Култура на мизогинија: Машките права и женските обврски (2)

20.09.2014 08:52
Култура на мизогинија: Машките права и женските обврски (2)

Машките права и други приказни

Индицијата дека Елиот Роџер подготвува страшно злосторство, не недостасувала. Мојот извртен свет се чита како застрашувачко, 140 страници долго сведоштво за омраза, бес и презир кон жените, а потоа и кон мажите кои успеваат кај нив. Во него експлицитно е најавена планираната освета – „колежот“ над сестринството кој во очите на младиот човек станал симбол на „страдање“ заради „запоставеност“ од спротивниот пол.

Значи, ниту Елиот „пукнал“ ниту неговото злосторство е последица на „лудило“. Да се отпише целиот случај како акт на ментално нарушен поединец значи да се затворат очи пред културата на мизогинијата која ги обликувала неговите ставови за животот, жените и машко-женските односи. Меѓу другото, еве што кажува самиот тој во своето „последно“ видео, еден вид резиме на опширниот мизогински манифест:

„Колеџот е период одбележан со секс, забава и задоволство. За мене, тоа е период на осамено страдање. Тоа не е фер. Имам 22 години и никогаш не сум имал секс. Дури не сум ни бакнал девојка. И по две и пол години колеџ, јас и понатаму сум девец. Вистинско мачење.“

Нема сомнеж, Елиот Роџер (22) е типичен претставник на својата генерација, поточно нејзиниот машки дел, оној што смета дека вниманието од спротивниот пол и сексот „природно“ и неотуѓиво му припаѓаат:

„Не знам зошто никогаш не ве привлекував. Тоа е неправда. Злосторство. Не разбирам што не видовте во мене. Јас сум совршено момче, а вие, наместо кај мене, се фрлавте во прегратките на кретените. Ќе ве казнам заради тоа што не ме сакавте мене, совршениот џентлмен.“

Ова не е прво или единствено убиство од мизогинија. Во 1989 година, Марк Лепин (25) уби 28 луѓе во Политехничката школа во Квебек, повикувајќи се на „борба против феминизмот“. Во 2008 година, човек со име Џорџ Содини, влезе во една теретана во Питсбург, каде уби три и тешко рани десет жени. И од неговиот дигитален манифест зрачи омраза кон жените кои немале слух за неговите (машки) потреби. Пред еден месец, повторно во Конектикат, до смрт беше избодена гимназијалка која го одбила повикот од својот училишен другар за матурска вечер.

Идеолошката позадина на ваквите убиства е убиствено едноставна: жените им должат на мажите. Им должиме секс, љубов, внимание, дури и „восхит“ и „обожавање“, како што сметал Елиот Роџер. Доколку им го скратиме тоа, нормално, ќе ги разбесниме и можно е да станеме жртви на агресија преку која се ослободуваат од натрупаниот гнев. Накратко, жените всушност го добиваат она што го заслужуваат.

„Девојки, сè што сакав отсекогаш беше да ве сакам и да бидам сакан. Сакав девојка, сакав секс, сакав љубов, поврзаност, восхит, но сметавте дека не сум вреден за нешто такво. Тоа е злосторство кое не може да се прости. Ако не можам да ве имам, тогаш ќе ве уништам. Ми оневозможивте среќен живот, така што јас ќе ви скратам каков било живот. Едноставно, така треба.“

Процут на културата на мизогинија

„Кога мажот ќе убие жена речиси секогаш во позадина е неисполнета психосексуална желба. За мажот, целибатот е смрт. Сè е дозволено за да се избегне таква судбина.“ Според сајтот Jezebel, некој што се претставил како “Roissy in DC“ на овој начин го искоментирал масакрот во Питсбург. Неговиот „колега“, „Кудос“, пишува со сличен тон: „Го чекав ова (речиси и да мислев дека јас треба да направам нешто такво) и импресиониран сум“.

Ниту Елиот Роџер, односно неговото злосторство, не е без следбеници. „Дали Американките ќе станат пољубезни по овој настан?“, се запраша анонимен член на форум по масакрот во Исла Виста. „Слушнав дека граѓаните на Њујорк станале подобри по 11 септември. Дали тоа може сега да се случи со жените како пол? Мислам дека феминистките ја спуштаат топката во војната против мажите.“

Елиот со години бил член на онлајн заедницата позната под акронимот ПУА – скратено од pick-up artists, а тоа биле „уметници за заведување (жени)“. Поимите „алфа мажјак“, „курва“ како синоним за „жена“, со кои изобилуваат пишаните и видео трагите што ги оставил зад себе, се дел од стандардниот вокалбулар на ПУА и редовната комуникација помеѓу ПУА и следбениците.

Лидерите на заедницата се мајстори на играта – вештини за заведување. Преку совети и други видови „подучување“, тие своите знаења и вештини им ги пренесуваат на следбениците – „неуспешни“ мажи, на кои им ветуваат брза и лесна трансформација во алфи, по што нема да стигнат да ги избројат „легнувањата“. Печатат книги, брошури, организираат семинари и конференции, ширејќи отровна идеологија втемелена на мачоизам (во поглед на сфаќањето на машкоста и социјалната улога на мажите) и мизогинија (во поглед на сфаќањето на женскоста и социјалната улога на жените).

Сфаќајќи дека зад сајтовите на ПУА се кријат измамници кои ги експлоатираат неискуството, незрелоста и недостатокот од социјални вештини на корисниците, Елиот Роџер неодамна „се одметнал“ и им се приклучил на хејтерите на ПУА. Меѓутоа, нема значителни разлики помеѓу ПУА и ПУА хејт комуната. „Одметништвото“ не е мотивирано со противење на омразата кон жените, туку со фактот дека совладувањето на играта не ги донесува ветените резултати.

Иако се формално меѓусебно спротивставени, и едната и другата група негуваат ист – површен, но сеедно крајно опасен светоглед, создавајќи екстремно мизогинско опкружување во кое женскиот долг кон мажите и обврската за негово послушно отплаќање се земаат здраво за готово. Тривијалностите од видот „Како мажот со слабо изразена вилица да заведе девојка?“ или „Оценете колку е привлечен Џони Деп на оваа фотографија“, помешани се со дискусии на теми од типот: „Дали грдите жени се потполно бескорисни за општеството?“ и „Дали некогаш некоја згодна девојка извршила самоубиство?“ Кога станува збор за целите на заедницата, еден од корисниците ги резимира на следниот начин: „Дали ќе стигнам до точката во која е можно да имам секс со девојка кога ќе посакам, да речеме, пет пати неделно“.

Инаку, по масакрот во Санта Барбара, многумина хејтери на ПУА се обидоа да се дистанцираат од Елиот, неговите ставови и злосторствата што ги направи, додека главната веб страница, puahate.com, како и официјалниот твитер налог, привремено беа затворени. Промотерите на „уметноста на заведувањето“, пак, несреќата бесрамно ја користеа за рекламирање на сопствените „услуги“: „Изложувањето на ’играта’ можеше да спаси животи.“

И мажите убиваат, зарем не?

Во убиствениот поход на Роџер Елиот настрадаа двојно повеќе мажи отколку жени. Очекувано, веднаш се појави прашањето дали е оправдано да се зборува за мизогинијата како позадина на неговото злосторство.

Иако, половата структура на жртвите на Елиот навидум сугерира поинаку, одговорот на тоа е потврден. Имено, мизогинијата ги убива и мажите.

Кога се зборува за таканареченото женско прашање или дискриминацијата/омразата кон жените, често и лесно се губи од вид дека станува збор за половина од човештвото. Доколку тој факт се земе предвид, станува повеќе од јасно дека втората половина, мажите, не можат да останат недопрени. Меѓутоа, не се работи само за колатерална штета.

Нема сомнеж дека омразата, презирот, гадењето и желбата за освета на Елиот, првенствено се насочени кон жените. Не еднаш, во своите видео и пишани тиради, за нив наизменично зборува како за „глупави, подли, бесчувствителни животни“, односно, „разгалени, бесчувствителни, пореметени кучки“. „Тие се суштината на злото“, вели на едно место. „Не би смееле да имаат какви било права во едно цивилизирано општество“. Потоа, размислувајќи за тоа дека човештвото може да му застане на патот на ова зло, „чума која треба да се стави во карантин“, фантазира како ги затвора жените во концентрациони логори, каде ги изгладнува до смрт. Од ваквиот третман можат да се спаси само незначително малцинство жени и тоа „исклучиво заради репродуктивни цели“, а со цел пропагирање „поредок втемелен на супериорноста на мажите“.

Ако мизогинијата ја разбираме како систем на убедувања чија суштина е верување во инфериорноста на жените и нивната подреденост на мажите, тогаш станува јасно дека се работи за идеологија која не ги контролира и не ги обврзува само жените. Со неа се воспоставува рамка во која нема место за недоволно „мажествените“ мажи (насилството над геј мажите и трансродните жени делумно е мотивирано од мизогинија; тоа е еден вид казна за „предавството“, односно откажување од „вистинскиот“ машки, супериорен идентитет, добиен од бога или од „природата“, зависно од гледиштето) и за дваесет и две годишните девици. Со други зборови, Елиот Роџер беше заговорник на идеологија која, со оглед на тоа дека никогаш немал секс со девојка, целосно го обезвреднувала.

„Мојот проблем се девојките“, експлицитно го кажува тоа во Мојот извртен свет, за веднаш да додаде: „Заслужувам девојки повеќе отколку некои губитници. Ги мразам. Ги мразам сите мажи кои живеат подобар живот од мене. Ги мразам сите сексуално активни мажи. Ве мразам и едвај чекам да ви го дадам тоа што го заслужувате.“

Омразата и бесот на Елиот во однос на мажите, произлегуваат од нетрпеливоста кон жените. Со други зборови, тој ги мрази мажите токму затоа што ги мрази жените.

Во очите на Елиот, жената е објект; алат со кој воспоставува однос кон другите мажи и се натпреварува со нив. Да се разбереме, не само што не е осамен во тоа, туку би можело да се каже дека е сосема типичен. Мажите, по правило, својата вредност и моќта на другите мажи ја покажуваат преку жените. Врз она што го нарекуваат „успех кај жените“, ја градат самопочитта и добиваат почит од другите мажи.

Значи, мизогинијата не го обликувала само ставот на Елиот кон жените. Го моделирала и неговото (мачоистичко) сфаќање за мажите и машкоста, од што произлегуваат два меѓусебно поврзани проблеми – еден насочен кон внатре, другиот кон надвор.

Со оглед на тоа што самиот не ги задоволувал параметрите на сопствената дефиниција за мажите/машкоста, Елиот Роџер станал жртва на лични идеолошки светогледи. Ја интензивирал стигмата кон мажот-девец која ја наметнува таквата идејна рамка и нужно себеси се доживувал како неодолив маж. Истовремено секаде околу себе гледал мажи кои ги перципирал како многу поблиски кон некаков идеал за машкоста, модел на алфа супермен кој му бил недостижен.

Имајќи го предвид овој помалку очигледен аспект на мизогинијата, сосема е разбирливо тоа што метите на Елиот подеднакво биле и жени (над кои сметал дека има „природно право“) и мажи (на кои им завидувал зашто успешно го остварувале тоа „право“). Епизодата што ја опишува во својата онлајн автобиографија го илустрира тоа на повеќе од јасен начин.

Приближно една година пред убиствата во Санта Барбара, Елиот се нашол на студентска забава за која вели дека била негов последен обид „да им дадам шанса на жените да ми ги овозможат задоволствата што ги заслужувам од нив“. Разочаран што не се ни обиделе да ја искористат, пијан, во еден момент се обидел од терасата да турне група жени што „го изневериле“, но и млади момчиња кои успеале да го добијат нивното внимание.

Мизогинијата: Толку сеприсутна што не ја забележуваме

Несреќниот Елиот Роџер живеел со убедувањето дека женскиот род му должи, во што, повторно, е сосема типичен. Онлајн заедниците во кои бил активен бројат илјадници регистрирани членови – артикулирани, елоквентни, способни жестоко да ја бранат идеологијата што ја застапуваат – кои го споделуваат неговиот светоглед.

Нурнати во културно доминантниот еманципаторски наратив, како и со оглед на фактот дека екстремната мизогинија првенствено цвета на интернет, наклонети сме омразата кон жените или да ја занемариме или да ја отпишеме како нешто што сепак се случува во „нереалниот“ сајбер свет. Западната култура едноставно одбива да признае дека културата на мизогинијата е дел од мејнстримот, а не некаква изолирана идеолошка нишка која собира малобројни „лудаци“. Имено, реалноста е токму онаква каква што не сакаме да признаеме дека е, а дискриминацијата на жените е сеприсутна во таа мера што редовно останува „под радарот“.

Останувајќи во границите на развиениот Запад, во просек, жените се помалку платени од мажите и се помалку застапени на позициите на моќта, во бизнисот и политиката. Иако е во опаѓање, семејното насилство, а негови жртви се првенствено жените, и понатаму е на неприфатливо високо ниво. И покрај тоа, актуелното јакнење на конзервативната десница креираше амбиент во кој е можно (несанкционирано) да се зборува за легитимно силување, а да се кандидираат неприфатливи рестриктивни политики за абортусот, на пример.

Сеедно, илјадници следбеници и хејтери на ПУА и уште побројната заедница на вклучените во таканаречениот машки активизам недвосмислено сведочат дека современата култура успешно ја перпетуира половата субординација на жените. Кога во таа мера станува збор за мизогинската мрежа, исто така, организациите кои се занимаваат со прашањата за човековите права, половата дискриминација и насилство над жените и нивните активности се следат на начин на кој државите го следат дејствувањето на терористичките ќелии.

Мизогинскиот екстремизам останува незабележан и неказнет токму заради тоа што мизогинијата е подразбирачка. Според новинарските извештаи, загрижена заради онлајн активностите на својот син, мајката на Елиот Роџер контактирала со полицијата неколку недели пред масакрот што се случи во Санта Барбара. Полицајците го посетиле во изнајмениот стан во кој живеел, но по краток разговор со него, заклучиле дека е „луциден, артикулиран, мошне пристоен и љубезен“ и „безопасен“. Наспроти агресивно мизогинските содржини на неговиот YouTube канал, поверувале кога им рекол дека не планира да повреди никого. Можеби заради тоа што „само сакал да љуби и да биде љубен“.

Крај.

Кон првиот дел.

Слики/везови: Alaina Varrone

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com/