Изложба „Фрлај и зимај“ во КуЛа

09.10.2014 02:29
Изложба „Фрлај и зимај“ во КуЛа

Во независниот културен центар „КуЛа“, после летната пауза од изложби, којашто од друга страна беше исполнета со програма од филмски проекции, концерти на отворено и дружби, ќе се изложуваат цртежи и слики во мал формат, од повеќе млади македонски уметници.

Изложбата со наслов „Фрлај и зимај“ ќе биде отворена во петок, 10 октомври од 20:00 часот, а публиката ќе може да си земе од изложените дела, при што ќе остави парична донација по желба, неопходна за опстанокот на овој алтернативен изложбен простор.

Секој посетител ќе може да земе најмногу два цртежи и слики по 23:00 часот, на крајот на изложбата и дружењето.

„КуЛа“ се наоѓа во преуредената стара кафана „Градска Кула“, а како што стои во нивниот Манифест, движечкиот мотив на овој вибрантен уметнички простор одржуван од ентузијазмот на група млади луѓе е следниот: „Таму долу, на земјата, владеат луѓе со ниски страсти, ниски вредности, ниски идеали... Копавме по тој отпад на човековата креативност и спасувавме сè што можеме за да почнеме да ја градиме кулата со надеж дека ќе стигнеме доволно високо да подишеме чист воздух…“