Драги десничари, Арапите остануваат тука

23.09.2014 09:46
Драги десничари, Арапите остануваат тука

Прво главната вест: Арапите остануваат каде што се, дури и ако продолжи подемот на нашите ултра националистички политичари.

Тие ќе бидат тука дури и ако Авигдор Либерман стане претседател и премиер; ако Нафтали Бенет стане министер за надворешни работи и одбрана; ако Јарив Левин стане министер за правда, просветлување и морал; ако Итамар Бен-Гвир стане министер за полиција и јавна безбедност; ако Мири Регев стане министер за култура; и ако „Сенката“ – раперот Џоан Елиаси – стане министер за стратешки работи. Дури и ако се случи сето тоа, Арапите и понатаму ќе бидат таму каде што се.

Арапите од 1948 година ќе останат таму каде што се, како и оние од 1967 година. Арапите во Израел, на Западниот брег, Газа и во целиот региот – сите тие ќе останат таму каде што се. Сонот на Израел дека сите тие ќе исчезнат на некој начин, никогаш нема да се оствари. Тие нема да заминат и нема да бидат исфрлени. Тие се тука засекогаш. Тоа е нивниот „сумуд“, нивната постојаност.

Затоа што умре сонот за две држави, за што придонесоа претходно набројаните ликови, Израел мора да размисли што сега. Тие ултра националисти, тие „љубители“ на Арапите, тие кои прават сè што можат за да овозможат воспоставување една голема држава која ќе ги вклучува Арапите – тие би требало да бидат загрижени за овие шокантни вести.

Тие би требало да ги предводат обидите за да се подобрат односите со Арапите за да бидат прифатени во регионот. Тие, кои не сакаа две држави и најверојатно ќе добијат само една, мораат да сфатат дека таа држава ќе биде како Југославија, или дури како Сомалија, доколку брзо не направат нешто за да ги прифатат нивните несакани соседи, оние постојаните.

Тие би требало да се борат за заштита на јазикот – арапскиот, се разбира. Тие би требало да го пренесуваат наследството – Накбе, се разбира. Со сите можни средства, тие би требало да се борат против дискриминацијата на израелските Арапи и против нивното раселување од окупираните територии.

Кога ќе сфатат дека Арапите нема да исчезнат, би требало да размислат за заедничка иднина, зарем не? Кога ќе стане јасно дека ќе живееме во заедничко живеалиште какво што сакавте, драги анексатори, би требало да размислиме за заедничката иднина. Ќе ни бидат потребни куќен совет и благајник; ќе мораме наизменично да ги чистиме скалите.

Тоа и го сакавте, зарем не? Дваесет проценти од жителите на оваа земја остануваат – не можете да ги турнете в ќош повеќе отколку што веќе сте ги турнале. Ако сакате уште два или три милиони од Западниот брег, ве молам да се однесувате како што треба. Тоа го сакавте – тоа и го добивте, па тоа и ќе го земете. Почнете сериозно да го сфаќате сопствениот план.

Се разбира, ова се пусти желби. Ултра националистите сè уште веруваат дека ако сè повеќе им ги загорчуваат животите на Палестинците, притоа навредувајќи ги граѓаните на Израел и оние под окупација, ако ги претепуваат и понижуваат, убиваат и апсат, можеби ќе се случи чудо и тие ќе исчезнат.

Некако работите ќе излезат добро, можеби доброволна или недоброволна преселба, можеби етничко чистење, Армагедон, што било. Кое било чудо ќе ја заврши работата. Но, никакво чудо нема да се случи.

Па, тогаш што треба да правите, драги десничари? Што ви поминува во главата кога ќе кажете дека сè е наше, дека Хеброн е наш засекогаш и дека Назарет е еврејски град? Апартхејд? Тоа нема да функционира? Преселба?

Светот нема да го дозволи тоа. Дали мислите дека Арапите ќе се предадат – дека мирно ќе прифатат засекогаш да бидат граѓани од шести ред или граѓани од Западниот брег без никакви права? Тоа би бил историски преседан.

Што би се случило кога десничарите би ги промениле своите навики и, барем еднаш, би размислувале неколку години однапред? Каква држава сакаат? Каков вид односи? Какви се нивните планови? Какви се нивните заклучоци?

Не морате да се расправате со нив, само поставете им едноставно прашање: Што ќе се случи тука? Да речеме дека сите го прифаќаме нивниот став, со воодушевување ја усвојуваме нивната визија и сè да им стане достапно само на Евреите, како што тие посакуваат. Што ќе се случи? Што ќе биде со Арапите?

Всушност, десницата не се грижи за вакви тривијалности. Длабоко во своето срце, таа сè уште верува дека сите проблеми ќе исчезнат. Во меѓувреме, колумнистот на Харец, Рогел Алфер заминува, но останува Мухамед. Тој уште долго ќе биде тука дури и кога ќе нè снема нас.

Извор: http://www.haaretz.com/

ОкоБоли главаВицФото