Мојата линија на раздвојување е СК014

01.10.2014 09:35
Мојата линија на раздвојување е СК014

Моделите на рефлексија, коишто ги претставуваат моиве фигури, потсетуваат на склепани бротчиња. Се пуштаат во вода, се следат за да не потонат и се гледаат како се движат низводно и узводно низ „реката на времето“. Притоа, како што пишуваше Фернан Бродел, моментот на бродолом секогаш е најважниот момент.

Ханс Јоахим Нојбауер

 

Радмила Шекеринска го направи најголемиот гаф во својата досегашна политичка кариера, организирајќи сопствена деловно-семејна прослава во старо-новиот објект на МНТ, еден од најважните симболи на опасниот груевистички проект СК014.

Дека Радмила Шекеринска, некогаш најголемата македонска политичка надеж, подолго време е дел од скопските малограѓански шеми - не е некаква новост. Таблоидите чат-пат се бават со таа тема. Ништо страшно во ерата на сеопштата естрадизација и позерство. Исто така, дека опозицискиот блок, чијшто важен предводник токму е Шекеринска, се наоѓа во хронична политичка криза - и тоа главно е познато.

Но, дека Радмила Шекеринска ќе стане веројатно најважниот досегашен позитивен верификатор на СК014, најстрашниот политичко-културен проект во историјата на Македонија - тоа ретко кој можеше да го сонува (дозволувам, освен упатените во приликите; а не сум тој; јас сум меѓу стаписаните).

Ако СК014 е прифатлив проект макар и во ограничена смисла, тогаш пропаѓа целата критика на груевизмот, и во целина и во детали. Ако макар делумно може да се оправда СК014, тогаш нема никаков проблем да се оправдаат сите други свињарии на режимот, вклучувајќи ги апсењата на неистомислениците, празнењето на буџетот за приватни цели, уништувањето на медиумите итн. СК014 е центарот на малигноста која ја зафати земјава ширум и попреку. Сите други гадости кои ни ги приреди груевизмот овие осум години се производ или последица на неодбранливото лудило и деструкција наречено СК014.

Затоа во политичка смисла е непростлив гафот на Шекеринска (одбележувањето на годишнината на фирмата на нејзиниот сопруг во „барокниот театар со златните вецеа“). Што се однесува до мене, повторувам, потпретседателката на СДСМ во голема мера го изгуби својот политички кредибилитет. (Пострашна од Шекеринска ви мигов ми изгледа само опцијата на Лиле Поповска; додуша, и ИСИС ми е поприфатлива политичка варијанта од Лилето Поповска, една од најниските надморски точки на целокупната македонска политика во сите времиња.) Се разбира, свесен сум дека моето политичко гадење над гестот на Шекеринска е речиси ексцентричност, нешто повеќе-помалку сосема ирелевантно за македонските политички состојби. Свесен сум дека мојата категоричност по овој повод не ја делат дури ни мнозинството гласачи на СДСМ. Сеедно. Стојам до ставот дека гестот на Шекеринска е рамен на политичко самоубиство.

Низ нејзиниот најнов поразителен гест сфатив и друга важна работа: таквите кадри во СДСМ се совршено олицетворение токму на културно игнорантските политики на Бранко Црвенковски. Таквите политики, таквиот преовладувачки дух во СДСМ, всушност го создадоа теренот за непречено дивеење на еден историски и географски речиси невиден варваризам под кој живееме осум години. Така што, дополнително е шокантно што и после осумгодишното иживување на апашанатот (шапшаланатот), на структурите во СДСМ не им иде памет. По што се тие супериорни во однос на груевистичките потврдени штетници и имбецили?! Груевистите ве учат што е македонската историја (Ќосето и слично), ви печатат книги, ви ги учат децата, ви градат театри, музеи, цркви, институции... Груевистите ви го изградија српскиот империјален (бескрајно провинцијален) театар во кој вие, заедно со „фините“ груевисти („скопските снаодливи деца“ што се веселат дури и под чизмата на периферските билмези и силеџии) ги играте ритуалите на новите (бескрајно провинцијални) класи...

Зашто би ги бирал Заев и Шекеринска кога Груевски е многу поверодостоен владетел во амбиентот (СК014) што самиот си го изгради?! Ако амбиентот е океј - и Груевски е повеќе од океј! Иако, познато е, мислам сè најлошо за СК014 (треба или да се сруши или да се затрупа со земја, па да никне мало брдо во центарот на градот), сепак ми се чини дека дури и лудачкото СК014 е поразумен проект од сплескувањето, на пример, пар милијарди евра за патишта! Дури и во Хрватска, која годишно има седум-осум милијарди евра приходи од туризмот, патиштата се покажаа како сосема нерентабилен проект; замислете каков приход би носеле патиштата во опустошена, напуштена и мрачна Македонија?! Велам, СДСМ е склон кон вакви квазирационални критики на СК014 („подобро патишта отколку галии“), без да влезе во културната суштина на лудилото кое зрачи политичка радиоактивност од највисок степен.

Повторувам: нема што да бара во политиката оној кој не разбира дека СК014 е македонското диво месо.* . Ако Шекеринска и Заев мислат дека токму врз СК014 можат да изградат компромис со груевизмот - океј. Ако Заев мисли дека е разумна политика тоа што постојано му нуди договор на човек за којшто самиот има купишта (обелоденети и сеуште скриени) докази дека е криминалец - пак велам, океј. Играјте си ги политичко-мафијашките игри. 

Мојата линија на раздвојување, со вас, е СК014.

 

*
Идентитет на една нација не се прави по експрес постапка, во неколку мандати на една партија. Новиот Македонец не се прави со парчиња собрани по ѓубришта, болнички контејнери и месарници (а кајшто ќе зафали живо месо може да послужи и протетика; на тоа ли мислел Горан Стефановски со своето „Диво месо“?! Месо што нит на живо се смее, нит на мртво плаче? Се сеќавам и како Бред Пит и Едвард Нортон во „Клубот на борците“ правеа луксузен сапун од лојот на дебелите пациенти добиен после липосукција и фрлан во специјални контејнери, од каде што го крадеа славниве субверзивци; додуша, не беа двајца туку еден, ама „идентитарно удвоен“).

Можеби на некој Каспар Хаузер од дивината (така барем мислел доктор Франкенштајн, иако и во тоа се зафркнал!) можеш да му имплантираш „идентитет“ како крпеница од диво месо, кожи и конци (пачворк од Александар, црква, фонтана, JVS реклама, Самоил, Даме Груев, гипсени лавови и пластични лебеди, т.е. „лабудови, лавови, гипсани радови, силикони, џипови, спотови, клипови, арматура, цименат, квадратура, објекат, прави је моменат, да се угради проценат, урбано, урбано, само урбано“). Можеби таа несреќна крпеница можеш дури да ја научиш да го почитува „создателот“ и да изговара „тато“ (јал „создателот“ се викал Пигмалион, Франкенштајн или Груевски).

Иако сепак треба да се нагласи: наказноста можеби не е вистинскиот проблем на турбофолк проектот СК014, ниту на целокупната антиквизација. Проблемот е во фушерајот, во евтиноста на измамите, во мрзливоста и во некадарноста (башка она што го вели Рамбо Амадеус во својата песна „Урбано, само урбано“: „прави је моменат да се угради проценат“). Тие дупки што сега му ги задаваат на Скопје - ќе си останат дупки и лузни (и за тоа предупредуваше Горан Стефановски: „Ќе изгинете по некои дупки“).

Фотографиите се од филмот Fight Club (David Fincher, 1999)

ОкоБоли главаВицФото