Кампања

29.09.2014 00:35
Кампања

Кампања е типичен воен, односно војнички термин. По дефиниција, кампања е сложена низа операции поради постигнување некоја геополитичка цел – на пример поход, заземање на поголема територија итн. Целта на кампањата е постигнување или одржување на хегемонијата во некое подрачје, дури и без оглед на резултатот на некои поединечни операции (битки, на пример).

Како и многу други воени термини и кампањата e преземена во „цивилниот“ сектор, односно во подрачја каде што се применува некаква стратегија, односно се цели кон воспоставување или задржување на хегемонија. Затоа говориме, на пример, за кампањи за сензибилизирање на јавноста против нешто (против насилството, на пример) или за нешто (за безбедност во сообраќајот, за многудетно семејство итн.). Понекогаш погрдно наречена и „о-рук систем“, таа може да биде сфатена и во негативен контекст, особено тогаш кога нешто се презема несистемски, недоволно домислено и минливо (кампањско учење).

Предизборните кампањи често страдаат од тој недостиг, а гледаме дека и владините пропагандни кампањи не се имуни на оваа појава. Имено, во нивниот фокус не се фактите, ниту суштината на делувањето во полза на општото добро, туку создавање впечаток за Владата како ентузијастички неимар во создавањето на „посветлата иднина“. Основата е, значи, привлекување консензус макар врз ефемерни детали или лажни претстави за реалноста. Затоа и ќе се случи низ кампањите да се протне отворена дискриминација врз основа на социјалното и родовото милје.

Јавноста веќе ја искритикува најновата кампања против насилството, фабрикувана врз создавање впечаток за субкултурата (рок музиката) како насилна. Сепак, од наводната дискриминација на рокерите, панкерите, металците..., многу пофрапантна е пораката на кампањата – сиромашните се насилни, а богатите се фини; сиромашните треба да се уништат, изолираат и целосно да се маргинализираат за да не го валкаат „просветениот“ свет на богатата класа. Со други зборови: целосно одржување на хегемонијата врз општествените и реалните подрачја. Едноставно, субкултурата е израз на бунт на пониските општествени слоеви, а тој бунт тука е претставен како силеџиство и криминализирано насилство.

„Campagna“ е италијански збор, настанат од латинскиот „campania“, во чија основа е „campus“, што значи поле. Од истиот корен е и нашиот глагол „копа“ и именката „копито“. Првобитно „campus“ е дел од рамнина, па и оној дел на кој се одвива битка (бојно поле). Оттука е и латинскиот „campionus“ што значи примерок, но и борец, кој натаму го дава францускиот „champion“ (победник, првак, односно шампион). Логорувањето на војската (а подоцна и на туристите) се нарекува „кампирање“.

Ако сакаме да се играме со овој збор, а сепак да ја отсликаме овдешната состојба, тогаш можеме да заклучиме дека владините кампањи со своите копита длабоко копаат по македонската општествена супстанца.

Слични содржини

Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења
Значења

ОкоБоли главаВицФото