Туризам на културниот холокауст

23.09.2014 10:34
Туризам на културниот холокауст

Рекламната порака „Macedonia Mindless: Skopje – gradot kade istorijata se srekjava so gluposta“ (или слична на неа), беше емитирана од страна на Владата на ДПМНЕ за да ги привлече туристите од целиот свет, да дојдат и да ја посетат престолнината на кичот и земјата на невидената глупост, библиската Македонија. Слоганот „Безумна Македонија “ не беше плод на случајна инспирација, туку на студија која требаше да го осмисли и реализира најглупото ребрендирање на една држава во познатата историја. Целта на кампањата беше македонската држава да се ребрендира во ништо (Тричковски), а тоа ништо требаше да има толку перверзна физиономија што ќе ги привлече туриститe од целиот свет. Ребрендирањето требаше да се изврши со уличен пропаганден материјал составен од толку грди, нефункционални и до коскена срж невкусни споменици и згради, што секој човек во белиот свет инстинктивно, со стомак, ќе ја препознае вселенската димензија на глупоста и со примитивно љубопитство (на луѓе кои уживаат да „се ситат“ на туѓата попреченост и несреќа) ќе посака да допатува во нашата егзотична земја.

И навистина, идентитетскиот проект „Безумна Македонија“ и неговата материјализација низ „Скопје 2014“ во потполност ги исполнија очекувањата на неговите родители (ДПМНЕ и Владата на РМ) зашто неповратно го сменија идентитетот на Скопје и Македонија. Ова успешно идентитетско самоубиство се изврши сосем независно од изборот и имињата на споменичните ликови и од „историските стилови“ нашлакани на зградите: идентитетот македонски не го смени содржината на кампањата за ребрендирање на Македонија, туку запрепастувачките космички димензии на нејзината глупост. Токму глупоста - таа природна сила со која човекот се интегрира со вселенската темна материја - спектакуларно ја пренесе низ светот славата на Скопје како престолнина на кичот и на Македонија како најналудничава држава во познатиот универзум. Токму глупоста генерирана од нефункционалната мозочна маса на ДПМНЕ, го направи Скопје град привлечен за туристи што патуваат да се фотографираат крај споменици на човечката мизерија.

Темниот блесок на државната дебилност ја прослави дпмнеовска Македонија до таа мерка што веќе не постои ниту една поугледна светска телевизија или печатен медиум што не направија репортажа за Скопје и Македонија и во таа пригода не ги истакнаа кичот на „Скопје 2014“ и коруптивната авторитарност на режимот на ДПМНЕ. Чуди, затоа, неодамнешната реакција на Центарот за комуникации на владеачката партија по повод репортажата на РТВ Словенија во која „Скопје 2014“ се нарекува кич, гротескен и налудничав проект. Во прилогот, професорот по историја на уметност и архитектура на универзитетот во Цирих, Филип Урспрунг, тврди дека власта како и „секоја диктатура и тоталитарен систем сака да воспостави обединувачки симболи со употреба на архитектонски средства“ и така „градот на восхитувачката архитектура од 70-те и 80-те години да го претвори во кошмар кој сега и станал реалност“. Иако уважениот колега го искажа истиот став како и сите други стручњаци кои го виделе „Скопје 2014“, Центарот за лаги и глупости на ДПМНЕ лансираше бесна реакција во која „аргументирано“ ги оспорува тврдењата на професорот. Нивното писание би требало да се изучува на катедрите за лингвистика и невро-психологија: неписменоста и хаотичното бладање на несреќниците од Центарот создава магнетна резонанца која како да ја опредметува сликата на нивниот ментален напор кога ги составувале тие немушти умосерини. Додека читате, како да ги гледате нивните белузлави, матни и полупроѕирни мозочиња како се стегаат и грчат како ларви на плотна додека составуваат реченица:

„професорот треба да биде свесен и да знае дека ова што нему не му се допаѓа и незнаеме од кои причини сака да навредува за кои се надеваме не се политички, на многумина и на мнозинството граѓани и туристи многу им се допаѓа. (...) За нас е исклучително важно дека многу повеќе туристи го посетуваат Скопје изминативе неколку години и денес, отколку било кога во историјата на овој град.“

Сте прочитале ли понеписмен и поглупав текст во животот, почитувани читатели? Освен што зрачи со истиот арогантен кретенизам (како и проектот за ребрендирање на Македонија), овој текст предизвикува и помешани чувства на емпатија и грижа за тоа како овие луѓе воопшто си ги врзуваат чевлите и дали можат безбедно да преминат улица, кутричките. Од друга страна, основниот аргумент што режимот на ДПМНЕ успева за овие неколку години да го исцеди од својот колективен ум, и единственото оправдание за милијардата евра за кич и за вечната етикета на нација на кретени, е дека сето тоа е за да се привлечат туристи од светот кои ќе се фотографирале пред спомениците на глупоста. Ајајајај, како човек да се спори со идиотлук од олку космички размери? Како на овие дибеци човек да им објасни дека пред Втората светска војна полското село Освиечим имало нула туристи годишно, а по реализацијата на „проектот Аушвиц“ секоја година овој споменик на холокаустот го посетуваат речиси 600.000 туристи? Развојот на скопскиот туризам (и да е вистинит, како што не е) не само што не може да го оправда македонското културно самоуништување отелотворено во „Скопје 2014“, туку упатува и на фактот дека менталната операција (со која со купче случајни туристи се оправдува трошењето на милијарда евра за културно самоубиство на нацијата) е сосема невозможна за мозок кому не е дијагностициран клинички кретенизам.

Изгледа дека глупоста која го создаде „Скопје 2014“ е како елемент на природата; како основен шум на темната антиматерија кој со напрснат бронзен звук ѕвечи од центарот на Скопје и ги исполнува со главоболна бесмисла сите пукнатини на вселената. Џабе македонските мајки раѓаат здрави и интелигентни деца, џабе е нивното рационалистичко образование: тие ќе бидат или отфрлени од татковинската орбита или вшмукани од примордијалната гравитација на вселенската глупост на ДПМНЕ. Тоа е темната гравитација на безумието, поголема од сета духовна и материјална светлина, убавина и добрина; тоа е гравитацијата од која се изобличува просторот, се увртува времето, при што се столчува и вртложно исчезнува сето мило, драго и познато, во темниот вир на глупоста. За да стане туристички рај на македонскиот културен холокауст.

Слики: Свирачиња

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото