоубиец нужно дејствува од политички/идеолошки побуди, со „класичниот“ масовен убиец тоа не мора да биде и најчесто и не е случај. Кај таквите убиства, без разлика дали во нив страдаат членови на семејството или случајни жртви, најчесто мотивацијата е од длабока лична природа. Неретко масовниот убиец се води со сосема интимна психолошка потреба да усмрти и да биде усмртен.

Иако, во врска со масовното убиство како појава има повеќе отворени прашања отколку факти, мошне веродостојно може да се предвиди дека, кога тоа ќе се случи, ќе биде утврдено следното:

(1) Сторителот е (помлад) маж.
(2) Неговото ментално здравје е под прашален знак.
(3) Својата насилничка ескапада „ја потпишал“ со самоубиство или барем со обид да си го одземе животот.
(4) На светот му оставил порака, во која настојува да ги рационализира чинот и причините кои го навеле да го стори тоа.

Зошто масовните убијци по правило се мажи?

„По правило“ овде се чита: „Во повеќе од 99 проценти од случаите“. Како што веројатно претпоставувате, на ова прашање не постои одговор со едно значење, но не недостасуваат објаснувања-кандидати.

Тестостеронот, погонското гориво на агресивното однесување, секако е дел од мозаикот. Во периодот кој почнува со влегување во пубертет и се протега до доцната адолесценција или раниот зрел период, нивото на овој хормон во крвотокот на мажите е изразено висок. Значи, условите за импулсивно реагирање се оптимални. За тоа време, извршниот мозок, односно центрите на префронталниот кортекс задолжени за контрола на импулсите и свест за последиците од однесувањето, не се комплетно развиени. Имено, миелинизацијата на аксоните, нервни продолжетоци со чија помош челниот кортекс го добива својот импулс и испраќа информации до региите од понискиот и подлабокиот мозок, трае сè до доцните дваесетти, односно раните триесетти години. Значи, се совпаѓа со периодот на робусното производство на тестостеронот, што значи дека условите за контрола и инхибиција на импулсивни реакции се далеку од оптимални.

Привлечно со својата едноставност, ваквото редукционистичко објаснување на половите разлики во склоноста кон екстремно насилство не е сеопфатно, ниту до крај точно. Ако ништо друго, продолженото созревање на префронталниот кортекс е развојна карактеристика на човечкиот, значи и машкиот и женскиот мозок. Освен тоа, меѓу мажите постојат значајни индивидуални разлики во тенденцијата за агресивно однесување. Со други зборови, социокултурниот фактор, судејќи по сè, значително ја обликува биолошката предиспозиција за насилно реагирање.

Половото диференцирано моделирање почнува веќе во раното детство. Од моментот кога е во состојба да седи на подот и да си игра, момчето е изложено на играчки кои му наложуваат улога на војник, освојувач, возач со тркачки автомобили... Зголемената доза агресивност не е само нужна туку и пожелна за нивно успешно одигрување. Понатаму, во текот на детството, возрасните од непосредното и поширокото опкружување на машкото дете ги охрабруваат или барем не ги санкционираат неговите агресивни испади на начин на кој тоа би го правеле со девојчињата. Преку типично машки спортски активности, во кои ќе биде вклучен како набљудувач или директен учесник, момчето почнува да се навикнува на таканаречена контактна агресија, стекнувајќи искуства кои во неговите очи го нормализираат агресивното однесување. Насилните видео игри стапуваат на сцена подоцна, како „природно“ продолжение на ваквиот развоен пат.

Меѓутоа, постои уште нешто: вредностите и нормите усвоени во процесот на социјализација го трансформираат момчето во возрасен маж изразито чувствителен на својот социјален статус. Со оглед на тоа што положбата која ја зазема во заедницата чиј дел е, и пошироко, во општеството, претставува столб на неговиот идентитет, платформа врз која ја гради самодовербата и сликата за себе, подготвен е да ја брани со сите средства, по секоја цена. Најновата глобална економска рецесија го покажа тоа на повеќе од очигледен начин. Иако нема сомнеж дека губењето работа, на пример, е еднакво непосакувано искуство и извор на радикален стрес за припадниците на двата пола, се покажа дека мажите многу потешко ги доживуваат овие настани. Ако престане да заработува, ако го изгуби статусот на главен снабдувач во семејството, мажот губи тло под себе. Кризата на идентитетот во која запаѓа се граничи со губење на смислата на животот. Натрупаниот страв и незадоволството прераснуваат во бес кој мажот неретко го ослободува преку акт на неконтролирана агресија – кон себеси, членовите на семејството или другиот, во најширока смисла на овој поим.

Ваквите бихејвиорални тенденции повторно се производ на специфичностите од полово диференцираното воспитување. Единствено на тој начин може да се објасни поголемата наклонетост на мажите кон она што психолозите го нарекуваат негативна екстернална атрибуција – припишување вина за негативните исходи кон некој друг или кон надворешните услови над кои поединецот нема контрола. Наспроти нив, жените се понаклонети виновникот за своите неуспеси да го гледаат во себеси. Затоа, и кога убиваат, тоа ретко го прават во форма на рафално стрелање во (често само наизглед) случајни жртви.

Масовното убиство и менталните нарушувања

Замислете вакво сценарио! Се случило чудо; на сите кои имаат дијагноза за некое ментално нарушување симптомите им исчезнале преку ноќ. Како тоа ќе се рефлектира на стапката на криминалитет, во прв ред на бројот кривични дела со елементи на насилство? Накусо: ќе следи пад толку минорен што нема да можете да бидете сигурни дали имате работа со статистичка грешка или реален ефект.

Кога ќе се случи, масовното убиство нужно го отвора прашањето за менталното здравје на сторителот. Колку заради иманентната бруталност, толку и заради неселективноста во поглед на жртвите, тоа остава впечаток на лудачки чин што тешко се доведува во врска со „нормалниот“ поединец. Иако меѓу масовните убијци несомнено има личности со психички, доминантно емоционални проблеми, вистина е дека луѓето кои имаат дијагноза за ментално нарушување почесто трпат насилство отколку што предизвикуваат. Доколку ги изземеме болестите на зависностите, менталните нарушувања, сами по себе, не можат да се поврзат со вонредната агресија.

Ваквата оценка важи и за најсериозните ментални нарушувања – психозите. Иако според доминантното лаичко сфаќање за улогата на масовниот убиец, „природно“ му припаѓа дијагнозата психички тешко заболен поединец, личност која, на пример, „слуша гласови“ или замислува дека е прогонувана, истражувањата покажуваат дека луѓето кои страдаат од психотични нарушувања многу ретко се сторители на убиства. Имено, веројатноста дека ќе ве убие шизофреничар изнесува еден во 14,3 милиони, а тоа значи дека е трипати помала отколку можноста смртно да настрадате од удар на гром, односно, како што мери статистиката на американското правосудство, најмалку десетпати помала од веројатноста да бидете жртва на „нормален“ убиец. Додуша, валидна е и една важна забелешка: доколку не се лекуваат, менталните нарушувања како шизофренијата и биполарното нарушување претставуваат ризичен фактор во поглед на насилното однесување; нетретираните, психотични симптоми со текот на времето стануваат посериозни и поизразени.

Откако во 2012 година, Адам Ланза во едно основно училиште во Њу Таун (Конектикат) уби дваесет деца и шест возрасни, за „виновник“ веднаш беше прогласена неговата дијагноза, Аспергеров синдром, поточно фактот дека неговото семејство не било во можност да му обезбеди адекватен третман. Сосема случајно, и Елиот Роџер ја имал истата дијагноза. Бидејќи е дете на добро ситуирани родители (неговиот татко е помошник уредник на Hunger Games), тој, меѓутоа, делумно заради тешкото доживување на нивниот развод, а делумно заради својот благ аутизам, практично бил опкружен со терапевти. Дијагнозата, како што повеќе од јасно покажа неговиот онлајн манифест, своевидна автобиографија насловена со My Twisted World, едноставно немаше врска со злосторството што го направи.

Аутизмот, повредите на главата и насилството

Со анализа на стотина научни трудови, новинарски статии и судски документи кои се однесуваат на масовни и сериски убиства, истражувачите од Универзитетот во Глазгов неодамна дојдоа до наод дека поединците кои страдаат од нарушувања од аутистичен спектар и/или имаат повреди на главата, понаклонети се кон (екстремно) насилно однесување, но само доколку во детството биле изложени на континуиран психолошки стрес и траума.

Од 239 сериски и масовни убијци опфатени со студијата, 28 проценти од нив имале – или се сомнева дека тоа било случај – некакви аутистични нарушувања, при што седум проценти од овој подпримерок истовремено имале и повреди на главата. За 21 процент од убијците од целокупниот примерок, помалку или повеќе е веродостојно утврдено дека своевремено доживеале повреди на главата; од нив 13 проценти истовремено страдале од некаква форма на аутизам. Најпосле, повеќе од половината убијци со аутистично нарушување и/или повреда на главата имале детство обележано со психолошка траума; според бројот на жртвите и методот на извршување нивните злосторства се посериозни и посвирепи во споредба со оние што ги направиле споредбените поединци чие детство поминало без поголеми неспокојства.

Генерално, истражувачите заклучуваат дека приближно десет проценти од сериските и масовните убијци изразуваат аутистични симптоми; дополнителни десет проценти од сторителите на повеќекратни убиства доживеале повреда или повеќекратни повреди на главата; детството на две третини од едните и другите е обележано со тешки психолошки трауми.

Кон вториот дел

Слики/везови: Alaina Varrone

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com/