Важен дел од невладиниот сектор даде забелешки по нацрт амандманите на Уставот

02.10.2014 13:00
Важен дел од невладиниот сектор даде забелешки по нацрт амандманите на Уставот

ДО: ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ПРЕДМЕТ: ЗАБЕЛЕШКИ, ПРЕДЛОЗИ И СУГЕСТИИ ПО НАЦРТ АМАНДМАНИТЕ НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ДОСТАВЕНИ ОД СТРАНА НА ФОНДАЦИЈА ОТВОРЕНО ОПШТЕСТВО - МАКЕДОНИЈА, ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, КОАЛИЦИЈА СЕКСУАЛНИ И ЗДРАВСТВЕНИ ПРАВА НА МАРГИНАЛИЗИРАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ, МАКЕДОНСКИОТ ЦЕНТАР ЗА ЕВРОПСКО ОБРАЗОВАНИЕ И ЛГБТИ ЦЕНТАР ЗА ПОДДРШКА

ДАТА: 29 СЕПТЕМВРИ 2014 ГОДИНА, СКОПЈЕ

Почитувани,

Како предлагач на уставните амандмани XXXIII, XXXIV, XXXV, XXXVI, XXXVII, XXXVIII и XXXIX, а во согласност со заклучоците на Собранието на РМ од 27 август 2014, ви ги доставуваме нашите забелешки, предлози и сугестии во врска со Нацрт амандманите.

На 17 септември 2014 година спроведовме јавна расправа која беше отворена за јавноста, а на која како говорници беа поканети лица за кои сметавме дека можат стручно, отворено и со конструктивна критика да го дадат своето видување по однос на Нацрт амандманите. Како резултат на нашите и стручните ставови искажани од учесниците на јавната расправа, ви доставуваме забелешки и предлози за секој Нацрт амандман поединечно.

Сепак, во овој воведен дел би сакале да ја изразиме нашата општа забелешка за измените на Уставот. Тоа што особено нè загрижува е отсуството на демократска атмосфера во процесот на менување на највисокиот правен акт. Како никогаш досега овие измени на Уставот се спроведуваат со голема брзина, несоодветна консултација со јавноста и во отсуство на опозицијата од Собранието на РМ.

Дополнително, неприфатлво е носење крупни уставни измени без за тоа да постои соодветна стратегија и јасна цел. Според тоа, јавноста не само што не е запознаена со целите на уставните измени, туку не ѝ се познати ниту последиците и промените кои овие измени ќе ги имаат врз општествениот живот. Понатаму, кусите и неиздржани образложенија на Нацрт амандманите укажуваат на неодговорниот пристап на Владата при креирањето на најзначајните правни акти.

Имајќи го сево ова предвид, бараме од Владата да ги повлече Нацрт амандманите. Уставот на РМ треба да остане акт кој ги гарантира слободите и правата на човекот и граѓанинот и кој ги поставува темелите на функционирањето на државата, а не акт кој ќе го руши суверенитетот на државата и кој ги претставува идеолошките заложби на актуелната владејачка партија.

Во продолжение следат забелешки и предлози за секој Нацрт амандман поединечно. (заб. ур.: На Окно ги пренесуваме само препораките; интегралниот документ е овде)

АМАНДМАН XXXIII – Редефинирање на бракот и вонбрачната заедница

Препорака: Нацртот на амандманот е во директна спротивност на духот на Уставот на РМ и неговото усвојување би значело повреда на неколку уставно и меѓународно гарантирани права и слободи на граѓаните. Ова особено се однесува на правата на приватност, семеен живот и заштита од дискриминација. Вториот став на Нацртот на амандманот со кој се дефинира регистрираната вонбрачна заедница од страна на Владата е предложен без притоа да се почитува постапката за пристапување кон уставни измени. Со обезбедување апсолутно мнозинство гласови Собранието исто така не ја почитувало предвидената постапка и утврдило Нацрт амандман кој ја дефинира вонбрачната заедница, а за тоа претходно ниту било посочено, ниту образложено од предлагачот, ниту била обезбедена двотретинска поддршка од пратениците. Поради овие причини Нацрт амандманот мора да биде повлечен од страна на предлагачот, а доколку тоа не се случи Собранието не смее да постапува по евентуалниот предлог на амандманот.

АМАНДМАН XXXIV – Меѓународни финансиски зони

Препорака: Овој Нацрт амандман е во спротивност со македонскиот Устав, со меѓународните норми и практики и со правото на Европска унија. Ваквите меѓународни зони или поедноставно кажано off shore дестинации не се карактеристични за демократски развиени земји. Доколку Република Македонија сака да продолжи на патот на евроатлантските интеграции и да се гради како демократска земја, нужно е предлагачот овој Нацрт амандман да го повлече во целост. Во случај овој Нацрт амандман да се усвои од Собранието на РМ, мора да постојат силни гаранции дека Македонија нема да стане дестинација каде би завршувале криминални пари, мора да се воведат правила за спречување на перење пари, да се почитуваат правилата на политиката на конкуренција, како и да се направи економска анализа која би ги покажала економските придобивки за Република Македонија од воведувањето на ваквата зона.

АМАНДМАН XXXVI – Државниот завод за ревизија како уставна категорија

Препорака: Овој Нацрт амандман треба да биде повлечен од страна на предлагачот.

АМАНДМАН XXXVII – Регулирање на јавниот долг и буџетскиот дефицит

Препорака: Предлагачот својата искрена намера за водење одговорна фискална политика може да ја покаже и со воведување законско решение по примерот на Словачка. Во законот за фискална одговорност на Словачка се утврдени истите фискални правила како и предложените од страна на Владата на РМ. Но, законот на Словачка воведува дополнителни прагови на јавниот долг пред постигнувањето на ризичниот праг од 60% од БДП. Така, се утврдуваат 4 граници на јавен долг. Првата граница е кога јавниот долг ќе достигне 50% од БДП. Достигнувањето на оваа граница предвидува образложение (EXPOSE) за состојбата на финансиите на државата од министерот за финансии. Вториот праг е достигнување на 53% од БДП и бара намалување на платите на вработените во јавниот сектор и замрзнување на јавните расходи на ниво од последната година. Достигнувањето на јавен долг на 57% од БДП предвидува буџетот за наредната година да има суфицит. Достигнувањето пак на јавниот долг на границата од 60% носи политичка одговорност, односно се покренува постапка за доверба на Владата. Потребно е Владата да предложи уставни измени кои ќе содржат детално разработени фискални правила, кои ќе предвидуваат политичка одговорност и мерки за постапување при надминување на одредени граници.

АМАНДМАН XXXVIII – Деполитизација на Судскиот совет

Препорака: Со цел да се избегне можноста судиите членови на Судскиот совет да го изгубат непосредниот контакт со редовното судство, неопходно е да им се дозволи да продолжат со извршувањето на судската функција. Во насока на обезбедување стручност и компетентност од страна на членовите на Советот кои не се судии, потребно е да се предвиди дополнителен услов за нивно членство кој ќе се однесува на професионалното искуство и постигнувањата во струката. Во оваа смисла, пожелно е членовите од редот на адвокатите да бидат избирани од Собранието по предлог на Адвокатската комора на РМ. Иако од теоретско-правен аспект решението со кое се предвидува Уставниот суд на РМ да одлучува по жалби на одлуките на Судскиот совет е издржано, не може да се каже дека во моментов Уставниот суд е орган кој ужива општествен углед од аспект на неговата компетентност и независност. Деполитизацијата на Судскиот совет преку исклучувањето на министерот за правда како негов член не смее да се замени со друг орган преку кој политиката би добила уште понагласено влијание врз судството.

АМАНДМАН XXXIX – Уставна жалба

Препорака: Овој Нацрт амандман треба да биде повлечен од страна на предлагачот и да се донесе во процес својствен за демократски општества. Односно, во рамки на опсежна стручна и јавна расправа и со учество на опозицијата во процесот на измена на Уставот. Доколку Собранието сепак продолжи да расправа по Предлог амандманот, индивидуалната заштита пред Уставниот суд треба да се однесува на сите основни права признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, без нивно поединечно набројување во соодветниот член на Уставот. Доколку амандманот биде усвоен, Уставниот суд треба да пристапи кон транспарентна и партиципативна постапка за измена на деловникот, со кој ќе треба се определи: ефектот на одлуките на Судот; постапката за одлучување и организирањето на Судот во соодветни одделенија / совети; рок за постапување и други значајни прашања кои ќе треба да обезбедат ефикасна заштита на човековите права.

Доставено од:

Фондација отворено општество – Македонија
__________________________
Владимир Милчин, извршен директор

Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и ЛГБТИ Центар за поддршка
__________________________
Уранија Пировска, извршен директор

Македонски центар за европско образование
__________________________
Бојан Маричиќ, извршен директор

Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници
__________________________
Ирена Цветковиќ, извршен директор

Извор: www.mhc.org.mk
Слики: The Royal Art Lodge