Таблоид во криза поради штрајк на фотошоперите

29.09.2014 12:02
Таблоид во криза поради штрајк на фотошоперите

Скопје, 29 септември 2014

Штрајкот на графичките дизајнери, познати како фотошопери, кој веќе неколку денови трае ширум земјава, го доведе во прашање излегувањето на магазините кои го следат животот на славните и познатите личности. „Свет“, „Трач“ и уште еден магазин за славни личности се соочуваат со најголемата криза во нивната досегашна историја. Здружението на фотошопери на Македонија најави дека штрајкот ќе трае сè до исполнување на нивните услови - пензионирање на фотошоперите во триесеттата година, бесплатна психијатриска помош, како и зголемување на платите за 300 отсто.

Како што дознаваат нашите новинари, протестите започнале како знак на солидарност со еден колега кој претрпел сериозни последици врз мозокот за време на ретуширање на фотографија на Ким Кардашијан во корсет. Бидејќи крајот на штрајкот не се наѕира, уредниците на овие списанија се принудени да продолжат со нивно печатање, но со користење автентични наместо ретуширани фотографии од славните личности.

Уредничката на едно од списанијата, Стојна Петреска, вели дека ни самите не се сигурни дали според законот за информирање смеат да пуштаат такви фотографии во печат, но сепак ќе ризикуваат.

„Се согласивме на два од трите услови кои ги поставија со фотошоперите, но барањето за доживотна бесплатна психијатриска терапија, колку и да е оправдано, сепак е премногу за нашиот буџет и чекаме да видиме дали државата може да помогне. Сепак, не можеме да го одложиме излегувањето на следниот број, и однапред им се извинувам на читателите поради фотографиите кои уште утре ќе можат да ги видат. Јас ги гледам тие необработени фотографии со години и сè уште не се навикнав. Се надевам дека ќе нема трајни психички последици“, вели Стојна.

Мартин Копитовски, еден од работниците кои штрајкуваат, нè упати во процесот на обработка на фотографиите.

„Времето да се обработи една фотографија варира од неколку денови, доколку станува збор за фотографија од новороденче, па до неколку недели, ако станува збор за фотографија од домашна пејачка. До сега во нашето списание никогаш не е објавена 'сурова' фотографија, било да станува збор за слика од маж, жена, бебе или куче, сите имаат некакви гадни недостатоци кои едноставно не се нешто што нашите читатели би сакале да го видат. Не сум сигурен како оваа одлука да се оди со неретуширани фотографии ќе влијае на иднината на магазинот и на менталното здравје на читателите и минувачите кои случајно ќе ја здогледаат насловната страница на списанието“, вели овој познат фотошопер.

Господинот Копитовски ни раскажа и некои детали од работата.

„Работата на фотошоперот не е воопшто лесна. Бара остро око кое може да здогледа и најмала брчка, како и големо трпение и мирна рака која е способна да отстрани и десетици стрии, стотици акни и илјадници влакна на најчудните места, од грбот, преку гениталиите, до ножниот палец. Најголем проблем сепак претставуваат психичките пореметувања, кошмарите и анксиозноста од кои моите колеги многу често страдаат поради природата на својата работа. Сум видел секакви работи, од целулитот на Благица Павловска, преку веѓите на Марјан Стојановски, па до подочниците на Сузана Гавазова. Искрено размислувам да се вратам на старата работа како форензичар, таму немав вакви проблеми“, заклучува Копитовски.

Уредничката Стојна на крајот уште еднаш нè замоли да им пренесеме на читателите дека „многу им е жал поради тоа што ќе бидат принудени да ги гледаат тие одвратни, едноставно одвратни работи“.

Најмногу сме загрижени поради фото-специјалот за Лепа Брена на седмата страница, додаде Стојна на крајот, повеќе како за себе.

Извор: www.njuz.net