Mисијата на ВМРО завршува, следи обнова!

29.09.2014 12:15
Mисијата на ВМРО завршува, следи обнова!

Стрмоглавувањето на јазикот во валканост и вулгарност може да биде извор на енергија што ќе ја покрене динамиката на креативниот чин, вели Валтер Бенјамин. Јас би рекол дека таа задача попрво може да му припадне на јазикот што има моќ да се издигне над убиствената вообичаеност на денот и над инерцијата на протоколарниот диктат, понекогаш и со стапот на вулгарноста! И, обратно, се разбира. Со тоа што, освен што баналноста на јазикот знае да ја убие креативноста, сосема е јасно дека и отсуството на креативност е амбиент во кој се размножува и утврдува баналноста!

Дошол, значи, Бан Ки Мун на седница на Генералното собрание и со тежок траор во гласот рекол: -Драги пријатели, ви ја носам најтрагичната вест, нашиот драг колега, Ѓорге Иванов, омилен меѓу својот древен и онеправдан народ како Хорхе, падна сабајлево во Ист Ривер!

- Обџекшн, обџекшн, драг, мој Бан - интервенирал Барак Обама - вие очигледно не знаете дека во тоа време покрај Источната река џогирал мојот омилен дипломат Џес Бејли, кој му подал рака и го извадил стариот Македонец од студената вода; така што, веста што ја соопштивте воопшто не е најтрагична - рекол американскиот претседател и ги повикал сите присутни со едноминутно молчење да го одбележат лошиот почеток на денот во меѓународната заедница!

Освен според оваа анегдота, американската турнеја на личноста што има папири, но во суштина лажно се претставува како претседател на Македонија и кој кај дел од јавноста на моменти оставаше впечаток на човек кој треба итно да се врати во установата од која избегал, беше забележана според тешкото оро на универзитетот Јејл и, се разбира, според мачната говоранција, со многу плунка врз микрофоните, што во познатиот игнорантски, бесмислен на прв поглед, фазон, ја одржа пред фрапираната Генерална асамблеjа! Да не говориме за неверојатното хахаха откритие дека сите земји можат да ги задржат своите млади луѓе ако направат просперитетни економии каква што Внатрешната македонска револуционерно-терористичка организација направи во Македонија!

Велат дека бавното американско оро на Иванов влечело кон венетските кореографии на првите Македонци (три чекора напред - сто и три назад) и дека низ тој ритам нашиот екстремно почитуван претседател ги растурил во парампарчиња ставовите на својот спасител, новиот американски амбасадор во Скопје, за словенскиот, во суштина, ситен, седумосмински, идентитет на етничките Македонци!

Малку потоа во Обединетите нации, без да трепне, Хорхе го замоли остатокот на светот да ја прифати македонската победа и грчкиот пораз во спорот за името и за евроатлантските интеграции, утврдувајќи дека судирот на цивилизираниот свет со Исламската држава е контекст во кој светот може и мора да ги маргинализира грчките фрустрации под притисокот на македонските аргументи на правото и правдата и под притисокот на безбедносниот вакуум што ќе се создаде ако НАТО и Европа тргнат во војната во Ирак и Левант без Македонија на своја страна! Тоа беа двете основни линии од неговиот говор на Источната река!

Вообичаената македоноцентрична и патетична композиција и интонација на тоа излагање, усогласени, а веројатно и диктирани кај вистинските идеолози на вмровската политика, а не кај Никола Груевски, покажуваат дека основната ориентација на власта до кога може ќе биде и натаму да не му дозволува на светот да ја спаси Македонија и на Македонија да се потспаси малку самата, без оглед на напорите што во тој подвиг ќе ги вложи меѓународната заедница или ќе треба да ги вложи режимот на чипираните идиоти во Скопјанг! Тоа не е аутизам, тоа е безобразност да се истрае во реализацијата на својата мисија не и покрај апсурдноста туку поради неа, користејќи ја неспособноста на домашната и на светска јавност да сфатат дека власта ќе ја тера таа политика сѐ додека не ја максимализира штетата односно не додека не ја спаси Македонија туку додека не се увери дека ѝ нема спас!

Одбиена е, значи, иницијативата на Меркел за неодложен компромис со Грција, одбиена е Нуланд со американските сугестии, одбиен е Брисел, одбиени се сите што за спорот за името и идентитетот мислеа дека е спор, а не јастук што врз главата на нацијата го стиска вемерето! Ја дискредитираа, во меѓувреме, феноменалната теорија на заговорот и сега сите што доаѓаат до единствениот разумен одговор за драмата на Македонија, молчат од страв и срам да не ги прогласат за луди и глупи! Но, целиот тој конструкт, сепак, почнува да се клати!

Го забележувате ли, почитувани читатели, системот во македонското и не само во македонското, распаѓање! Таа систематичност што се обликува на ретровизорот во кој се гледаат уште идејните основи на југословенскиот распад со контурите на воените, политичките, финансиските, кадровските и сите други бомби што ќе ги разорат постјугословенските општества, значи, не само новосоздадените бантустани, туку општествата, до нивото на умоболни структури што на моменти предизвикуваат жалење, а веднаш потоа го будат нагонот за повраќање! Значи не распаѓањето како неразумност туку како плод на некаков страшен разум за кој се сомневам дека ние на Балканот имаме доволно неурони за да го обликуваме, но имаме доволно злоба за да го операционализираме. Значи, ја забележувате ли таа темелна демонтажа, како кога се урива стариот оџак на некоја фабрика!

Во еден таков контекст, ВМРО можеше да смета на светскиот сервис на меѓународната заедница затоа што сите се надеваа дека тој ќе ги разглоби последните економски, политички, безбедносни и ментални пунктови на комунистичките остатоци, ќе ја динамизира општествената, политичката, социјалната и културната сцена, меѓу другото со апашанатското издигнување на новата елита, дека ќе го десубјективизира општеството на линијата на сличните интенции на западниот фактор кон другите западнобалкански држави и на тој начин ќе го намали неговиот отпор кон обликувањето на новите геополитички слики! И сѐ одеше добро додека евалуацијата се вршеше врз основа на демонтажата, но сондажите за можната контрола на теренот и на состојбите врз основа на новите содржини му даваат на Груевски категорично негативна оценка и во таа смисла сосема се јасни сигналите за свртување на расположението кон власта во Македонија! Луѓето почнаа да сфаќаат дека идејата за темелно преобликување на државата комитите ја префoрмулираа во идеја за растурање на Македонија (Волерс) што во сегашните геополитички консидерации особено е неприфатливо и, дури, опасно за Западната алијанса!

Така што може да се каже дека македонската ситуација во наредниот период ќе ја обликуваат или би можеле да ја обликуваат, следниве елементи:

1. Растечката свест дека историската мисија на ВМРО е исцрпена пред да биде завршена! Внатрешен израз на таа свест ќе бидат штрајковите и другите видови отпор и отворена борба и, што е многу важно, исмејувањето на режимот и на неговите ведети!

2. Скромните остатоци од Македонија даваат основа луѓето да се надеваат дека тука може да се обнови царството на пристојноста, на скромноста, на модерноста, на европскоста!

3. Чувството на одговорност за катастрофата ќе ја ангажира меѓународната заедница во обновата над вообичаеното ниво!

4. Опозицијата не смее да ја игра улогата на „ред бул“ за екипата на Груевски и да ѝ дава крила со идеите за преговори и со банализација на конфликтот со темите за техничка влада и праведни избори, туку да ја дефинира како злосторничко чудовиште кое ќе одговара материјално, морално и кривично и по таа линија да се труди да обезбеди мобилизација и културна клима за обнова на Македонија!

5. Без тоа, а можеби и со тоа, ќе биде неопходна нова конфигурација на политичките алтернативи!

6. Декомунизираната и девмровизирана Македонија може таа обнова да ја изврши, меѓу другото, врз база на демитологизација на темите за името и идентитетот и врз основа на свесната волја дека ќе се реконституира како модерен национален и општествен субјект!

7. Во врска со политичкото концептуализирање на овие заложби веројатно ќе биде потребно уставотворно собрание кое ќе ги удри конститутивните основи на Македонија во векот пред нас во сите сфери, со особен акцент на меѓуетничката област!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат