Ситније, Циле, ситније (1)

01.10.2014 10:46
Ситније, Циле, ситније (1)

1.

Дека во суштина развиваме типична турбо-фолк култура веќе одамна не е спорно. И според остварувањата и според секојдневните манифестации. Турбо-фолкот ни влезе некако во крв, стана државна политика. Особено во културата. И формално и фактички. И буквално и метафорично. Нема ден без турбо-фолк изблици, нема активност без турбо-фолк сегменти инкорпорирани директно во сите пори на културното живеење. Сосе турбо-фолк луѓе за сите турбо-фолк времиња. Како оној Барабовски, пардон – Барбаровски, и дружината му. Ама кога би бил само тој. И всушност, најмалку е битно што во македонската култура царува турбо-фолк песната и „ситније, Циле, ситније“ логиката, „чаше ломим“ забавата и „излези момче“ идеологијата. Побитно е што тоа стана некаков репер, што се вдоми во сите институции од областа на културата, што стана начин на размислување и работење. И тоа она најпростачко, најпетпарачко фолкерско размислување и преточување на истото во пракса, при што, евидентно е, сите јавни укажувања и посочени – некогаш и сега – небулози на овој тип „културна политика“, немаат никакво влијание. Турбо-фолкот е практично неуништлив.

2.

Еден од омилените рефрени на оваа турбо-фолк политика, буквално преточен во културното ни секојдневие, е некогашниот познат рефрен на Лепа Брена „ситније, Циле, ситније“. И тој се применува од врвот до доле, од културниот буџет уситнет на стотици безначајни „проекти“, до најновата информација дека ние, денес, сме имале дури 54 реномирани уметници. Уситнето до зла бога, трошки на сите страни, зошто малку ама квалитетно кога може многу и – турбо ужасно. Уситнета турбо-фолк мисла, уситнет турбо-фолк карактер. За морал да не говориме!

Така, имено, онаа турбо-фолк библиотекарка која последниве години ја преоблекоа во водечки (заедно со „професорон“) „чаше ломим“ судија на македонската ликовна естрада, ги „објаснува“ објавените резултати од историскиот државен откуп на ликовни дела. Односно, како што нè просветлува фолкеркава, „овој откуп треба да го прославиме бидејќи е прв по три децении“ (sic!). Па слави го, „госпожа“, кога ти дошло до славење.

Се разбира, оваа типична турбо-фолк безочна лага е насочена кон помалку упатените, кон онаа јавност која што нема или не сака да има дневни контакти со македонската култура и уметност. Ваква турбо-фолк измислица може да искаже персона со турбо-фолк морал и образ, некој кој навистина нема врска ни со македонската култура, уште помалку со македонската уметност. Ако до вчера се чудевме на лагите на политичарите, коишто сепак можевме да ги припишеме на нивната вообичаена необразованост и незнаење, сега се привикнуваме на општиот безобразлук, на масовната лажливост, на манипуланти од секаков маштаб и „професија“.

Она што зачудува е индиферентноста на останатите членови на таа Комисија, кои работеле и работат во институциите од областа на уметноста и кои така лесно преминуват преку ваквите ординарни лаги на фолкеркава. Очигледно денес оваа турбо-фолк културна политика нè потсетува дека никој не е имун на нејзиниот вирус и ситните бенефиции, дека селективниот неморал треба да стане општ неморал!

И за да добие приказната убава розова заокруженост, фолкеркава повторно нè просветлува дека тие откупиле дела од 54 реномирани македонски уметници, набројувајќи само пет-шест имиња кои навистина ја заслужуваат таа придавка. А кои се останатите? Зошто не ги објават сите имиња, па да се чудиме уште малку како тоа ние во моментов имаме тоолку реномирани уметници, а не ги знаеме? И од кога тоа, ве молам, Коџоман, Мазневски, Ташовски, Аџиевски и компанија станаа реномирани македонски уметници? Па и Лена Стефанова, ако сме веќе кај тоа? Тоа ли се критериумите на „Комисијата“, или се тоа некакви други турбо-фолк и „излези момче“ критериуми? Којзнае што ли друго се крие на тој список и кој сè не е унапреден во „реномиран македонски уметник“?!

3.

Но, целата оваа турбо-фолк популистичка акција, пред којашто, гледаме, со поклониле и оние уметници кои ги мислевме барем малку послободоумни, затскрива или открива редица други симптоматични аспекти коишто никој ни сака да ги види, уште помалку да ги коментира.

И нема (и) овој пат да должам со тоталната заспаност (или страв?) на надлежните професионални асоцијации (ИКОМ и АИКА) што некој туку-така им го одзема на музеите најсуштествениот дел од нивната работа, нема да елаборирам што тие асоцијации би требало да направат со нивните членови кои учествувале во работата на оваа „Комисија“, нема да укажувам на личниот и професионалниот неморал на тие луѓе и нивните јанусови ликови … Нема да го коментирам ни ставот на македонските уметници кои, учествувајќи на еден ваков конкурс, се ставаат директно во функција на популистичка и политичка манипулација. Наместо нивните дела да се откупат од соодветни, надлежни и стручни институции, нив ги откупува државен орган. Токму како во 1945 година. Па и тогаш државата била поумна и полиберална па повикала неколкумина реномирани уметници и историчари на уметност во нејзино име да (от)купуваат дела. Но, денес, токму во стилот на „ситније, Циле, ситније“, и македонскиот уметник е фолкеризиран до крајни граници што веќе, очигледно, изгубил секаков критериум.

Но, што ќе се случеше ако македонските уметници, барем еднаш во животот, покажат, да простите, м..а, и речат дека не сакат да учествуват на таков популистички конкурс? Можна ли е воопшто таква приказна во наши услови? И овој пат покажаа дека не е можна.

Но, што би се случило и кога надлежните македонски институции – Националната галерија, МСУ, Музеј на град Скопје и др. – утре, кога овие исти уметници ќе дојдат со идеи за изложби, ќе им ги затворат вратите и ќе ги испратат во Министерството таму да им прават изложби? Па нели институциите се неспособни да изберат нивни дела, а оние во Министерството се способни? Па нека одат тогаш таму! Се разбира, ни тоа нема да се случи. А кога ќе се случи, једног лепог дана, дури тогаш ќе можеме да кажеме дека сме созреале како култура, како општество, како држава.

4.

Но, на страна она што не вреди (по којзнае кој пат) да се коментира. Има два интересни, да не речам жални аспекти, што треба да се коментираат.

Прво, вреди да се коментира односот на целата таа „Комисија“ кон интегритетот и искажаниот став на уметниците кои своите дела, при понудата на конкурсот, ги вреднувале така како што ги вреднувале. Односно, секој ставил некаква цена, за којашто смета(л) дека е доволен паричен надомест за неговото / нејзиното дело. Ама повторно заборавиле со кого си имаат работа, заборавиле на нашиот актуелен турбо-фолк менталитет и неговите застапници, дека не може уметникот да си го вреднува (парично) делото. Иако тоа претходно го побарале од него. Но сега повторно на сцената влетува познатата ни фолкерка која што ни објаснува дека „можеби некои од авторите нема да бидат задоволни бидејќи нивните цени беа повисоки“, односно „такви беа условите, бевме принудени да ги намалиме цените“ (sic на квадрат!). Што ќе рече, „стручњаците“ седнале и им одрежале на сите некакви урамниловени износи – главно околу две, три илјади евра – за да има мир в куќи. И волкот сит и овците на број.

Со парите што им биле на располагање (4 милиони денари) реално можеле да откупат не повеќе од 7-8 солидни дела, еве нека се десет. Како „стручњациве“ откупиле педесетина, или повеќе? По турбо-филк логиката на „ситније, Циле, ситније“. На секого по малку, секому по две-три илјади евра и марш у пм. Има да молчите зашто и тоа нема да ви го дадеме. И овие кутриве, повеќето веќе бели во главите, седат таму и уште се радосни. Може и се избација со фолкерката, којзнае, онака, од благодарност? Нема врска што тие ставиле – се кладам – цени од (барем) десетина илјади евра, односно толку колку што му бараат на секој смртник кој ќе се осмели да влезе во нивното ателје и да праша за цени на нивните слики. Ама кога е во прашање државата, е тогаш може и за две-три илјади. Па нели ви е барем малку срам, шутраци ни едни? А бидејќи фолкеркава, и останатите, знаат дека овие не смеат да писнат, им режеле како прекупци на Бит-пазар: кому две, кому три илјади евра, само да можат да се пофалат дека откупиле едно чудо дела. А да им дадевте по сто евра, ќе откупевте 650 дела! Од сите македонски „уметници“. Ама тоа чувајте го за следниот пат.

5.

Што е уште поинтересно, на сета оваа уметничка проституција глас не пуштаат ни најповиканите за случајот – галеристите кои практично живеат од цените на делата на македонските уметници. Прошетајте низ Скопје и побарајте да купите дело од некој од спомнатите уметници за две-три илјади евра. Ќе ви се изнасмеат и ќе ве прогласат за нетокму. Во скопските галерии, исто како и во уметничките ателјеа, цените се барем двапати повисоки. Најчесто три.

Ама галеристите молчат. Молчат и уметниците. И каков е тогаш личниот и професионалниот морал на овие уметници кои на галеристот, и граѓанинот, му ја нудат робата / уметноста по една цена, а на државата – по друга, дампинг цена? И зошто? Граѓанинот е можеби побогат од државата? Или државата е тооолку повредна од граѓанинот па неа ќе ѝ продаваат по багателни цени? Или тие нешто должат па мора и на ваков начин да се откупуваат, како оние со донираните споменици? Каква „уметничка“ фарса!

И зошто сите тие гооолеми македонски уметници не дојдоа директно во македонските музеи да ги понудат своите дела по тие багателни цени? Да се појавеа пред некоја година господата Чемерски, Шемов, Станковски, Маневски и компанија во институциите и ги понудеа делата по две-три илјади евра, ќе им беа откупени комплетните ателјеа. Зошто мораше да се оди преку прекупец? Заради турбо-фолк популизмот?

И зошто државата не спроведе иста таква „политика“ и во другите области туку ја користи културата и уметноста за вакви експерименти? Зошто, на пример, не откупи илјадници фрижидери по багателни цени и нека ги продава на граѓаните по дампинг цени во однос на трговијата? Зошто граѓаните треба да плаќаат две-три илјади евра за фрижидер, ако можат истиот да го купат за пет стотини евра во Министерството за економија?

„Ситније, циле, ситније“!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Erik Svetoft

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото