Блокада на македонските медиуми за Тони Зен по песната „Под контрола“?

23.09.2014 09:45
Блокада на македонските медиуми за Тони Зен по песната „Под контрола“?

Тони Зен, не толку одамна, беше најголема македонска хип-хоп ѕвезда и секој негов чекор беше следен од медиумите. Но, откако објави песна и видео за слободата на говор, медиумите едноставно го заборавија, пишува Филип Стојановски за порталот globalvoicesonline.org.

Фален заради добриот изглед, интересен и како пријател на (поранешниот) шеф на обезбедувањето на премиерот на државата кој се појави и во негов видео спот, медиумска ѕвезда додека учествуваше во реалното шоу „Преживеан“. Често можеше да се види на насловните страници и на малите екрани, се појавуваше дури и на кориците на училиштени тетратки, а направи и огромен концерт во најголемата скопска сала.

Се чинеше дека новинарите обожуваа да зборуват за него, но сè до 23 мај кога го објави видеото за „Под контрола“. Од тогаш и покрај претходната популарност, се чини дека ретко може да го видиме во македонските и регионалните медиуми.

Песната и спотот реферираат на сè полошата состојба на слободата на говор и социјалната поделеност во Македонија со аудио и визуелни референци на делата на американскиот комичар Џорџ Карлин и на писателот Џорџ Орвел.

Главните медиуми во земјава не го објавуваат видеото, а Тони Зен сè поретко може да се види на било кој јавен настан.

Извор: globalvoicesonline.org/Либертас