Дами и господа од ОБСЕ, не ли ви е срам?!

22.09.2014 11:48
Дами и господа од ОБСЕ, не ли ви е срам?!

Малку е да се каже дека сум згрозен од најновиот спот од кампањата против насилството, потпишан од МВР, но и од ОБСЕ. Разочаран сум од идиотските пораки и најмногу од страшното лицемерие што со потписот на ОБСЕ го демонстрира заедницата на странски дипломати во Скопје. Ако тој потпис значи поддршка и став – а што друго би можело да значи? - тогаш не ми преостанува ништо друго освен да се придружам кон оној кус и горчлив коментар на Фејсбук: ОБСЕ, обеси се!

Сите ние, освен можеби неколку странски дипломати во Скопје, фасцинирани од кампањите на оваа власт, многу добро знаеме дека кај нас, во Македонија, хулиганските групи немаат никаква врска со рок-културата, со рокот, хеви-металот и со панкот, туку директно се поврзани со партиските фаланги на владејачките партии. Се сеќавате, нели, ги видовме тие групи на скопското Кале, ги видовме во Нерези и на многу други места. Тие не се ни рокери ни панкери. Не, во првите редови секогаш гледаме луѓе од партиските подмладоци, но и познати јавни личности. Да не заборавивте дека на скопското Кале едната група хулигани ја предводеше познат новинар апологет на власта, додека другата ја раководеше денес познат албански политичар.

Песните и скандирањата за „чиста Македонија“ и за гасните комори, палењата на македонското знаме и сличните акти на насилство, немаат ништо заедничко со рокот и со панкот. Насилството што го шират тие луѓе на социјалните мрежи е директно поттикнато од пропагандистите на власта, од луѓе што јавно се декларираат дека се лични пријатели на премиерот Никола Груевски, а тој со своето однесување тоа и го потврдува. Ете, тука треба да се бара епицентарот на насилството во Македонија, а не во рок-културата.

Ги прашувам луѓето од ОБСЕ, кои го потпишале овој спот - дали воопшто го погледнале? Од кога тоа гитарата е оружје на насилниците? Дали јас, како добар родител, не би смеел на мојата ќерка да ѝ дозволам да ја допре мојата „јамаха“ и да ѝ ги покажам првите акорди? Дали, ако еден ден, не дај боже, закачи пирс на усната (уф, колку сум се расправал со мојот син за тој пирс!), треба да заклучам дека моето дете станало насилник, дека можеби носи нож во чевелот или пиштол на појасот? Дали моето дете мора да стане спортист и да се дружи со некакви набилдани идиоти, некакви модерни браници и соколанци, за да биде ненасилно?

Како, бре, не ви е срам, дами и господо од ОБСЕ? Па ние знаеме дека од нашиве будали и од нивната античка турбофолк култура треба очекуваме вакви идиотски производи на пропагандата, но зарем и вие тоа го поддржувате? Зарем ја поддржувате и оваа стигматизацијата на рок-културата? Па не е ли таа дел и од вашата младост? Или во вашите земји немавте рок и панк? Толку ли ве импресионира овој режим и неговата „естетика“? И вие ли дома тајно слушате турбофолк и песни за Никола Груевски? Ќе се одважите ли да му се извините на македонскиот народ за овој страшен пропуст и да побарате веднаш да се повлече овој идиотски спот?

ПС. Се огласи и Ралф Брет, шеф на мисијата на ОБСЕ, со следната порака: „Гледачите повеќе да се осврнат на проблемот, отколку на ликовите во видеото!“ Не бива таа работа, друже Ралф. Видеото е за гледање! Седи, кец!

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото