„Многу фала, Македонијо!“

30.09.2014 13:38
„Многу фала, Македонијо!“

Подолго време македонската медиумска сцена наликува на темен ѕид соѕидан од тврдите екскременти на режимската пропаганда; тој ѕид ја претставува службената вистина за нашата стварност. Тој ѕид го изгради Министерството на вистината на режимот на ДПМНЕ, претворајќи ги сите медиуми во ѕидни весници чиишто слоеви го облепуваат ѕидот на вистината. Претворањето на слободната медиумска сцена во огласна табла на тоталитарниот режим е изведено преку партиско окупирање на државните институции, регулаторни тела и јавниот сервис, преку сопственичко преземање на медиумите, нивно економско корумпирање, затворање на непослушните и создавање страв и автоцензура кај малкуте што сеуште сакаат да се чувствуваат како слободни и независни. Средствата за оваа операција на корумпирање и преземање на медиумите се откраднати од даночните пари на граѓаните, така што Владата стана најголемиот огласувач во Републиката, при што предметот на огласување стана таа самата. За таа противуставна цел режимот противзаконски ограбуваше помеѓу 20 и 50 милиони евра буџетски пари секоја година, или не повеќе од скромни 400 милиони евра за осумте години од македонската голгота. Тоа беше кражба на столетието, но занемарливо малку во споредба со општествената штета – загубата на демократијата и слободата, непроценливо поголема од вредноста на украдените пари. Како резултат на тоа, до друга вистина од онаа на власта на Груевски денес е можно да се дојде само ѕиркајќи низ неколкуте пукнатини на режимскиот пропаганден ѕид, низ кои сеуште трепери светлината на понекој слободен и непокорен медиум или интернет портал. Но, светлото од пукнатините не може да ја осветли целата библиска Македонија и, за да погледне низ нив, човек најчесто мора да се поткачи на темнокафениот „барокен“ ѕид или барем да се поткрене на прсти.

За жал, колку и да се поткренете за низ пукнатината да ѕирнете во белиот свет, и таму ќе налетате на соопштенијата на домашното Министерство за вистина, зашто тоа неуморно ја рекламира својата кауза во светските медиуми; се разбира, со парите на народот. Така, во бесконечната серија реклами емитирани на веројатно најголемата глобална телевизиска мрежа Си-Ен-Ен, серија наречена „Инвестирајте во Македонија“, деновиве може да се види еден питом и разумен раководител од „Џонсон Мети“ како зборува за тоа зошто оваа реномирана меѓународна компанија дошла во Македонија. На сопственото реторичко прашање зошто дошле во земјава, тој добродушно си одговара: „Па, квалитетот на работната сила и даночната ситуација се привлечни за нас, но морам да речам, дека помошта, охрабрувањето и ентузијазмот на македонската влада беше клучна. Така што мојата порака би била: ова е место лесно за бизнис. (...) Многу фала, Македонијо“. Се разбира, луѓето се способни да се прилагодат и на живот во концентрационен логор, а да не зборувам за „конфорниот“ фашизам на режимот на Груевски, па просечниот Македонец сигурно нема да почувствува ништо сомнително гледајќи ја рекламава по обилниот грав со бел леб и пинџур. Но, ако се подзамисли над значењето на зборовите, секој веднаш ќе разбере дека тука не се рекламира Македонија поради нејзината демократија и стабилност или поради пазарната слобода и неограничените можности за претприемништво, туку дека бесрамно се рекламира Владата на Македонија, односно првиот министер и неговата хунта. Со парите на граѓаните на Си-Ен-Ен ширум светот се рекламира владата на ДПМНЕ со клучната порака до компаниите дека коруптивната врска со оваа теоретски непроменлива, авторитарна и клептократска влада ќе им го направи лесен бизнисот во библиската земја. Се разбира, на штета на Македонија и нејзините граѓани. Воопшто не е случајно што корпоративниот војник на „Џонсон Мети“ како клучен фактор за бизнис во нашата земја ја посочува токму владата (читај: врхушката на ДПМНЕ) и неа спонтано и простосрдечно ја поистоветува со државата, зашто она „многу фала, Македонијо“ се однесува на владејачката хунта и на никој друг.

Ќе речете сигурно, почитувани читатели, што хистеризира професорот околу некоја реклама, кога сиве години илјадници такви режимот веќе ни истури врз главите и од јавноста направи медиумска септичка јама чијашто реа сосем ги затру и задуши сите наши сетила?! Но, сепак, рекламата е парадигматична, зашто во неа со обезоружувачки лесен и питок манир, и на толку јавен и беневолентен начин се дефинира фашистичката суштина на авторитарниот корпоративизам на ДПМНЕ. Имено, во рекламата се потенцира врската помеѓу корпорациите и политичката власт како клучна за функционирање на бизнисот и, се разбира, на државата. Оваа клучна врска се нарекува корпоративизам и се темели на претпоставката за општество-органско тело (corpus, corpora) во коешто се соединети народниот колективитет, државата, политичката и економската моќ. Поради оваа ненародна и недемократска врска помеѓу капиталот и политиката, корпоративизмот е најлошата варијанта на државниот капитализам и теоретски и практично вирее само во апсолутистички, авторитарни и тоталитарни системи. Каков што е нашиов.

Да заклучам. Само тоталитарна власт која ги укинала слободата, демократијата и плуралноста, е доволно арогантна јавно да го искажува својот перверзен нарцизам и со народни пари да се рекламира самата себеси (и своите корпоративни партнери). Само диктатура со фашистичка идеологија ја обезбедува и јавно ја слави „органската“ спојка помеѓу партијата, државата и корпоративниот капитал. Овој тоталитарен општествен концепт секогаш се реализирал со доследна примена на неговиот изворен клептократски мотив, а тоа е неограниченото богатење на партиско-корпоративистичката врхушка на сметка на сиромашење на целото население. И додека потпаѓа во сè подлабоко економско ропство, населението со свои пари ја плаќа рекламната порака: Инвестирајте во авторитарниот режим на Груевски!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат