Како не се организира штрајк

01.10.2014 09:29
Како не се организира штрајк

Неодамна, на семинар посветен на демократски вредности, слушав презентација за македонските синдикати. Уште пред да започне бев скептична, оти реално, не бев сигурна што направиле синдикатите од 1991 наваму за да можат да држат презентација за какви било демократски вредности. (Реално, тоа прашање можеме да го поставиме и за нашето цело општество, ама да не забегуваме од темата…)

Предавачот навистина се потруди да објасни, но проблемот беше во тоа што имаше многу малку за објаснување. Како и неколку други делови од нашето општество, синдикатите се вештачки органи создадени од власта, не од незадоволството на обичниот граѓанин. Како такви, никогаш не ја уживале апсолутната поддршка на своите членови, ниту пак биле моќни и компактни како некои од синдикатите во некои од развиените демократски општества.

Што не значи дека незадоволството не постои кај различните видови на работници во Македонија. О, постои, драги мои и тоа како постои. Но, сè уште нема заземено организирана форма на отпор кон неразумноста на владејачките структури. Македонските синдикати, во нивната денешна форма, само го одолговлекуваат процесот во кој отпорот на македонскиот граѓанин треба да се оформи. За како и зошто, би го земала за пример последниот неуспешен обид на СОНК да организира штрајк.

Во организирањето на кој било настан, кој било вработен или волонтер во невладина организација ќе ви каже дека постојат два главни дела: тематскиот и техничкиот. Тематскиот се однесува на темата (замислете!) која сакате да ја обработите и што сакате да постигнете со самиот настан. Дали станува збор за марш на розовите панделки, цртање графити, организирање на фестивал за деца со Даунов синдром, итн… Техничкиот дел се однесува на тоа како ќе ја спроведете идејата и како најуспешно ќеја пренесете пораката. Па тука се навлегува во луѓе што ќе бидат вклучени, креирање на визуелниот материјал (постери, социјални медиуми, пораки..), логистика од типот каде и како ќе се случи итн.

И во тематскиот, и во техничкиот дел, СОНК потфрли.

Прво, дали успеавте да ги најдете и прочитате барањата на СОНК? Каде било? Јас не. Иако сите знаевме дека се работи за 5 барања, коишто се занимаваа со висината на платите, водењето евиденција и нешто слично, никаде не успеав да најдам јасна листа на барања со коишто СОНК истапил на преговорите со Владата. Оти, прераскажувањата можат да нè однесат до Месечината и назад, но на јавноста никогаш не и беа објавени точните барања, онака како што ги има формулирано СОНК.

Знаете, драги мои, какво е чувството кога започнете да се чешате каде што ве каснал комарец, па никако не можете да престанете? И јас кога ќе почнам да поставувам прашања. Да не останам никому должна, ги побарав барањата директно од член на Синдикатот. Не можев да ги добијам, оти претставникот на СОНК (или СОНК) никогаш ги немаат директно испратено барањата до своите членови. Наместо тоа, претставниците на СОНК (во сите училишта до коишто искомуницирав ) ги имаат УСНО прочитано барањата до своите членови, што нормално значи дека мнозинството ги нема запомнето.

Го замолив дотичниот член на СОНК да го исконтактира претставникот на СОНК што ги има прочитано барањата и да ги побара барањата на СОНК во електронска форма. Никогаш не ги добивме.

Не сум во состојба да го коментирам тематскиот дел од обидов за штрајк на СОНК, оти никаде не може да се најдат конкретните барања. Но, де факто, СОНК не успеа да ги искомуницира барањата до своите сопствени членови, а уште помалку до пошироката јавност. Намерно или не, е друго прашање.

Второ, паролата на штрајкот беше објавена неколку дена пред штрајкот, заедно со визуелниот материјал (нема да навлегувам во тоа дали е визуелно добар или не). Како може, штрајк кој е најавен недели однапред, да излезе со порака за мобилизација неколку дена пред штрајкот? Дури и ако идејата е само членовите на синдикатот да го подржат штрајкот (што е дебилно), самите професори не беа запознаени со начинот и деталите за штрајкот до последниот момент. Во добар дел од училиштата, штрајкувачките одбори не беа формирани и се чекаше понеделник за да се формираат. Наставниците не знаеја дали ќе се доаѓа во наставничката канцеларија, дали ќе се започне во 7, 8, или кој кога сака? Среќа што се договорија СОНК и Министерството во недела, па некои не ни дознаа како бил замислен штрајкот.

Трето, целосно имајќи ја предвид тешката медиумска ситуација, не можам а да не забележам дека СОНК не направи активен обид за да пронајде сојузници во останатите групи граѓани. Имаше мал, но значаен број граѓани, меѓу кои и родители, кои беа подготвени да го поддржат штрајкот со свој протест. СОНК ниту излезе со повик, ниту даде насоки за начините на коишто останатите граѓани би можеле да го поддржат штрајкот на просветарите. (И можеби некој ќе рече „Не е местото на СОНК да зборува за другите граѓани“. Точно, но може да даде насоки за оние кои не се малодушни да го поддржат штрајкот.)

Драги мои, јас немам големи очекувања од идните преговори на СОНК со Министерството за образование. Секогаш кога ќе слушнете дека „се договориле дека ќе се договорат“, турете му сол. Ништо од тоа не бидува. СОНК ја имаше во раце заканата за штрајк која очигледно, и после сите закани и притисоци, беше доволно реална за Министерот да ги повика на разговор. Но, сега ја нема. Која е иницијативата за Министерот реално да промени нешто? Уште еден кобајаги штрајк?

Зошто СОНК ги направи грешкиве е прашање за посебна анализа. Дали случајно или не, СОНК уште еднаш разочара и потфрли пред своите членови и пред поширокото македонско општество. Наместо да остави наследство на достоинствен и принципиелен синдикат, СОНК покажа дека џабе му се илјадниците членови и името што го носи. Ниту ги застапува, ниту има право да зборува во име на сите оние коишто ги образуваат идните генерации.

Ве оставам со неколку прашања коишто и во моментов ми оставаат горчлив вкус: Зарем навистина условите за работа на професорите во Штип, Охрид, Свети Николе, Аеродром се на такво високо ниво, за тие да се откажат од поддршката за штрајкот? Дали навистина 22.000 денари се доволни за секој од членовите на просветната елита? Дали навистина 22.000 денари се вредноста што ја ставаме на образованието и воспитанието на нашите идни генерации? И уште поважно… Која е вредноста што им ја предаваме како пример кој треба да го следат? Дека е во ред да ги газат нашите права, сè дури ни фрлаат некаква си живеачка за да не изумреме? Како да очекуваме дека кој било од идните генерации ќе застане храбро на протест против кого било? Како да очекуваме дека ќе ги препознаат и ќе се борат против неправдите коишто ќе ги сретнат во животот?

Како да очекуваме која било професорка по историја да предава за „непокорот“ на македонскиот народ?

Извор: plostad.com.mk
Слики: Sergio Mora