Книжевноста и животот

30.09.2014 08:20
Книжевноста и животот

Да се пишува, тоа извесно не значи да се наметнува некој (изразен) облик на некоја празност. Книжевноста повеќе е на страната на невообличеното, или на страната на недовршеноста, како што зборуваше и правеше Гомбрович. Пишувањето е ствар на постанувањето, секогаш недовршено, секогаш во момент на правење, ствар која го надминува секое живо или доживеано нешто. Тоа е процес, што ќе рече премин на Животот кој го надминува живеечкото и доживеаното. Пишувањето е неодвоиво од постанувањето: пишувајќи, некој станува-жена, станува-животно или билка, станува-молекула сè до постанувањето-несогледливо. Овие постанувања се вланчуваат едни во други следејќи посебна линија, како роман на Ле Клезио, или пак коегзистираат на сите нивоа, следејќи ги вратите, праговите и подрачјата што го сочинуваат целиот универзум, како во моќното дело на Лавкрафт. Постанувањето не оди во друга насока, и не се станува Човек, доколку човекот не се претставува како преовладувачки облик на израз кој претендира да се наметне пред секое нешто, додека жената, животното или молекулата секогаш имаат некоја состојка на отстапување со која бегаат пред сопствената формализација. Срамот да се биде човек, има ли подобра причина за пишување? Дури и кога се работи за жена којашто постанува, таа го поседува постанувањето-жена, а тоа постанување нема никаква врска со состојбата на која таа би можела да се повика. Постанувањето не значи достигнување некој облик (идентификација, подражавање, Мимезис), туку откривање на подрачјето на соседството, нераздвоеноста или неразлачивоста какви што веќе не можеме да ги разликуваме од една жена, едно животно или една молекула: ни неточно, ни општо, туку непредвидено, не-претходно-постоечко, дотолку помалку одредено во обликот со кој постанувањата се сингуларизираат во некоја популација. Подрачјето на соседството може да се воспостави со што било, под услов тука да се создадат книжевни средства, како она со ѕвездата според Андре Дотел. Помеѓу половите, видовите или силите нешто се случува. Постанувањето е секогаш „меѓу“ или „помеѓу“: жена меѓу жени, или животно меѓу животни. Но неодреденоста ја остварува својата моќ само ако она што треба да постане со себе самото ги одземало формалните обележја кои прават тоа да се каже како нешто одредено („тоа животно што се појавува...“). Кога Ле Клезио станува-Индијанец, тоа е некој Индијанец секогаш недовршен, кој не знае ни да „создаде ни да издлаби чун“: тој стапува во подрачјето на соседството повеќе отколку што добива формални обележја. Исто е кај Кафка со шампионот во пливање кој не умее да плива. Секое пишување допушта одреден атлетизам, но, далеку од тоа да го мири пишувањето со спортот, или од пишувањето да прави олимписки игри, тој атлетизам се извршува во повлекувањето и во органското одметништво: спортарење по кревет, зборуваше Мишо. Дотолку повеќе се станува животно бидејќи тоа умира; и, спротивно од спиритуалистичката предрасуда, животното е тоа кое знае дека умира и има за тоа сетило или претчувство. Книжевноста започнува со смртта на свињата-еп, следејќи го Лоренс, или со смртта на кртот, следејќи го Кафка: „нашите кутри мали црвени шепички држани во израз на нежно сожалување“. Се пишува за фоките што умираат, рече Мориц. Јазикот мора да се растегне за да ги достигне женските, животинските, молекуларните заобиколници, а секое заобиколување е смртно постанување. Нема прави линии, ни во стварите, ниту во говорот. Синтаксата е збир од нужни заобиколувања создадени за во стварите да се открие живот.

Да се пишува, тоа не значи да се прераскажуваат сопствените спомени, патувања, љубови, таги, сништа и призраци. Исто е кога ќе се згреши со претерувањето во стварноста или во фантазијата: во обата случаи станува збор за вечното тато-мама, едиповскиот склоп кој се проектира во реалното или се интроектира во имагинарното. Таткото кого што некој оди да го бара на крајот од патот, како во рамките на сон, знак е за детска замисла за книжевноста. Се пишува за сопствениот тато-мама. Марта Робер отиде докрај во оваа инфантилизација, таа психоанализација на литературата, не допуштајќи му на романсиерот друг избор освен да биде копиле или посвоенче. Дури ни станувањето-животно не е под заштитата на едиповската редукција, од видот „моја мачка, мое куче“. Како што вели Лоренс, „да сум жирафа, а обичните Англичани што пишуваат за мене да се љубезни, добро воспитани кучиња, ете сè, животните се различни... инстинктивно ќе го мразите животното коешто сум“. По општото правило, фантазмите ја третираат неодреденоста како маска за персоналното или посесивното: „некое дете е претепано“ брзо се преобразува во „мојот татко ме истепа“. Меѓутоа, книжевноста следи обратен пат, и се поставува само откривајќи ја под очигледните ликови моќта на имперсоналното кое не е никаква општост туку поединечност на највисок степен: некој човек, некоја жена, некој ѕвер, некој стомак, некое дете... Првите два лика не се тие што му служат на условот на книжевното изразување; книжевноста почнува дури откако во нас ќе се роди некој трет лик кој ни ја одзема моќта да речеме Јас („неутралното“ за кое зборува Бланшо). Секако, книжевните ликови се совршено индивидуални, не се ни нејасни ни воопштени; но сите нивни индивидуални црти ги издигнуваат до визија која ги пренесува кон неодреденоста како кон постанување за нив пресилно: како во случајот на Ахаб и визијата на Моби Дик. Шкртецот не е никаков тип, туку, спротивно, неговите поединечни црти (да се сака некоја млада жена итн.) прават тој да стигне до визија, да види злато, на таков начин што се растоварува во една вештерска линија со која ја добива моќта на неодреденоста - некој шкртец..., малку злато, уште злато... Нема книжевност без фабулирање, но, како што Бергсон умееше да види, фабулирањето, фабулативната функција не се состои од имагинирањето или проекцијата на некое сепство. Таа попрво ги достигнува своите визии, таа се издига сè до своите постанувања или моќи.

Не се пишува со сопствените неврози. Неврозата, психозата, не се премини на животот, туку состојби во кои се запаѓа кога процесот е прекинат, спречен, заматен. Болеста не е процес, туку негово сопирање, како во „случајот Ниче“. Така ни писателот како таков не е болест, туку попрво лекар, лекар на самиот себе и на светот. Светот е збир од симптоми чија болест се меша со човека. Затоа книжевноста се јавува како потфат на здравјето: не во смисла дека писателот нужно поседува некое големо здравје (овде ја сретнуваме истата двосмисленост како кај атлетизмот), туку да ужива едно неодоливо мало здравје кое доаѓа од она што тој го видел и сознал од стварите преголеми за него, пресилни за него, од кои не може да дише, чиешто преминување го исцрпува, пружајќи му сепак постанувања кои едно големо преовладувачко здравје би ги оневозможило. Од она што го видел и сознал, писателот се враќа со насолзени очи, разбиен слух. Кое здравје би достасало за да го ослободи животот насекаде каде што тој е затемничен со помош и внатре во човека, со помош и внатре во организмите и видовите? Токму малото здравје на Спиноза, онолку колку што трае, до крај сведочи за новата визија на која му се отвора на преминот. (1970)

Превод: П. В.

Слики: Ben Chen

[„La littérature et la vie“, Critique et clinique, Paris, 1993, 11-14.]

ОкоБоли главаВицФото