Превртено

25.09.2014 00:48
Превртено

Вчерашната слика со превртениот автобус на ЈСП „Скопје“ во еден ендек, освен како рентгентска снимка за актуелната трагична состојба во сообраќајот, може и треба да се гледа како најживописна илустрација за иднината на земјата. За тоа како и каде ќе завршиме утре сите ние два милиона патници додека популисти нѐ возат на патот на преродбата. Не само во вторник и во петок, туку секој ден, со години. Бесплатно, што во нашиот случај значи по цена на животот. Прифативме – под закани и уцени, но во најголем број случаи доброволно, да бидеме послушни учесници и слепи патници во големиот политички, културен и идеолошки транспорт и затоа сега не сакаме ни да гледаме како драматично се скратува растојанието помеѓу Центарот за комуникации и Ургентниот центар.

Автобусот – куп стакло и згмечен лим – е симбол на испревртените вредности, критериуми и цели, поточно ендеци, кон кои се движи општеството, со брзина прилагодена само на нив. Во такви прилики логично е Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ да стопанисува со жичарници, да гради мост и на него панорамско тркало од 18 милиони евра, да вози бесплатно пензионери и други потенцијални гласачи на владејачката партија, а да нема за плати за возачите. Сосема очекувано е трагедиите на патиштата да бидат повод за уште една кампања на владата, а очекувано МВР да регистрира дека само една недела откако почна кампањата, се случиле повеќе од 1.000 сообраќајки.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња