Бодлер

19.09.2014 13:08
Бодлер

-По објавувањето на неговите први песни, посветена му е само една статија:

Жална сиромаштија на идеи, случајно одбрани придавки, неразбирливи апстракции, загадочен јазик, детинесто претенцозна инспирација, чкрипава, гнасна, студена и безбојна поезија. [...] Бодлер пропадна во своите обиди да стекне реноме со изненадување, од сега ќе се споменува само уште како суво овошје на современата поезија.

Луј Гудал (Louis Goudall), Le Figaro, 4 ноември 1855.

-Многу брзо е осуден:

Тој е книжевен баук кој секогаш изгледа како да излегува од некоја пештера. Во сенка, како закана, чува книги кои не постојат, и веќе десет години не напишал ништо. Она што го оживеало господинот Бодлер е преводот на Едгар Алан По; се залепил до бедрата на овој Американец за да земе еден дел од неговиот капут.

Едмон Диранти (Edmond Duranty), Le Figaro, 13 ноември 1856.

-По објавувањето на Цвеќињата на злото во 1857, започнала лавина:

Постојат мигови во кои се сомневаме во менталната состојба на господинот Бодлер, меѓутоа постојат и мигови во кои повеќе нема сомнеж за тоа; неговото пишување е монотоно и однапред смислено повторување на исти зборови, исти мисли, во кои одвратното стои рамо до рамо со гнасното, додека одбивното се спојува со заразното. Никогаш на толку малку страници не сум видел толку изгризани, па дури и изедени дојки; никогаш сè уште не сме присуствувале на слична ревија на демони, фетуси, ѓаволи, слабокрвни, мачки и гадови. Оваа книга е отворена болница за сите деменции на дуот, за сите расипаности на срцето; уште кога и би можеле да се излечат но... леле, овие болести се неизлечиви.

[...]

Можеме да сфатиме ваквите теми да ја понесат фантазијата на некој дваесетгодишен поет, но ништо не може да оправда некој што има повеќе од триесет години да им придава книжевно значење на ваквите монструозности.

Гистав Бурден (Gustav Bourdin), Le Figaro, 5 јули 1857.

Неодамна зборував за Мадам Бовари, тој скандалозен успех, кој во исто време е книжевен срам, морално зло и општествен феномен. Тој одвратен роман Мадам Бовари е примерна литература во споредба со збирката песни кои деновиве се појави под насловот Цвеќиња на злото. Автор е извесен господин Бодлер, кој го превел Едгар Алан По, и кој важи за великан во оние затворени кругови од кои доаѓаат сите гадости на боемскиот и реалистичкиот печат. Со ниеден збор не можам да ви ја предочам валканоста и одвратноста содржана во оваа збирка! [...] Едно чесно перо не смее да си дозволи ни најкраток цитат.

Le Journal de Bruxelles, 15 јули 1857.

Господинот Бодлер е на почеток од патот по кој тргна господин Флобер. Тој го означува вториот граничен камен кон кој треба да забрза литературата која, во недостиг на пристојност и морал, не вклучува повеќе ни пристојност во уметноста... Тој собира кал и тиња, ја валка благородноста, убавината, љубовта, младоста, свежината, пролетта, и со глас зарипнат од оргијање извикнува: „Еве човек!“ [...] стапица! [...] и господинот Бодлер добива читатели! [...] и му се восхитуваат! и го воздигнуваат до ѕвездите! и за него треба да се расправа како за настан!

Жан-Жак Вајс (Jean-Jacques Weiss), La Revue contemporaine, 15 јануари 1858.

-Многу лош поет:

Бедниот ѓавол немал ништо, или речиси ништо од поет, освен јароста и бесот да стане поет.

Фердинан Бринетиер (Ferdinand Brunetière), La Revue des Deux Mondes, мај 1887.

Исклучително лош поет, кој сепак ни оставил одлични критики.

Морис Леблон (Maurice Leblond), La Revue naturiste, мај 1900.

-Опсцен поет опасен за општеството:

Какво би било тоа општество, каква би била таа книжевност која би го прифатила за свој поет господинот Шарл Бодлер?

А. де Пномартен (A. de Pontmartin), La Revue des Deux Mondes, август 1861.

Цвеќињата на злото е опасен влог [...] Тој млад човек несвесно напишал поема на мракот и трулежот. [...] Стихови во кои гротескната и одвратна слика речиси постојано завршува со длабок неморал и вулгарна разузданост. [...] Таа гравира (на Бодлер) ни покажува диво, злокобно, уништено, зло лице; лице на јунак од кривичниот суд или пациент затворен во Бисетр (душевна болница) [...] Цвеќињата на злото расцветале по неговото лице.

А. Де Понмартен (A. de Pontmartin), Nouveaux Samedis, 1866.

Бодлер ужива во гнасните слики. Читателот секој пат мора да го затне носот; страницата смрди. Тоа не е писател...

Насекаде само немоќ и празнина. Тој дури не знае ни граматика. Тој не е уметник, не е поет...

Бодлер е мајмун, не само во декаденцијата на пишувањето, туку и во интелигенцијата.

Едмон Шерер (Edmond Schérer), Критички студии (Études critiques), 1869.

Со Стендал, од многубројните причини меѓу кои ќе најдеме не само една аналогија, Бодлер е еден од идолите на ова време, некој вид ориентален, монструозен и наказен идол чијшто природен деформитет е прикриен со необични бои, а неговата капела е една од најпосетените. Независните и декадентните, симболистите и деликвентите, дендијата на пишувањето и вагнеровските идолопоклоници, дури и натуралистите, ќе се жртвуваат во ова светилиште во кое меѓусебно тргуваат со пофалби...

Тој е само Сатана во добро опремен хотел, мајмун кој ги забавува гостите на масата. Исфрлете од Цвеќињата на злото половина од она што е напишано... остануваат само општи места.

Фердинан Бринетиер (Ferdinand Brunetière), La Revue des Deux Mondes, 1887.

-Лудак:

Бодлер во портретот на насловната страница на неговите постхумно објавени дела, ни делува како вистински луд мегаломан: провокативно држење, предизвикувачки поглед, екстравагантно задоволство од самиот себе. Тој потекнува од семејство на лудаци и ексцентрици. Затоа не е потребно да се биде психопатолог за да се констатира лудило кај него.

Чезаре Ломброзо (Césare Lombroso), Гениј (Gennio a Follia), 1864.

-Има проблем со изразувањето:

Отворам две кратки збирки од Бодлеровите „мисли“, Блесоци и Моето соголено срце. Нема што, страшно се оскудни, со големи празнини.

Тоа е најдетинестата потрага по необични мисли. А тоа завршува со колку природни, толку и застрашувачки парадокси. [...]

Најлошо е тоа што увидувам дека несреќникот е апсолутно неспособен да ги развие тие пророчки забелешки. Бодлеровите „мисли“ најчесто се само претенциозно и мачно дрдорење. Во еден миг, надмоќно изјавува: „Најдов само моја дефиниција на убавото.“ А пишува две страници за да ни соопшти дека не спознал убавина без мистерија и тага; но тој не ја објаснува, не би ни знаел да го направи тоа. Навистина не може да се замисли помалку филозофска глава. [...] А дури неговиот католицизам! Култот на вештачкото! Колку сето тоа ни делува примитивно и банално!

Жил Леметр (Jules Lemaitre), магазин Le Constitutionnel, 20 јануари 1862.

-Внимателниот став на Сент-Бев:

Тој единствен киоск кој тргува со договорена и конкретна оригиналност, која од пред некое време ги привлекува погледите на највисоката градина на романтичната Камчатка, јас го нарекувам ЛУДИЛО БОДЛЕР.

Сент-Бев (Saint-Beuve), Современици (Les Contemporains), 1886.

-Уште поенергичниот суд на Жил Вале:

Имал среќа да го најде Едгар По и да го преведе. И требало засекогаш да остане само преведувач, тој кој не знае да измисли ништо ново, ниту да го види она што постои, и кој во недостиг на идеи и на работ на силите, за да стекне репутација и оригиналност, ја изгланцал својата фантазија и ја исполирал својата чувствителност.

Жил Вале, (Jules Vallés), La Rue, 7 септември 1867.

Извор: DICTIONNAIRE DE LA BÊTISE et des erreurs de jugement, Editions Robert Laffont, S.A., Paris, 1965.

Слики: Ralph Pugay

Слични содржини

Речник на глупоста
Речник на глупоста
Речник на глупоста
Речник на глупоста
Речник на глупоста
Речник на глупоста
Речник на глупоста
Речник на глупоста

ОкоБоли главаВицФото