Амбасадор

22.09.2014 08:59
Ѕвездан Георгиевски

По игра на случајноста (всушност, поточно би било да се каже: како логичен след, односно последица, на конзистентноста на овдешните владеjачки политики), минатата недела во центарот на вниманието на домашната јавност влегоа двајца сè уште официјално неополномоштени амбасадори. Првин, тоа беше именувањето на пејачот Илија Псалтиров за амбасадор во Казахстан, чекор што во јавноста беше сфатен само како потврда на продолжување на волунтаристичката кадровска политика во дипломатијата – неколку од амбасадорите останаа во странство, еден пронајде духови во својата резиденција, еден имаше сексуален скандал, други се покажаа целосно некомпетентни... Потоа, следниот американски амбасадор во Македонија Џес Бејли, во својата „одбрана“ пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот, најави п(р)оактивно учество во разрешување на внатрешните и надворешните проблеми на нашата земја, што наиде на широко одобрување (некаде дури до егзалтација) кај критичкиот дел (кон владините политики) на македонската јавност и, се разбира, на сериозни (и целосно неумерени) напади кај оној друг дел од истата јавност. Сепак, и едните и другите ги налути неговата изјава дека „во Македонија живеат Словени и Албанци“, што во суштина и не е ништо друго туку токму резултат на вака поставената македонска надворешна политика. Имено, тоа е знак дека американската политика ја прифатила тезата на Грција дека терминот „Македонец“ означува жител на географскиот поим Македонија (без оглед на националноста), а не припадник на мнозинскиот народ на Република Македонија.

По дефиниција амбасадор е дипломат од највисок ранг, највисокиот постојан претставник на една држава во друга. Меѓутоа, амбасадори не именуваат само државите, туку и некои меѓународни организации, главно од хуманитерен карактер. Најпозната титула е „амбасадор на децата“ што ја доделува UNICEF. Станува збор за познати и популарни личности што својата популарност ја користат за благородни цели. И овие титули не се доделуваат за одредени земји, туку за одредени цели, односно области. Македонија е една од ретките држави (можеби и единствена), која доделува почесни амбасадорски титули. Станува збор за „амбасадор на културата“, која и покрај тоа што е почесна, се доделува за одредена земја (?).

Значи, во поширока смисла, амбасадор е секој квалитетен репрезент на некоја струка, област или намера (амбасадор на добрата волја, амбасадор на македонската филмска уметност во светот, вистински амбасадор на индустријата, па и амбасадор на културата...). Во принцип, станува збор за метафора со која му се оддава признание на одреден поединец за постигнувањата во одредена област и ширењето на славата на неговата земја во светот.

Најпознатата дефиниција за амбасадор ја има дадено сер Хенри Вотон, кој вели дека „амбасадор е чесен џентлмен што лаже во странство за доброто на својата земја“. Очигледно, од времето на дипломатската служба на овој Британец (почеток на XVII век) многу работи се промениле.

Амбасада, се разбира, е зградата каде што амбасадорот ја врши својата должност. Тоа е екстериторијално дипломатско претставништво и се смета за територија на земјата за чија амбасада станува збор. Затоа често и служи како простор за политички азил, па Џулијан Асанж, на пример, се чувствува релативно сигурно како политички бегалец (азилант) во Еквадорската амбасада во Лондон. Македонија со неодамнешното решение да формира заеднички амбасади со друга држава (Србија) прави исклучок и на овој план. Со други зборови, практично ја спојува својата територија со територијата на друга држава. Замислете една хипотетичка ситуација: Македонија му дава политички азил на некој политички бегалец од калиброт на Асанж, а Србија – не. Или обратно. Тогаш паѓа во вода принципот на дипломатската екстериторијалност.

Зборот „амбасадор“ е практично латински интернационализам, кој во слични варијанти се користи во огромен број светски јазици. Неговите корени се индо-европски, а произлегува од латинскиот термин „ambactus“, што би значело служител, вазал... Индо-европските корени се од „ambhi-“, што кај нас би значело „за“ (оттука доаѓа и амбиција, на пример) и од глаголот „ag-“, што би можело да се преведе како „тера“, односно „води“.

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото