Наместо „Честит 11 октомври“, денот на востанието на македонските слободари против фашизмот

09.10.2014 13:45
Наместо „Честит 11 октомври“, денот на востанието на македонските слободари против фашизмот

Последниве години многумина новинари, политичари, аналитичари, професори, поранешни дипломати, интeлектуалци, колумнисти, обични граѓани, пред сè луѓе со лева, антифашистичка, демократска и слободарска определба, постојано ја анализираат и критикуваат актуелната тегобна реалност и мрачното секојдневие во кое преживуваат ограбените и осиромашените граѓаните на Македонија. Во тие анализи нема дилеми: во Македонија брутално и безмилосно владее една безочна авторитарна власт. Тој модел на бесрамно, бездушно и сурово владеење не е нов. Добро е познат во историјата. Тој модел се нарекува просто: диктатура. Поради таа брутална и корумпирана власт и поради нејзините безумни постапки, Македонија забрзано исчезнува од картата на цивилизираниот свет. Токму затоа граѓаните на оваа земја треба да бараат промени на власта која руши сè и остава помор зад себе. Оркестрирана од локалната етнократија и директно диригирана од македонско-албанската коалиција, таквата власт ја држи иднината на Македонија во свој залог. Тоа безумно побратимство по зло и алчност, сочинето од недораснати и фрустрирани јуноши на власта, е рак раната на Македонија.

Промената на власта, остранувањето на етнократската дикататура, во мигов е повеќе од нужност. Меѓутоа, немањето силна и вистинска демократска опозиција и опција која ќе биде контратежа на тоталитарниот режим, е всушност најголемиот проблем за граѓаните на земјава.

Македонската опозиција, онаа којашто денес неоправдано се кити со името на СДСМ и чиишто недооформени партиски лидери ги злоупотребуваат антифашистичките и слободарските традиции на КПМ, СКМ и НОБ, е всушност кочница во генерирањето промени во Македонија. Од тој СДСМ што тврди дека ги продолжува традициите на македонските партизани слободољубивите граѓани на Македонија очекуваат да застане на браникот на слободата и да биде знаменосец и огноносец во борбата против новиот фашизам во Македонија. За жал, СДСМ ниту нуди визија за иднината на земјата, нуту има идеја за тоа каква Македонија сака да гради заедно со сите граѓани. Со тоа СДСМ не само што го губи својот кредибилитет, туку го губи и својот легитимет на лево ориентирана, слободарска, антифашистичка партија.

Во својот нов пристап на патот кон промена на власта и најавувањето нов почеток, опозицијата користи само „нова“ методологија и стратегија, „нова“ форма - и ништо повеќе. Новата пропагандна етикета „пет организациски столба“ за доближување до „народот“, воопшто не ја менува суштината на проблемот. Ирелевантно е дали борбата на СДСМ и на опозицијата за рушење на диктатурата и враќање во „нормала“ се служи со институционални или вонинституционални методи, ако тој „нов“ пристап е само празна форма. Aко во таа понуда нема суштинска промена, ако нема визија, ако нема отворање хоризонт на надеж за една поинаква Македонија, тогаш таквата „борба“ останува само нивна гола борба за власт и привилегии.

Особено е битно тоа што кај новото раководството на СДСМ отсуствува токму таа визија на еден нов свет, отсуствува повик за градење вистински граѓанска, демократска, рамноправна, слободна Македонија. Отсуствува концепт за држава од сите и за сите граѓани.

За да има вистински промени и нов почеток, самоповиканите лидери на опозицијата пред сè мораат да разберат дека не треба да се држат само сувопарни и неинвентивни конференции за печат, да се издаваат бирократски партиски соопштенија и да се организираат јалови излети-пикници и самодоволни дружења. Не треба само да се покажува со прст кон диктатурата и нејзиното грдо и корумпирано лице. Не треба да се оди „долу меѓу народот“ и да се тропа од врата на врата, само и само за да може лицемерно да се покаже „блискоста со народот“. Не треба да се маргинализираат од сопствените редови тие кои мислат поинаку. Не треба да се решаваат внатрешните спротивности со закани и уцени. Не треба да се продава демократија во сталинистички чизми. И секако, токму тие „јас па јас“ лидери треба да знаат дека СДСМ не е нивна приватна сопственост.

Борци на Третата македонска народноослободителна ударна бригада, 1944

За да се создадат промени и нов почеток треба да се има голем сон за иднината на својата земја, а пред сè треба да се има голем личен и морален интегритет, да се има достоинство и високи културно-политички стандарди. Треба да се има оган во срцата и умовите кој го осветлува патот кон иднината.

За да се донесат демократски промени не треба да се плаче наоколу дека власта не чини. Не треба да се моли и куми ниедна авторитарна власт за дозвола за промени. Таква власт секоја силна опозиција ја приморува да си оди. Треба, значи, да се има и храброст и знаење и искуство и голем политички слух за да може да се слушне и артикулира гласот на гладните, изманипулирани и исплашени граѓани на Македонија, за тој глас да се претвори во бескомпромисен императив:

ГРУЈО, ОДИ СИ!

Пораката од граѓаните е напишана на ѕидот, но големото его од малите провинциски сокаци им го замаглува видот на политичарите, за да можат да ја видат.

Не се менува мрачната реалност и не се гради кредибилитет кај осиромашениот граѓанин преку флертување со власта и додворување на гласачкото тело нудејќи му еден неавтентичен популизам во замена за друг. Тоа се опасни манипулации. Мора да се разликува доброто од злото.

Не се донесуваат промени со кредитна картичка на Дајнерс клубот во раскошните чанти на лидерите и со нивно учество во малограѓански годишнини во криминално изградени барокни објекти. Со таквите „глaмурозни“ и „приватни“ славења само се релативизира лудата инаугурација на примитивизмот, кичот и невкусот. Со таквото политички неодговорно однесување ѝ се дава легитимитет на бруталната фашистичка власт и на нејзиното политичко-идеолошко и урбанистичко насилство над Скопје и Македонија. Со таквите самобендисани постапки им се дава кредибилитет на гробарите на Македонија. Каков парадокс, насилно исфрлените пратеници од македонското собрание со радосни насмевки итаат на веселба во палатата на кичот со која власта толку многу се гордее!? Да, парите не мирисаат!?

Марковиќ Јосип Леко, водач на партизански единици во Хрватска, со колешка партизанка

Не се стекнува авторитет и доверба кај граѓаните со манипулации, сплеткарење и завршени магистерски студии преку дописни он-лајн сесии и двонеделна посета на летни курсеви на некој американски универзитет. Со тоа може само да се сее магла и да се лицитира и аплицира на пазарот на ДПМНЕ. Но не може и не смее да се манипулира со умот и разумот на граѓаните на Македонија.

Не се гради, исто така, чесна, слободарска, демократска иднина на Македонија со организирање селски панаѓури, карневали, маскенбали, или со гостење и флертување со пеачки порно ѕвезди, или пак со „позлатување“ на турбо-фолк ѕвезди со крвави раце. Со такви примитивни постапки може за момент да се задоволат суетите и ниските страсти на организаторите и на заблудениот народ, на локалните големци од калливите македонски сокаци, но со тоа не може да ѝ се понуди подобра, почесна, посреќна, побогата, достоинствена и цивилизирана иднина на Македонија.

Не се менува реалноста со затворени видици, со светоглед од перспектива на жаба, со извртена самоперцепција.

Колку и да се залaжуваат македонските граѓани, тие сфаќаат дека нема промени и нов почеток со постојано политикантско избегнување на опозицијата да застане во првите редови меѓу социјално истоштените граѓани кои секојдневно го искажуваат својот протест против очајните состојби во образованието, здравството, економијата, стопанството, во борбата за еднакви права на различните, обесправените и дискриминираните. Неморално и недолично е да не се застане јасно и цврсто, одлучно и солидарно, рамо до рамо со обесправените и да не се споделува нивната судбина. Тоа е долг и морална обврска на секој слободољубив политичар антифашист, на секој граѓанин со интегритет. Нема промени и нов почеток без марширање не чело на колоната во битката со режимот во Македонија. Нема промени и нов почеток ако не се знае како да се поведат граѓаните со себе во борбата за слобода.

Партизани во Скопје, ноември 1944

Неморално е од комфорот на партиската фотелја да се бараат откажувања и жртвување од другите, но не и од себе. Неморално е да се молчи, да се калкулира и да се чека вистинскиот момент за промена на режимот.

Нема промени и не се гради иднина со снобови, властољупци, среброљупци, лицемери, комформисти, опортунисти и кукавици. На таквите, како и на Грујо, мора да им се рече: „Одете си!“

Светското искуство нè учи дека, исто така, нема промени кога се прифаќа перверзната замка на власта, дека незадоволството на граѓаните и нивните секојдневни протести, штрајкови, нивната очајна состојба, не треба да се политизираат и да се користат во политички цели. Каква наивност! Сè е политика. Сè! За оние што не знаат, политиката е процес, збирка мерки и постапки со кои се одредува, уредува и организира животот во полисот, градот-држава, во заедницата. Не постои ништо што не е поврзано со животот и благосостојбата на граѓаниот во полисот, односно што е надвор од сферата на неговиот животен интерес. Да! Сè е политика и од неа не треба да се стравува и да се бега. Да се биде дел од политичкиот процес е човеково право и граѓански долг кон сопствените деца и кон идните генерации.

Меѓутоа, нема да дојде до промени и сè додека македонските граѓани не се разбудат од својата летаргија и не осознаат дека тие, како поединци и единки, не само што се производ на општествените услови, на своето домашно воспитување, на културата во која живеат и на образованието кое ги оформува, туку дека тие - граѓаните, самоосвестените мажи и жени, се истовремено моќната сила која ги менува околностите и неподносливата состојбата во која се наоѓаат. Граѓаните на Македонија мора да престанат да бидат сеирџии на своите судбини и слуги кои чекаат некој друг да им ја донесе слободата на тацна. Граѓаните на Македонија мора конечно да излезат од македонската задимена крчма, контаминирана со пизма, омраза и јалово себесожалување и да си ја земат судбината во свои раце. Македонските граѓани мора да се ослободат од сервилниот синдром „свиткана глава сабја не ја сече“ и да се превоспитаат. Главата горе!

Граѓаните што ѝ слугуваат на фашистичката власт и на стерилната „нежна“ опозиција, скроена и раководена по мерка на диктаторот, ризикуваат да изгубат сè - од слободата до интегритетот и идентитетот.

Партизанска болница во Кавадарци, 1944

Нема промени и нов почеток, сè додека разбудените граѓани не си ја земат Македонија назад од канџите на нејзините ограбувачи. Граѓаните на Македонија мора да се изборат за држава која е цивилизирана и толерантна кон различностите, која е инклузивна и отворена, држава во која власта је црпи својата вистинска моќ и сила од поединецот, од поединечниот глас на нејзиниот граѓанин Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, а не од колективот и од безимената толпа, од несвесното заведено стадо сокриено зад поимите македонски, албански или турски народ. Нема промени и нов почеток без визија за Македонија како заедница со хуман лик по мерка на најзините цивилизирани граѓани.

Нема промени без визија за Македонија како граѓанска, слободна и демократска држава фундирана на еден витален принцип: строгата и бескомпромисна поделба на извршна, законодавна и судска власт меѓусебе независни, но кои меѓусебно и заедно со граѓаните се контролираат со цел да се одбранат слободата и демократијата.

За демократијата и слободата не треба само да се зборува или академски дистанцирано да се теоретизира, како што не се теоретизира ни за потребата од воздух, вода и храна. За слободата човек секојдневно мора да се бори за да ја освои, а кога ја има да је чува. Слободата човек ја чува не за себе, туку за сите граѓани во државата. Слободата нема цена и не се продава.

Сите оние од опозицијата, вклучувајќи ги и нејзините несозреани лидери, кои си играат со слободата, можат слободно да си одат заедно со Грујо.

Нека ни е честит 11 Октомври, денот на востанието против фашизмот, граѓани на Македонија!

(Авторот е театарски режисер кој последните години работи како директор на Poesis Theatre Project)

ОкоБоли главаВицФото