Бакрачески: Вонземјаните ја спасија сезоната

27.09.2014 11:50
Бакрачески: Вонземјаните ја спасија сезоната

Охрид, 27 септември 2014

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, ги потврди шокантните наводи изнесени во вчерашните вести на Сител телевизија, за тоа дека вонземјани се чести гости во Македонија, најмногу во Охрид.

„Абе то тајна требаше да бидит, а не на вести да го кажват. Ама шо да им прајш… толку разбирет“, изнервирано ја започна денешната прес конференција охридскиот градоначалник.

Бакрачески понатаму ги откри и деталите за вонземјаните.

„Да бе, све е точно. Оваа локална самоуправа работит, не ко Аце Петрески претходно. Видовме дека нишчо не прајме со скопјанишчава и одма се јавивме, договоривме со вонземјаниве да почнат да идат, им средивме аранжмани убај, им резервиравме лежалки, и то е то. Море Гопод здравје да им дајт, да не беа тие јас стварно не знам шо ќе напраевме летово. Абе ни ја спасија сезоната луѓето. Ако чекавме од скопјанишчана, ќе свршевме работа… тие само да се бунат знает, скапо им било, плитко им било, длабоко им било, абе ништо не им чинит! А овие, господа луѓе бе, си слетват со вселенскиот брод на аеродромон, тука одма ги чекет оние со таблине, ги прашвет смештај дан требит, и си бркет работа. Абе, имет стил тие, то е разликата“, објаснуваше Бакрачески.

Тој откри дека локалната самоуправа во соработка со Владата ќе почне и со субвенционирање на летовите со вселенски бродови, со цел понатамошно заживување на туризмот и продлабочување на соработката со вонземјаните туристи.

Извор: kozanostra.net