Скандалозно – Владата платила 50 милиони евра за инсталација од пластични шишиња „Вардар“

30.09.2014 09:43
Скандалозно – Владата платила 50 милиони евра за инсталација од   пластични шишиња Вардар

Скопје, 30 септември 2014

Уште еден скандал е на повидок: од анонимни извори Пара вести дознаваат дека Владата на Република Македонија платила 50 милиони евра за уметничка инсталација од пластични шишиња во скопската река Вардар. Имено, станува збор за инсталацијата „Изумрените риби“ која во суштина претставува случајно собрани пластични шишиња пред засега единствениот завршен брод-гостилница на скопската река кои, пак, во очите на уметницата, на граѓаните, на туристите, но и во очите на градските и државните власти би требало да ги претставуваат одамна изумрените риби во можеби најзагадената река во Македонија.

Она што е скандалозно во овој случај е износот што е платен за самата уметничка инсталација – педесет милиони евра. Она што е уште поскандалозно во случајов е што пластичните шишиња се донесени од самата река од нејзиниот горен тек поради зголемениот водостој, па испаѓа дека уметницата воопшто не се ни потрудила околу „уметничката инсталација“. Она што е можеби најскандалозно во овој случај е фактот што владата исплатила 50 милиони евра за обично ѓубре.

Авторката на оваа инсталација, Божана Валентиновска, не сакаше да даде никаква изјава за Пара вести. На прашањето на новинарот кое гласеше: „Дали сметате дека овој износ е превисок за вакво ѓубре?“, Валентиновска накратко одговори: „За парите е одговорен маж ми. Јас неам појма шо се случува деновиве. Во фрка сум“.

Од владата не сакаа да го коментираат најновиот скандал во кој премногу очигледно се испраа народни пари за лични потреби. Оттаму ни рекоа дека ќе се јават со соопштение деновиве, бидејќи во моментов се зафатени со организирање на туристичките капацитети во Охрид поради зголемениот вонземски интерес.