Невработени мрзливци

01.10.2014 12:13
Невработени мрзливци

Минатата недела Џон Бејнер, претседател на Конгресот, ѝ објасни на публиката во институтот American Enterprise што го спречува вработувањето во Америка: мрзливоста. Луѓето, вели тој, „некако мислат... не морам да работам. Не сакам да го работам ова. Подобро ми е да седам дома“. 47 отсто, Бетмен!

Секако, тоа не е првпат некој истакнат конзервативец да изговори такво нешто. Откако финансиската криза нè турна во рецесија, десницата го повторува рефренот дека невработените не се трудат доволно, дека уживаат благодарение на големиот надомест за невработените, кој упорно го дефинираат како „плаќање на луѓето да не работат ништо“. И поривот да се обвинуваат жртвите на депресираната економија се покажа отпорен на логиката и доказите.

Но сепак е неверојатно - и поучно - што дури и денес слушаме вакви тврдења. Зашто екипата која ги обвинува жртвите доби сè што бараше: бенефициите се скратени или елиминирани, посебно за долгорочно невработените. Така, сега имаме говори против „пропалиците“ на социјална помош, иако тоа не се пропалици - никогаш не ни биле - и социјалната помош ја нема. Зошто?

Да почнеме од почетокот: не знам дали луѓето сфаќаат колку беше успешна кампањата против секаков вид помош за оние кои не можат да најдат работа. Но податоците се впечатливи. Пазарот на труд во последно време се поправа, но сè уште има речиси три милиони Американци кои се без работа подолго од шест месеци, што е најчесто максималното траење на осигурувањето за невработените. Тоа е речиси трипати повеќе од вкупниот број невработени пред рецесијата. Па сепак, продолжувањето на помошта за долгорочно невработените е елиминирано - а во некои држави траењето на помошта е скратено.

Резултатот е тоа што повеќето невработени се пуштени низ вода. Само 26 отсто невработени Американци примаат некаква помош, што е рекордно низок број во последните неколку децении. Вкупната вредност на надоместот за невработените изнесува помалку од 0,25 отсто од БДП, што е двапати помалку отколу во 2003, кога стапката на невработеност беше отприлика иста како денес. Не е претерано да се каже дека Америка ги напушти своите граѓани кои се без работа.

Просто е неверојатно, но овој излив на бесчувствителниот конзервативизам не доведе до бран нови работни места. Минатата недела Нејтан Дил, републиканскиот гувернер на Џорџија, се пожали дека во многу држави во кои републиканците се на власт е забележан раст на невработеноста, сугерирајќи дека федералните власти изнесуваат лажни податоци. Но можеби омилените десничарски мерки не функционираат?

Ама тоа е тема за друга колумна. Моето денешно прашање се однесува на психологијата и политиката: од каде толкав анимозитет кон невработените, толку силно уверување дека тие се извлекуваат во време кога всушност трпат незапамтено строг третман?

Како што знае секој што ја проучувал британската политика во време на големиот глад во Ирска, надмената суровост кон жртвите на катастрофата, посебно кога катастрофата ќе се развлече, е честа појава во историјата. Меѓутоа, републиканците не беа отсекогаш такви. Во триесеттите години на минатиот век го осудуваа Њу дил-от и се залагаа за пазарни решенија - но кога Алф Ландон ја прифати кандидатурата за претседателските избори во 1936, ја истакна „јасната должност за водење сметка за сиромашните додека не се постигне закрепнување“. Можете ли да замислите слична изјава на некој од денешната Републиканска партија?

Дали станува збор за расизам? Во американската политика треба да се има на ум оваа хипотеза. Вистината е дека повеќето невработени се белци, и дека тие го сочинуваат уште поголемиот процент на корисници на помош за невработените. Но, конзервативците можеби не го знаат тоа и ги третираат невработените како дел од нејасно дефинирана, црномуреста маса „земачи“.

Меѓутоа, претпоставувам дека пред сè станува збор за затворен информативен круг на современата десница. Во земја во која републиканските гласачи добиваат нешто што мислат дека се факти од Fox News и Раша Лимбо, каде партиската елита добива нешто што го смета за политичка анализа од институтот American Enterprise или фондацијата Heritage, десницата живее во сопствениот интелектуален универзум, сосема несвесна и за невработеноста и за тоа како живеат невработените. Би можело да се помисли дека личното искуство - бидејќи речиси секој има познаници или роднини кои не можат да најдат работа - некако ќе допре до свеста, но изгледа дека нема да допре.

Какво и да е објаснувањето, господинот Бејнер очигледно рече нешто што тој и сите околу него навистина го мислат, нешто што си го велат едни на друго кога не очекуваат дека ќе ги чуе некој друг. Некои конзервативци се обидуваа да го поправат својот имиџ, говорејќи дека ги разбираат несреќните луѓе. Но нивната партија всушност верува дека ако е човек сиромашен или невработен, самиот е виновен за тоа.

Извор: The New York Times, 21.09.2014.
Слики: David Delruelle

ОкоБоли главаВицФото